Некои предизвици на светското земјоделство

280

Проф. д-р Борис Анакиев

Напредокот на процесот на интернационализацијата на светската економија, вклучително и на земјоделството, бара одредени работи да се имаат предвид при формирањето на аграрната политика како на национално така и на регионално ниво.
Во почетокот на второто десетлетие на 21 век, светскиот прехранбен сектор и земјоделството се наоѓаат пред нови предизвици кои бараат политички одговор. По ова прашање постојат голем број меѓународни публикации како и авторитетни организации и истражувачки центри. Постои општа согласност во тоа дека прашањата поврзани со развојот на светското земјоделство треба да се разгледуваат во контекст на решавање на проблемите со исхрана на населението и одржливо користење на природните ресурси. За да се стаса до приоритетите на политиката за развој, пред сѐ е неопходна јасна претстава за факторите (движечки сили) кои ќе имаат влијание врз развојот на прехранбениот сектор и во делот на земјоделството за следните 30-40 години. Тие фактори можат да се групираат во неколку групи:

– Пораст на населението и пораст на доходите. Околу 15 проценти од светското население пред неколку години беше неисхрането. Кога се има предвид дека до 2050 година, светското население веројатно ќе достигне 9 милијарди луѓе, обезбедувањето на прехранбената сигурност во глобален однос станува уште поважна задача. Во таа релација, земјите во развој ќе имаат потреба од 60 отсто зголемување на расположливата храна во 2030 година и 100 отсто во 2050 година, што значи дека светското производство на храна треба да се зголеми за 40 и 70 проценти (OECD-Fao agricultural Outlook 2009-2008). Потребно е притоа да се има предвид дека темпото на пораст на светското земјоделско производство и на просечните приноси на ниските култури се забавува. Затоа е можно на среден рок побарувачката да ја надмине понудата на прехранбените производи. Но е важно да се спомене дека порастот на населението особено во неразвиените земји е проследено со интензивна миграција, притоа луѓето ги напуштаат селските реони и се населуваат во градови. Тоа значи дека за нив треба да се обезбедат храна, вода и енергија различни по количество и начин од тие во селата. Според УНДП, 50 проценти од населението денес живее во градовите, а до 2030 година тој процент ќе изнесува 60.

– Промени во структурата на побарувачката заради пораст на доходот по жител. Познато е дека со порастот на доходот, трошоците за храна се зголемуваат, но во помала мера, односно побарувачката на храна е нееластична во однос на порастот на доходот. Со порастот на расположливиот доход се менува и моделот на побарувачката, кога се зголемува делот за храна богата со протеини и масти за сметка на храната базирана на јаглени хидрати. Ова прашање е важно за Македонија, бидејќи трговската разлика со земјоделски производи е од големо значење за економијата на земјата, а особено заради релативно високото учество на земјоделството во вкупниот извоз на РМ од околу 17 проценти. Порастот на побарувачката на храна покажува дека на глобален план треба да се разработат усогласени национални и меѓународни политика за зголемување на земјоделското производство во рамките на одржлив модел на развој.

– Нова организација на светскиот прехранбен систем. Глобализацијата е важна, бидејќи овозможува пониски транспортни трошоци поради развој и примена на нови информациски и комуникациски технологии и намалување на бариерите за движењето на стоки, храна, капитал и луѓе. Во економска смисла, тоа е фактор за пораст на заемната зависност помеѓу одделни национални и регионални економии и за интернационализација на производството. По дефиниција, интегрирањето на економиите, што се вика глобализација, треба да носи корист за сите учесници во процесот. Присоединувањето кон поголеми и конкурентни пазари треба да го зголеми повратот на инвестициите на производителите и да обезбеди поголем избор на производи со пониска цена за потрошувачите.

Потребно е јасно да се каже дека користа од глобализацијата нема гарантни особини – постојат примери како за успешни интеграции така и за испуштени можности. Тоа значи дека е покурентно да се дефинираат факторите кои носат успех. Позитивните последици од интеграцијата на економиите ги спречуваат постојните трговски бариери. Трговските ограничувања носат сериозни загуби кога го отежнуваат воведувањето на иновациите, инвестициите и економскиот пораст. Политиката на заштита на националниот пазар преку ценовни контроли или експортни забрани исто така влијае штетно.

– Климатски промени. Прогнозите за порастот на просечните температури и изменетиот модел на врнежи ќе го погоди функционирањето на постојните земјоделски и локални екосистеми. Зачестените екстремни природни појави ќе предизвикаат нестабилност во земјоделското производство и во цените на производството. Степенот до кој ќе успее производството да се приспособи кон новите услови ќе ги предодреди и силата на влијание на климатските промени врз земјоделството и прехранбениот систем во целост. Примената на мерки за ублажување на ефектите од климатските промени ќе бара, исто така, примена на нови технологии и организација кои помагаат за намалување на емисијата на стакленичките гасови. Сепак, може да се каже дека вкупниот ефект предизвикан од климатските промени во земјоделското производство е мал во споредба со економскиот и технолошкиот напредок. Се очекува (ФАО и др.) дека намалувањето ќе биде многу поголемо. Послаби вкупни ефекти ќе треба да значат дека во него можат да бидат скриени големите регионални разлики, што ќе доведе во тешка состојба некои земји и региони.

Расте притисокот врз основните ресурси за земјоделско производство. Зголемувањето на бројот на населението и економскиот пораст водат до засилена конкуренција во однос на користење на ресурсите кои се најважни за производството на храна. Особено неповолно може да се одрази несоодветната заштита на обработливите површини кои се трансформираат во градежна, патна инфраструктура, стопански објекти и сл., со што се губат трајно како ресурси за земјоделско производство. Во Македонија, за 20 години, обработливите површини се намалени за 150 илјади хектари.
Според ФАО, во исто време, земјоделско земјиште во светот е загрозено од ерозија, загадување, опустошување, деградација и други активности од човекот.

– Енергија. Се прогнозира дека глобалната побарувачка на енергија помеѓу 2010 и 2030 година ќе се зголеми за 45 проценти, а до 2050 год. за 100 отсто. Притоа, сигурно е дека цената на енергијата ќе расте и ќе биде нестабилна. Нивото на цената на енергијата неизбежно ќе се одрази во зголемување на трошоците во земјоделството и прехранбениот сектор.

– Вода. Побарувачката на вода за земјоделството се очекува до 2030 година да се зголеми за 30 отсто. Вкупното барање на вода, пак, до 2050 година ќе се зголеми два пати, поради пораст на потребите во индустријата за основните потреби и рамнотежата на животната средина.

Расте значењето на вредносниот систем и етичките разбирања во општеството. Доминантните општествени определби без сомнение ќе имаат влијание кај политичарите при донесување на нивните одлуки и решенија, но и врз промената на моделот на потрошувачите.

Во таа насока можат да се набројат проблеми како што се: суверенитет на потребите, заштита на културното наследство во делот на производството на храна, примена на нови производствени методи и технологии (генетски модифицирани сорти, клонирање на ембриони), органско земјоделство, хуман однос кон животните, примена на производствени методи кои ја штитат животната средина и биодиверзитетот, праведни пазарни односи, поддршка на земјоделството. Голем дел од вредносниот систем и етичкиот карактер како принципи најдоа место во регулаторна рамка на заедничката аграрна политика во Европската Унија, но проблемот се јавува кај земји кои не се членки на ЕУ, што е бариера (пречка) пред пазарот со земјоделски производи.