(Не)успешни избори или (не)реални очекувања?

895

Наодите на истражувањата што беа нападнати од партиите, особено од СДСМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ, како неточни се потврдија

Првиот круг на претседателските избори на 21 април помина и даде одговор на повеќе прашања, вклучувајќи ги и оние за успешноста на изборите. Изборите се успешни, не од агол кој кандидат каков резултат остварил, туку од најважниот агол, демократскиот. Изборите беа успешни бидејќи беа добро спроведени и поминаа фер и демократски, без поплаки од учесниците во изборите. Другите аспекти на успешноста, како одзив или самите резултати, зависат од аголот од кој се гледа, и оцената за (не)успешни избори е поврзана со (не)реалноста на очекувањата.

Од низата прашања на оваа тема, е дали (нискиот) одзив на гласачите на изборите од околу 42 проценти или околу 755.000 гласачи е (непријатно) изненадување. Одзивот од 42 проценти, за многумина низок одзив, не беше изненадување за повеќето аналитичари, освен за тие со нереални очекувања. На крајот на март, пред почетокот на кампањата, во „Три или четири кандидати“, засновано на постојните анкети прогнозираниот одзив беше од 44 до 48 проценти. Од февруари во „Самостојни претседателски избори“ и потоа во повеќе наврати потсетував на историјата на избори во Македонија. Од сите избори, претседателските избор се со најнизок одзив (висок легитимитет, ниски овластувања), па потоа локалните избори, и со највисок одзив се парламентарните избори. Одзивот на гласачите е рефлексија на перцепцијата каде е власта. Затоа од 2004 година наваму претседателските избори се одржуваат заедно со локалните и со парламентарните избори, а и се намали прагот за одзив од 50 на 40 проценти. Изборите во 2009 година беа заедно со локалните избори, а во 2014 со парламентарни избори. Во самостојниот втор круг во 2009 година имало околу 760.000 гласачи или нешто над 42 проценти. Во самостојниот прв круг во 2014 година имало околу 870.000 гласачи или малку под 49 проценти. Во контекст на локалните и парламентарните избори и партиската мобилизација за нив, самостојните кругови биле со одзив од 42 до 49 проценти.

Надвор од историјата, влијанието и на фундаменталните прашања и на кампањата главно се одразува на одзивот на изборите (и тоа ќе влијае на исходот). Два елемента укажуваа на постигнатиот одзив: црната кампања и #БојкотирамПИ. Во вториот дел од кампањата почна да преовладува црна кампања, која обично има негативен ефект на одзивот. #БојкотирамПИ исто така имаше одреден ефект, во анкетите на ниво на 10 проценти наспроти референдумскиот бојкот на околу 22 проценти. #БојкотирамПИ влијаеше и врз одзивот општо и посебно врз резултатот на Гордана Сиљановска-Давкова, бидејќи се чини дека бојкотот има поголем број приврзаници меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ отколку меѓу СДСМ. Потврда за тоа е што кампањата на Гордана Сиљановска-Давкова ќе се фокусира на овој сегмент во кампањата меѓу двата круга.

Оттука одзивот е во рамките на очекувањата, засновани на историјата и истражувањата на јавното мислење. И не само одзивот туку и резултатите се во рамките на очекувањата, секако не на партиите, особено не на СДСМ, во рамките на очекувањата засновани на истражувањата на јавното мислење. Во предизборието беа објавени истражувања на „М-проспект“, ИПИС, „Рејтинг“, МЦМС/ИДСЦС и сите укажуваа на изедначен резултат на Пендаровски и Сиљановска или благо водство на Пендаровски. Наодите на истражувањата на „М-проспект“, кои беа нападнати од партиите, особено од СДСМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ, како неточни се потврдија. Се потврди дека Пендаровски и Сиљановска се изедначени, дека Сиљановска води меѓу гласачите етнички Македонци (водство во 47 општини претежно етнички македонски), дека Река води меѓу гласачите етнички Албанци, вклучувајќи и меѓу симпатизерите на ДУИ (водство на Река во Тетово или, пак, Арачиново, исклучок е Чаир), дека Сиљановска води во Скопје итн. Ваквите резултати се резултат на партиските убедувања на гласачите и се рефлексија на фундаменталните прашања, вклучувајќи ја не само состојбата на економијата.

Во однос на (не)успешноста на изборите и (не)реалните очекувања на партиите, најдобар одговор дава нивната невербална комуникација. И за локалните избори во 2017 година и сега за претседателските, ги коментирав изборите во телевизиско студио. И во двата случаја, многу кажуваше молкот од една од партиите, тогаш ВМРО-ДПМНЕ, сега СДСМ. Молкот покажуваше дека работите не се одвиваат според очекувањата, кои се потврдуваат како нереални. Дали изборите беа успешни, резултатски, за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ многу зависи од (не)реалноста на очекувањата. Неблагодарно е да се споредуваат резултати на референдум со овие резултати, и да се толкува успешноста на Пендаровски или на СДСМ. Перцепцијата за неуспешноста на Пендаровски или на СДСМ, ја изградија самите со очекувањата за водство од 8 до 10 проценти. Очекување, кое не само што е нереално, туку е контрапродуктивно за самиот резултат, бидејќи очекувања за сигурно водство ја намалуваат мотивираноста и го намалуваат одзивот.

И покрај одзивот на гласачите, начинот на кој заврши првиот круг на изборите е најдобар можен начин за можна успешност на вториот круг на 5 мај.

Авторот е аналитичар
Изјава за судир на интереси: авторот е советник за истражувањата на „М-проспект“ и МЦМС
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019