Не било политичко силување, „власта си го барала“

Се направија „три круга околу“, односно се направија три средби во три недели, демек ете се дебатира, се расправа, аргументира, а сѐ е само лоша политичка глума

Брзо откако се постави прашањето дали ќе имаме политичко силување за обезбедување парламентарно мнозинство, или пак избори, го добивме одговорот не само дека ќе има избори туку и кој е жртвата на таквото политичко силување. За обезбедување парламентарно мнозинство и власт, легитимна да преговара со Бугарија за планот 5+1 се приклучи Алтернатива, која до вчера бараше одговорност и гласање недоверба на истата влада со која сега склучи договор.
Да, да, Алтернатива се правда дека гласањето недоверба на Владата било избрзано, под влијание на „лошо друштво“ на Алијансата за Албанците (АА) и ВМРО-ДПМНЕ. Да, да, дека Алтернатива избрзала со недовербата на Владата, не дека Алтернатива е најголем губитник по локалните избори и очајно бара можност да се закачи во власта, за да обезбеди простор за клиентелизам, според нашите политичари неопходно за партиски опстанок. Алтернатива е најголем губитник на локалните избори, бидејќи не победи никаде. Беса, која излезе од Владата и гласаше за владината недоверба, го направи тоа по победата во Тетово. И кога не успеа недовербата во Владата, јасно беше дека Алтернатива е очигледен кандидат за проширување на парламентарното мнозинство. Се направија „три круга околу“, односно се направија три средби во три недели, демек ете се дебатира, се расправа, аргументира, а сѐ е само лоша политичка глума.
Дека е лоша политичка глума покажа договорот меѓу СДСМ и Алтернатива. Во договорот нема за програмските цели, особено за остварување на ЕУ-интеграциите, но затоа има за колку министри, заменик-министри и директори ќе добие Алтернатива во новата влада. Патем, Зоран Заев преговара за влада што ќе треба да ја состави друг кандидат за премиер. И, секако, во договорот има неколку пиар-трикови за дефокусирање, како наводно политичките монтирани судски процеси и развојот на Липково. И наместо за дискусија за договорот, дел од јавноста падна во замката на пребројување колку министри од која етничка припадност има. Голема загриженост искажаа и членови на владината коалиција, како Павле Трајанов. Дури и во јавноста како такви декларирани либерали и борци против дискриминација се јавија со барања за рамковен договор за Македонците. Каков изблик на ксенофобија и разоткривање на борците за „едно општество“. Секако, тоа не е намерата на владиниот пиар, намерата е дефокус од самиот договор и по можност навлекување на ВМРО-ДПМНЕ во „националистички наратив“. Бидејќи брзо ќе се заборават Павле Трајанов и другите како бројот колку министри се етнички Албанци, ама ќе остане дека тоа го правела „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ. Тоа има за цел да го минира коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ со етнички албански партии, особено откако коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и АА функционираше на локалните избори. Ако се растури локалната коалиција во Скопје, тоа би довело до блокирање на Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје, и саботирање на управувањето со Скопје. И секако се намалуваат шансите за коалиција на парламентарните избори, која има големи шанси да биде победничка. Секако, имиџот за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ е неопходен и за плашење на меѓународната заедница.

Денг Ксиопинг, „архитектот на модерна Кина“, рекол: „Не е важно дали мачката е црна или бела, сè додека фаќа глувци“. Затоа владиниот пиар сака да има расправа за кој етникум се министрите, а не за тоа дали даваат резултати. Сѐ ќе се направи само да не се говори за ефективноста на Владата. Дури ние пребројуваме функционери, со договорот уште еден „пркосен“ функционер Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО, се трга од функцијата. За потсетување, додека Владата и директорот на ЕСМ раскажуваа енергетски бајки, Куштрим Рамадани алармираше за енергетската катастрофа. Или дека уште еднаш се „избриша подот“ со реформите на јавната администрација и ветеното намалување. На првиот зорт се враќаат министри без портфолио, се зголемува бројот на министри, а нема сомнеж дека партискиот глад ќе се задоволи со нови вработувања и ново зголемување на јавната администрација. За извршителите на функции главата ќе си ја чука новиот премиер и сите ние.

И развојот на Липково е посебна приказна. Нема нималку сомнеж дека Липково е најмалку развиената општина во Македонија по сите можни критериуми. Но тоа главно не било поради недостиг од финансиски можности, туку поради неспособност на локалната самоуправа. За илустрација, по конфликтот во 2001 година имаше значајни финансии за постконфликтна рехабилитација. И многу повеќе финансии отидоа во Сарај, каде што, за разлика од Липково, немаше борбени дејства. И таму и таму, етнички Албанци, не е дека некој го мрази Липково, туку Сарај имаше многу способно раководство предводено од тогашниот градоначалник Имер Селмани, а Липково го немаше тоа. Сарај имаше проекти, Липково немаше. Верувам дека и сега проблемот е ист и дека без посебна проектна единица нема да има ништо од развој на Липково.
Со разврската го добивме и одговорот за тоа кој е жртвата на најновото политичко силување. На почетокот не беше јасно кој е силувачот, а кој е жртвата, дали се тоа Гаши и Алтернатива или Зоран Заев и СДСМ. Сега е јасно дека тоа се Зоран Заев и СДСМ, бидејќи „власта си го барала“. Туку Зоран Заев, кој ќе вози мотори со Венко Филипче, не ќе е баш жртва, туку идниот премиер на Македонија. И секако сите ние!

***
Честит 9 Декември – Меѓународен ден на борбата против корупција. Поддршка за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата. А за Владата, за ЈО и судовите, не е важно остварувањето на програмата, туку судски завршени случаи на висока корупција!

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк@sklek