Некои понови информации за слушањето

216

Основна карактеристика на хуманиот род е способноста за комуникација. Токму поради тоа бил развиен јазикот како битен елемент што ја овозможува таа меѓусебна комуникација. Вистина е дека и повисоките видови животни комуницираат помеѓу себе, преку разни видови звуци, гестови и слични невербални начини, но сепак тој начин на комуникација е многу поразличен од оној што постои кај луѓето. Иако важноста на слухот во хуманата комуникација е позната, сѐ уште многу малку разбираме како акустичните сигнали се перципираат и како се процесираат тие за да обезбедат смисла.

Всушност, ние слушаме со мозокот. Звучните сигнали преку надворешното и внатрешното уво се пренесуваат по нервен пат до мозокот. Аудиторната кора сместена во темпоралниот лобус ги процесира акустичните информации како кај луѓето, така и кај други ’рбетници. Унилатерална деструкција на овој регион резултира со смален слух, додека билатералната деструкција доведува до кортикална глувост. Невроните што ги пренесуваат звучните дразби се организирани зависно од фреквенцијата на звуците, но сепак оние на крајот на аудиторниот кортекс најдобро реагираат на ниски фреквенции, додека оние во другите региони на високи. За разлика од видот, кој е локализиран во само еден дел од мозокот, кај слухот постојат повеќе зони во мозокот одговорни за оваа функција, познати како „тонотопна мапа“. И деловите од кохлеа (полжест дел од внатрешното уво исполнет со течност) се така аранжирани што одговараат на соодветни звукови фреквенции.

Освен висината на звукот, со аудиторниот кортекс се распознава и се прави идентификација и локација на звучните дразби. Со тоа, аудиторниот кортекс станува најбитниот орган за слушањето, иако неговата улога е сѐ уште докрај неразјаснета. Постојат индивидуални разлики во аудиторната кора, така што нема две суштества кај кои идентично се одвива оваа функција. Аудиторната кора е под влијание на невротрансмитерите, особено на норепинефринот, кој ја смалува клеточната надразливост во темпоралниот лобус.
Клетките во аудиторната кора се распоредени зависно од тоа на која фреквенција се чувствителни. Оттука дразбата примена преку увото, оди преку таламус во повисоките мозочни структури.

Она што е сосема јасно, е дека колку попрецизно можеме да ги разликуваме обрасците на звукот, толку е подобар нашиот слух. Но како менаџира мозокот со разликувањето на релевантни и помалку релевантни информации од околината и особено ако во таа околина постои бучава, сѐ уште претставува големо прашање.
Научниот тим од биомедицинскиот оддел на Универзитетот во Базел, Швајцарија, ги истражувал нервните основи на звуковата перцепција и дискриминација на звуците како предизвик што доаѓа од околината во која се наоѓаме.

Фокус на истражувањето бил аудиторниот кортекс, кој инаку се нарекува и аудиторен мозок, а кој претставува ареа од мозокот што ги процесира акустичните стимулуси. Иако овие истражувања се правени на лабораториски глувци, кои се многу податни за разни мерења, добиените информации соодветно можат да се пренесат и за хуманиот род.
Познато е дека разликувањето помеѓу звуците станува потешко колку се тие поблиску во фреквентниот спектар. Иницијално, истражувачите претпоставиле дека дополнителната бучава може да ја отежне аудитивната задача. Сепак, се покажало сосема обратното: овој истаржувачки тим покажал дека мозокот има способност да диференцира многу суптилни разлики во тонот токму кога во заднината се јавува некаква бучава. Ако се спореди со апсолутната тишина во околината, бучавата дури може да се каже дека го олеснува аудиторното перципирање. Имено, станува збор за фактот дека бучавата ја редуцира невралната активност.

Податоците на оваа истражувачка група покажуваат дека „белата бучава“ сигнификантно го инхибира активирањето на нервните клетки во аудиторниот кортекс. Парадоксално, ваквата супресија на нервната ексцитација води до попрецизна перцепција на чисти тонови. Дури најдени се помалку преклопувања помеѓу невроните за време на презентирање два тона. Таквата редукција на нервната ексцитираност доведува до подобра репрезентација на тоновите.
Да појаснам, во сигналното процесирање како „бела бучава“ се означува случаен сигнал што има ист интензитет на разни фреквенции со што се дава константна спектреална густина т.е. моќност.

За да се потврди дека аудиторната кора, а не некоја друга регија во мозокот е одговорна за промена во перцепцијата на тоновите, истражувачите користеле светлосно контролирана оптогена техника. Овие наоди можат да се користат за да се подобри слушната перцепција во ситуации кога звуците се потешки за разликување. Спрема овие истражувачи, добиеното сознание е битно поради фактот што кохлеарните имплантни може да се стимулираат преку ефект на „бела бучава“ за да се подобри фреквентната резолуција и тоа да има подобар ефект во подобрување на слухот кај корисниците.

Губењето на слухот е раширена состојба, која глобално зафаќа околу 500 милиони луѓе и претставува најголем ризик за тинитус (перцепција на бучава или зуење во ушите). Понови студии укажуваат дека најмногу губењето на слухот е поврзано со инфламаторни процеси во аудиторниот пат, кои се всушност имун одговор на повреди или инфекции. За да се објасни поврзаноста на тинитусот со губењето на слухот, група научници ја истражувале невроинфламацијата. Резултатите од ваквото губење на слухот, предизвикано од силна бучава, покажуваат дека оваа состојба е поврзана со покачени молекули наречени проинфламаторни цитокини и активација на клетки во мозокот наречени микроглија во примарниот аудиторен кортекс. Генетски недостиг од тумор некротизирачки фактор (ТНФ-а) или негово фармаколошко блокирање ја превенира невроинфламацијата и го подобрува тинитусот. Обратно, ако се дава со инфузија ТНФ-а тинитусот се зголемува, а слухот се смалува. Овој наод има клиничка импликација покажувајќи дека невроинфламацијата може да биде некаков третман за тинитус и губење на слухот.

Со оглед на фактот дека живееме опкружени со сѐ посилни аудиторни дразби, силна музика, силен говор и сл. овие нови сознанија околу финесите во звуковата перцепција се извонредно корисни како превенција, но и за апликација при ставање кохлеарни импланти.