Некролог за Европската Унија

3897

Поранешниот ЕУ-амбасадор, Ерван Фуере, порача: „Инклузивната јавна дебата, на национално и на локално ниво, ќе биде од суштинско значење за на граѓаните да им се обезбедат сите потребни информации, врз основа на кои тие би донеле одлука, дали да ги прифатат условите од договорот или не. А времето е кратко. Ако Владата одлучи да одговори на обвинувањата дека ѝ недостигала транспарентност во водењето на преговорите, кои доведоа до договорот, преостанатото време таа мора да го искористи, добро да ги употреби сите ресурси што ѝ се на располагање, за да почне дебата низ целата земја“. Ајде да тргнеме по ред да ја расчлениме оваа порака. Прво, ова што Фуере го нарекува „дебата“ e, всушност, кампања. Апелот дека Владата треба да го искористи времето и сите ресурси е легитимација на кампања што е во тек, наспроти законските рокови. Заради „повисоко добро“, Фуере предлага да се пренебрегне овој факт (веројатно и нему му е доста од легалисти и си вели „аман од тоа право!“), а квадратни ладата очигледно го послушала. Така, фејсбук-постовите во кои министри го „објаснуваат“ договорот оди со назнака „спонзорирано“.

Кој ги спонзорира? Смее ли да прима спонзорства или троши буџетски средства? На владината интернет-страница каде што е изложен договорот, веќе на самиот почеток се презентирани куси пораки и толкувања, а со цел или да се влијае на оние што имаат намера да го прочитаат договорот, или да ги обесхрабри – зошто да читате сложен текст на 20 страници, кога ви нудиме „соџвакана верзија“ на која треба да ѝ верувате. Оставете тоа што странски професори велат дека и ним им е тешко да ги одгатнат сите правни замки на она што личи на аншлус. Министерството за одбрана се расфрла со пари не само за колачиња, туку и за „торти“ – грантови за невладини организации, кои допрва ќе пропагираат НАТО или пропаст.

Најважниот дел од пораката на Фуере е во зборот „инклузивна“. Тоа значи сеопфатна, дебата што би ги вклучила сите аспекти на договорот, но и на референдумското прашање. Дебата и кампања се различни нешта: во првиот случај сите различни мислења (на пример, за НАТО, ЕУ и за договорот) имаат ист третман и можност да се елаборираат критички, додека кампањата значи некритичко наметнување на сопственото мислење како најдобро. Законот за референдум и други форми на непосредно изјаснување утврдил дека за референдум овластениот предлагач може да води јавна пропаганда на свој трошок. Кога државата е овластен предлагач (на неуставен) референдум, таа води кампања од парите на сите граѓани.

Располага со огромна моќ во користење на сите ресурси заради убедување на граѓаните, додека секоја спротивставена позиција останува речиси без средства за објаснување на својот став. Се користат суптилни и не толку суптилни методи на убедување, вклучувајќи и помош на професори психијатри, кои тврдат дека сите што се против „светлата иднина“ се деструктивци, шизофрени или параноични личности, кои не ѝ сакале добро на својата држава, која сега требала да добие „имотен лист“ (!?). Ова со имотниот лист открива од каде дува ветрот, а делењето дијагнози по колективна основа зборува само по себе за моралот и знаењето на професорот.

Власта инсистира дека прашањето морало да се стави во контекст на НАТО и ЕУ, па затоа да почнеме со деконструкција на едната „света крава“ – Европската Унија. И просечно информиран човек знае во каква егзистенцијална криза се наоѓа таа, нешто што Макрон постојано го повторува. Како најдобар и најобјективен показател за состојбата, која оневозможува сериозни чекори во насока на проширување, се научните дела напишани последниве години. Во 2013 година Јирген Хабермас ја објави книгата „Кризата на ЕУ: Одговор“, во која тврди дека носителите на одлуки во ЕУ премногу внимание посветуваат на банкарската и должничката криза, игнорирајќи ја политичката димензија. ЕУ е претворена во технократија, која му се приспособува на финансискиот пазар. Наредната година, Џорџ Сорос и Грегор Шмиц објавуваат книга со наслов „Трагедијата на ЕУ: Дезинтеграција или обнова?“. Во 2016 година е објавена друга со уште повознемирувачки наслов „Европската Унија: Некролог“, чиј автор е Џон Гилинхам, професор и член на Британската академија. Негова централна теза е дека низ годините, таа го загубила компасот и станала сила за антидемократска централизација и некомпетентно водење јавни политики, и како таква не е способна да остане релевантна во глобализираниот меѓународен систем. Една од најновите публикации е дело на група европски автори (социолози, економисти и политиколози) под наслов „Кризите на Европа“.

Иако авторите прават круцијална грешка изедначувајќи ја ЕУ со Европа, сепак даваат голем придонес во осветлување на причините заради кои ЕУ се соочува со најдлабоката криза во својата историја, а која е всушност збир на повеќе кризи, кои се преклопуваат и заемно зајакнуваат, создавајќи кумулативна низа на предизвици кои се закануваат на самиот нејзин опстанок. Нивниот заклучок гласи: првпат во нејзината историја, денес постои реален ризик дека ЕУ би можела да се распадне. Причините за тоа, овие научници ги наоѓаат во слабостите на нејзината конструкција, како и на процесите што довеле до нејзиното создавање, или со други зборови: одлуките што го направија можен развојот на ЕУ, истовремено ги креираа и условите за појавата на мултидимензионалната криза со која се соочува денес. За оние што сакаат да загребат малку зад лакираната фасада на она што овде се прикажува како бајка, како ветена земја, не само како светла, туку и како загарантирана иднина (доколку се прифати грчкиот ултиматум), ги препорачувам и мемоарите на Јанис Варуфакис, бившиот грчки министер за финансии, кој ги осветлува тајните на „собата за возрасни“ на европскиот финансиски и политички естаблишмент. Со сосема мал напор секој може сам да изгугла огромен број дела посветени на демократскиот дефицит и кризата на легитимитетот на ЕУ, за порастот на ксенофобијата, популизмот и шовинизмот.

Кај нас таква дебата е незамислива дури и во академските кругови, бидејќи ЕУ е предмет на обожавање, а не на реално опсервирање. „Инклузивната дебата“ никогаш и немало. Секој што се обидувал макар и малку да предочи реалистични аргументи дека влезот во ЕУ ниту е извесен, ниту е гарантиран, ниту пак ЕУ е она за што се претставува, бил стигматизиран како евроскептик, или уште полошо – еврофоб. Кажано со дијагнозите на Методи Чепреганов, тој/таа станува деструктивец, шизофреник и параноик. Она што од искуство го кажуваат колегите од Хрватска (земја што последна влезе во ЕУ) е дека дури и кога си „таму“, проблемите не исчезнуваат, туку понекогаш и се зголемуваат. Така, привлечната моќ, онаа што те тера да правиш реформи и да се упристоиш исчезнува во моментот кога нема стап и морков да те стимулира. Кршењето на малцинските права е во пораст, имиграцијата од периферијата кон развиениот центар е енормна, сиромаштијата се продлабочува, а само цените за роаминг се намалуваат (нешто како нашава радиодифузна такса што се укина откако дојде „животот“). ЕУ може да биде стимул за реформи, ама не смее да биде алиби за лошото владеење на една политички и морално корумпирана гарнитура, која со својата неспособност успеа и од комарец да направи слон. Интересно е што провладините новинари панично ѝ советуваат на Владата да ги запре сите активности (бидејќи се која од која полоша и поскандалозна) до 30 септември.

Дали ако ги излажат граѓаните да гласаат на референдумот, политичариве волшебно ќе станат поодговорни и поспособни? Од жаби ќе се претворат во принцови и принцези? И зошто да чекаат до 30 септември? Впрочем, зошто чекаа и досега, па не направија ниту една реформа вредна за респект? Затоа што се исти како и претходниците, направија Монти Пајтон од државата (да, да, посмешен од оној на Груевски) и мислат дека некој друг ќе им ја заврши домашната задача. Нашиот проблем не е ниту во името, ниту во соседите (на кои Заев секојдневно им се извинува што постоиме); проблемот е што избираме неспособни луѓе на власт, од кои виреат само корупција, непотизам и клиентелизам! Сликата од глисер на која двајца од нив, како тинејџери, си прават самослик и ни порачуваат дека вредно работеле и заслужуваат одмор – е шлаканица за сите што сонуваа подобар живот. ЕУ е можно и да пропадне, но државите-членки нема да пропаднат, бидејќи почиваат на такви фундаментални принципи што се научна фантастика за Република Македонија, па и за (хипотетичка) Северна Македонија.