Некои нови сознанија за когнитивното пропаѓање кај возрасните

569

Со стареењето, нашата меморија почнува да опаѓа и станува сѐ потешко да научиме и да запомниме нови работи. Разумно е да се помисли дека ова е предизвикано од постепеното изумирање на мозочните клетки, но всушност тоа не е вистинската причина. Тогаш, што го предизвикува когнитивното пропаѓање?

Она што најмногу ги загрижува совесните луѓе е губитокот на когнитивните функции, кој, сакале или не, неодминливо се случува кога ќе ја поминеме 50-тата година од животот. Предизвикот, всушност, е во тоа да се одржи, колку што може повеќе, мозочната функција и да не се дозволи запаѓање и пропаѓање во процесот на деменција.

Најновите сознанија потекнуваат од истражувањата направени во универзитетот „Лејчестер“ и велат дека нивото на калциумот во специфични клетки на мозокот има клучна улога во губитокот на меморијата поврзан со староста. Имено, во оваа студија истражувачите објаснуваат како и зошто когнитивните функции, какви што се меморијата и учењето, стануваат оштетени со текот на процесот на стареење. Со стареењето, нашата меморија почнува да опаѓа и станува сѐ потешко да научиме и да запомниме нови работи. Разумно е да се помисли дека ова е предизвикано од постепеното изумирање на мозочните клетки, но всушност тоа не е вистинската причина. Тогаш, што го предизвикува когнитивното пропаѓање?

Одговорот лежи во синапсите, оние електрохемиски врски помеѓу невроните, каде што невротрансмитерите овозможуваат вмрежување на функциите во самиот централен нервен систем. Во спомнатата студија било истражувано нивото на калциум во хипокампусот, дел од мозокот што е неопходен за учење и за меморирање. Истражувањето е направено користејќи специјален вид експериментални глувци што имаат калциум-сензитивен флуоресцентен протеин во пресинаптичките делови на мозочните региони на хипокампусот. Имено, со испитување на когнитивната функција на глувци на возраст од 6, 12, 18 и 24 месеци, најдена е многу јасна поврзаност помеѓу когнитивната способност и нивото на пресинаптичкиот калциум. Ако пресинаптичкиот калциум интрацелуларно во мозокот на младите глувци се покачи, тогаш тие почнуваат да се однесуваат како постарите глувци. Обратното е исто така вистина: намалувањето на интрацелуларниот калциум во мозокот кај старите глувци ги обновува синапсите, што има огромно значење за потенцијалните здравствени проблеми поврзани со возраста како кај животните така и кај луѓето. Лидер на ова истражување е проф. Ник Хартел.

Во слична насока, покажано е дека интензивната контрола на крвниот притисок е битна за забавување на лезиите што стандардно се јавуваат при висок притисок, особено умереното когнитивно пропаѓање. Ова истражување е направено во Националните институти за здравје во Вашингтон.

Познато е дека белата маса во мозокот ја чинат милијарди тенки нервни ленти, наречени аксони, кои ги поврзуваат невроните едни со други. Овие фибери се препокриени со миелин, бела масна покривка што ги штити аксоните од какви било повреди и го забрзува протокот на електричните сигнали. Со помош на скенирање со магнетна резонанца е покажано дека зголемување на количеството на водата во мозочното ткиво предизвикува промени длабоко во мозокот, при што настанува истенчување на миелинот, зголемени реакции на глија-клетките, кои служат како заштита при повреди, кревки крвни садови или појава на многукратни мозочни удари. Сите овие опишани промени се поврзани со постоење на висок крвен притисок. Тоа значи дека оние со висок крвен притисок имаат поголема шанса за лезии на белата маса и исто така да стекнат когнитивни растројства и деменција во текот на животот. Истражувајќи на стотици испитаници се заклучило дека контролата на крвниот притисок е поефективна и го забавува акумулирањето лезии во белата маса многу повеќе одошто стандардниот третман на крвниот притисок. Тоа значи дека добрата контрола на крвниот притисок го намалува не само ризикот од мозочен удар или срцев инфаркт туку ги намалува и губитоците на когнитивно страдање поврзано со возраста. Лидер на ова истражување е Валтер Корошец, директор на клиниката за неврологија во Националните институти за здравје.

Во овој напис ќе се задржам на уште едно најново истражување поврзано со намалувањето на когнитивната функција. Имено, канадските научници открија дека т.н. „мирни“ мозочни удари кај возрасните се доста чести, особено по хируршки интервенции, и се ризик за когнитивно пропаѓање во период од една година по операцијата. Јасните мозочни удари одат со симптоми како што се слабост на едната рака и нога, проблеми со говорот и сл., и се откриваат како клинички така и преку промени видливи на МРИ. Секоја година се смета дека околу 0,5 отсто од 50 милиони луѓе на возраст над 65 години имаат некакви несрцеви хируршки интервенции и знаци за јасен мозочен удар, но досега многу малку се знаеше за инциденцата на „мирните“ удари по хируршки интервенции. Резултатите од ова истражување покажале дека еден од 14 луѓе на возраст над 65 години што имале елективна несрцева хируршка интервенција имале „мирни“ удари, што сугерира дека повеќе од три милиони луѓе на оваа возраст секоја година на глобално ниво страдаат од вакви скриени мозочни удари.

Истражувањето опфатило повеќе од 1.100 пациенти над 65 години од 12 центри во Северна и Јужна Америка, Азија, Нов Зеланд и Европа. Сите пациенти се испитувани со МРИ во рок од девет дена по хирургијата за да се види дали имале „мирен“ удар. Потоа, пациентите биле следени во текот на една година за испитување на нивните когнитивни способности. Најдено е дека луѓето што доживеале „мирен“ мозочен удар по хирургијата многу повеќе добиваат когнитивно пропаѓање, мал постоперативен делириум или дури и јасен мозочен удар во текот на една година, споредено со оние што немале „мирен“ удар. Со ова истражување се покажува дека иако денес хирургијата е од огромна помош и кај возрасните луѓе, сепак, таа претставува ризик не само од јасни туку и од „мирни“ мозочни удари. Васкуларните мозочни повреди, било да се отворени или скриени, со помош на денешните технологии многу почесто се откриваат и даваат светлина врз когнитивните пропаѓања.

Сите овие нови откритија покажуваат на многу, досега непознати, ризици за когнитивно пропаѓање кај возрасната популација. Имено, порано само се констатираше деменција кај возрасните и се велеше „од непознати причини“. Видовме дека високиот нерегулиран крвен притисок, хируршки интервенции со придружен јасен или мирен мозочен удар, како и нивото на калциум во мозочното ткиво се ризични фактори за когнитивно пропаѓање и појава на деменција кај повозрасните луѓе. На сите нив треба да им се даде соодветно внимание.

(Авторката е педијатарка и психолог)