(Не)правен факултет

2553

Бев уште во раните гимназиски години кога таткото на мојата најдобра школска другарка, а потоа и близок пријател на моите родители, инаку правник по професија, низ разговор кажа дека најсигурна професија е правната. Како сега да го слушам како вели: „Државите/режимите се менуваат, ама правници се секогаш потребни. За нив ќе се најде место во разните сфери на општеството“. Не знам дали на ум го имал (и тогаш актуелниот) тренд на бирократизација (зголемување на администрацијата, а неа главно ја сочинувале правници) или сметал дека дипломата од правен факултет може „флексибилно“ да се употреби. По игра на случајот, јас не само што завршив Правен факултет (тогаш имаше само еден, овој на УКИМ) туку таму ги добив и магистерската и докторската титула. Иако предавам на соседниот, Филозофски факултет, овој сè уште го чувствувам како свој. Минаа генерации, моите професори заминаа во пензија, моите тогашни асистенти се наближуваат кон тој праг, некои од колегите со кои сум студирала сега се професори – па токму од таа позиција ќе си земам слобода да напишам нешто за катастрофалната улога што мојот факултет ја одигра во пропаста на оваа држава. Можат да ми се лутат (впрочем, таму и „заборавиле“ дека сум им колешка и не ме сметаат за жива), но оваа тема е една од ретките за кои не сум пишувала, а која на некој начин ги опфаќа сите други актуелни прашања.

Поттикот дојде од еден фејсбук-коментар, во кој една гневна жена ме праша: „Има ли правници во оваа држава? Зошто само коментирате и критикувате на социјалните мрежи? Не може ли нешто да се стори со правни средства, зошто овие треба да одговараат пред законот исто како што јас одговарам ако минам на црвено светло на семафор?“ Верувам дека на жената ѝ дошле преку глава сите неправни, противправни и криминални дејства што во краток период ни се сервираат на „ачик“, без срам и перде… Пендаровски (и самиот правник) дава мандат за формирање влада на противуставен начин, а се консултирал со „еминентни правници“, кои, наводно, му дале експертско мислење. (Инаку, целата јавност виде дека „зеленото светло“ трепна од Калето, со молскавичен твит со кој се честиташе доделувањето на мандатот, иако под исти околности како и оној даден на Груевски во 2017 година, кој мина – како што мина.) Чинот истовремено го поздрави бившата министерка за правда, професорка по уставно право, која си се самопредложи за член на Венецијанската комисија. Професорката Силјановска, што и да каже во овие околности, ќе ја сметаат за партиски наклонета, а истото важи и за Апасиев.

Ги преслушував изјавите на мојот поранешен професор Шкариќ, дадени во времето кога Пендаровски се викаше Иванов, експлицитно ги посочи сите противуставни елементи на тогашната ситуација, која е чиста реплика на сегашната. Но до овој момент не сум го чула да се огласи во врска со „новиот Иванов што го крши Уставот“. Но и дури и да каже нешто, дури и ако тоа држи вода, тој останува запомнет по својата (кетманска) улога на човек што легитимираше кршење устав за повисоки цели во 2018/2019 година. Сакате да ве потсетам за „историската улога“ што ја одиграа Љубомир Фрчкоски, Владо Поповски, Лазе Китановски, Владо Камбовски? Или можеби за авторот на приватизацијата, Тито Беличанец (еден од најслабите професори што сум ги имала!), а чиј пример неодамна го искористи Нина, спасувајќи четврт милион евра од банка? Ах, зарем да ги заборавам уставните судии? Кој од кој поанонимен (како правник), поисплашен, етнички и партиски лојален, послушен и тивок! Ах, за малку да заборавам дека и Катица Јанева е производ на тој ист факултет! И нејзините колешки, судиите и обвинителите, и сите други инволвирани во правораздавањето, и не само во тој судски процес.

Бившите студенти на мојот факултет судеа за тероризам, па едни случаи застаруваа, други се тегнеа, трети се ослободуваа, а четврти лежат во затвор за нешто што е дел од репертоарот на секое протестно движење и/или обоена револуција (само што овие носеа погрешни бои). Се сеќавате на кршењето на процесните права на обвинетите и нивните адвокати? Ако некој факултет бил легло за испилување политичари и носители на функции, тогаш тоа е токму овој, во шлагот на тортата во ликот на еден Бучковски, кој не отиде да отслужи казна затвор затоа што имал испитна сесија.
Имаме ние и врвни правни експерти, не е дека немаме, ама кога е „густо“, тие пишуваат анонимни анализи и толкувања на Уставот и законот, а медиумите уверуваат „името ѝ е познато на редакцијата“. Можам да набројувам до бескрај, но дел од примерите доаѓаат токму од внатрешното функционирање на факултетот за неправо, но и нивната „советничка“/замешателска улога во многу универзитетски одлуки и процеси (Правниот факултет, а особено неговиот декан, секогаш си имале некаква посебна „аура“ за преостанатите членови за универзитетот и неговите тела, па во случај на потреба секогаш се велело: „Ајде да ги прашаме правниците!“). Е, тие правници ни ја запржија чорбата и во високото образование.

За волја на вистината, во времето кога бев млада и зелена, и брзав со одличен успех и за 3,5 години да дипломирам, некои професорски фигури дури и ме фасцинираа. Требаше да минат доста години да ја слушнам вистината за нивната недостојна и злосторничка улога во судењето на Ченто и на сите „непријателите на системот“ (биле обвинители, судии, сенешто имало меѓу моите професори, кои веројатно цел живот немале мирен сон – ако задржале малку морал во себе). Единствен што ми останал светол пример цел живот е, се разбира, Ѓорѓи Марјановиќ. Кога се појавив да преполагам, т.е. да ја поништам „деветката“, тој беше не само изненаден туку и многу среќен. Откако успеав да ги минам сите сцили и харибди, ми честиташе со една огромна десетка, и ме праша дали планирам да останам на факултетот. Му реков дека би сакала, ќе продолжам со образованието, ама во насока на политичките науки. Тој ме советуваше: „Немојте, во вас седи одличен кривичар.“ Кога гледам кој сѐ го сочинува кривичноправниот систем, си велам среќа што не го послушав. Ќе бев несреќна, очајна, и најверојатно ќе го напуштев по некое време. Полуписмени правници ќе најдете во секоја пора во општеството: од адвокатурата, локалната и централната администрација, инспекциите, јавните установи, па до невладините и новинарската фела. Тоа е прашање за (не)квалитетот на образованието (особено кога се сведе на тригодишни студии по ЕКТС плус две години, па сите се магистри). Но другата страна на паричката е кетманската улога на институцијата.

Не дека целиот УКИМ, или универзитетски систем, се има истакнато изминативе години, но, ете, сосема субјективно, посакував мојот факултет да биде подобар од сите, да биде авангарда и промотор на владеењето на правото. Сега се срамам што ги имам дипломите од Факултетот во кој седат луѓе што мигрирале од наука во политика и назад, кои изгубиле компас, а некои од нив биле еминенции или суфлери, кои наплатувале дебело за своите услуги.
На онаа жена што ми постави прашање на Фејсбук за правниците се обидов да ѝ кажам дека целава каша во државата и нејзиното систематско разнебитување е дело токму на луѓе со правнички дипломи, па и докторати. Тие се соучесници, а не спасители. Ја креирале оваа држава, која е повеќе територија отколку земја со поредок, или директно, со чинење, или пасивно, со нечинење, небранење на правото, ами негово релативизирање и виткање ‘рбет пред домашните и странските моќници (те мирот е поважен од правниот поредок, па реалполитика е во прашање, те мора да се трпи, те немаме што друго да правиме, моќните се силни – might is right). Во една од видеоснимките од почетокот на 2017 година, на трибина во организација на „Цивил“, професорот Шкариќ (седнат до Осман Кадриу – кого не смеам да го изоставам од листава на правници по општа практика, што чуда прават од каучук) мудрува и убаво ја цитира првата жена членка на француската академија со мислата дека на прво место мора да е моралот, на второ правдата (што не е исто што и право), а на трето место е политиката.

Само една година подоцна го смени мислењето, не вербално и експлицитно, ами имплицитно легитимирајќи ги моќта и неморалот заради цели што се над моралот и правдата. Но важно среде пандемија владеењето на правото морало да се почитува – и тоа да се докаже врз најмладите, затоа што не смеело без законска основа да се реорганизираат траењето на часот и големиот одмор. Монти Пајтон може вода да ни носи – или да се препороди со нашиов театар на апсурдот.
Но да се вратам јас на стариот добар Маркс и тезата дека правото не е ништо друго туку волјата на владејачката класа преточена во закон (т.е. принуда за другите, а привилегија за творците). Попусто романтизирање на моќта и силата на правото, па уште и прикажано како израз на правда, нештата се многу поприземни. Толку приземни што и дупло дно не ги опишува. Но затоа пцовката на еден професор по право е вистинскиот одговор за сето неправо во име на божемното право и човековите права.