Неделата потоа

4408

Навидум, гробарите на Македонија, успеаја во своите вековни намери. Она што го направија во 1913 година, сега изгледа како повторно да им успеа. Нивната изопачена моќ фрла лопати земја во свежо ископаниот гроб. Ама Македонија е жива закопана. Додека има Македонци иднината е непредвидлива. Вие сето тоа добро го знаете, но јас морам да го запишам

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. Во оваа недела отиде сè по ѓаволите. Октроираната власт со полна пареа уништува сè што е македонско. На Јутјуб почнаа да исчезнуваат македонски песни каде што се споменува Македонија. Талат Џафери го потпиша она што Уставот не му дозволува да го потпише. „Службен весник“ го објави она што законот не му дозволува да го објави. Затоа што одамна во Македонија нема устав и закон. Власта е хунта, си тера по свое. Нема да ме зачуди ако почнат прекуноќ да исчезнуваат оние што не можат тивко да го прифатат бришењето на Македонија и Македонците.

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. Паралелно, Ципрас доби поддршка за Владата во парламентот. За него гласаа 151 пратеник. Со 150 гласа Владата ќе паднеше. 150 + 1. Ви звучи познато? Ќе беше смешно да не беше трагично. Само два дена пред гласањето грчки пратеник јавно обвини дека американскиот и германскиот амбасадор во Грција му вршеле притисок, преку закани и уцени, да ја поддржи владата на Ципрас. Неофашистите од „длабоката држава“, ЕУ и НАТО, го роварат Балканот. Тоа им остана последната територија каде што мирно спијат. Доналд Трамп води жестока војна со нив во САД. Во мај ќе бидат збришани на европските избори. Владимир Путин влева паника кај нив, им создаде неизлечиви фрустрации до крајот на нивните животи.

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. СДСМ конечно го оствари својот децениски стремеж. Уништување на Македонија и на сè што е македонско. Тие отсекогаш ја мразеле Македонија, го презирале македонскиот народ, се гаделе од тоа што тој создал низ вековите како материјално и духовно наследство. Простете, но јас друг заклучок не можам да извлечам. Така зборуваат фактите на терен. Наследниците на распаднатата, забегана во етички разврат, исчистена од идеали, комунистичка партија, воопшто и не сакаа независна македонска држава. Откако се случи тоа, затоа што Македонците така сакаа, СДСМ направи сè за да нема Македонија.

За речиси триесет години независност СДСМ победи на избори само двапати. Еднаш кога настапија сами, вторпат, по спакувана и изрежирана војна. А владее дупло повеќе отколку што победи. За време на своите владеења уништија речиси сè. Ја пеплосаа економијата. Средната класа ја претворија во сиромаштија. Разграбаа сè што имаше да се разграби. За националните велепредавства не треба да пишувам. Деведесет проценти велепредавнички потези се во нивното досие. Еве ги на крајот од тунелот, мртви ладни го заѕидуваат македонското битисување, фали уште чочек да заиграат. По нив, нема светлина. Зоран Заев колнејќи се во децата дека нема да чепка во најчувствителните национални теми, не само што чепна, туку сè што можеше уништи. Ја укина Република Македонија, ги избриша Илинден и АСНОМ, го сведе македонскиот народ од државотворен, на безидентитетска група луѓе без историја и корен, а македонскиот јазик го произведе во мртов јазик. Македонската историја им ја подели на Грците и на Бугарите како да е тоа нивата на татко му. Унитарноста ја федерализира. На Македонија ѝ ископа гробно место во Нивици. И сето тоа надвор од законот и Уставот. Двапати аболиран си доби на подарок од изопачената светска моќ, безимена територија каде што тој е власт, суд и егзекуција.

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. ВМРО-ДПМНЕ преку своите осум одметнати пратеници стана соучесник во ликвидацијата на Македонија. Осумтемина веќе не заслужуваат да ги споменувам. Народот ги впиша засекогаш во своите клетви. Жал ми е за нивните потомци, низ животот ќе мора да премолчуваат кои им биле предци. Друга ми е поентата со ВМРО-ДПМНЕ. Историјата им се повторува како фарса. Или обратно. Фарсата им стана историја.

Како револуционерна организација за ослободување на Македонија не успеаја да се спасат од врховистите. Еве, сто години подоцна, истото им се случува како политичка партија. Во овој случај не гледам на врховистите како на одработувачи за бугарските интереси. Така беше во минатото. Денес врховисти можеме да ги нарекуваме симболично одработувачите за „туѓи бели дворови“, синоним за туѓи интереси, странски тајни служби, надворешни загаварачи за внатрешно урнисување на државата. Во минатото беше бугарскиот двор, во Втората светска војна беа фашистите, денес се тоа неонацистите од „длабоката држава“, ЕУ и НАТО. ВМРО никако да се ослободи од велепредавници во своите редови. Во меѓувреме, многу често се однесуваа како СДСМ, користејќи го оправдувањето, „и тие така правеа“. Жалосно. Една партија ја мрази и сака да ја избрише Македонија, другата не умее да ја заштити поради своите одродени структури и поединци, а за двете Македонија беше само терен за стекнување личен профит.

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. Огромна заслуга за сето ова имаат оние што јас ги вбројувам во интелектуална бижутерија, лажна авангарда, деца на црвената буржоазија, удбаши и нивните потомци. Распослани по академии, факултети, медиуми, шарени револуции и Соросови грант-ќелии, овие професори, новинари, интелектуалци и уметници колку што носеа омраза кон нас „небањатите“, толку се покажаа како слепци без визија, идеал, мудрост. „Сето тоа е во вашите вмровски глави, и тиранска платформа, и договор со Бугарија, и укинување на македонскиот идентитет, и име за севкупна употреба преку промена на устав“, ете со овие зборови, демек нè исмеваа на кусогледоста. А самите се покажаа безумни. Јас цинично забележав дека е логично да е во нашите глави, оти во нивните ништо и не може да ’рти, празни се. Врескаа дека со договорот се бетонираат нашиот идентитет и јазик, а излезе дека тие само „бетонирале фасади“. Патем, така бетонирајќи, ги урнаа темелите. Сега, бидејќи безумниот не е способен да се соочи со сопствената безумност, глумат лудило, па фатиле да се пенават хистерично за правото на пингвинот да се доживува како орел, кој, пак, се чувствува себеси како неутрален пол, и како таков има право да создаде брачна заедница со жабата што се чувствува како принц.

Помина една недела од реалната окупација на северонацистите врз Македонија. Навидум, гробарите на Македонија, успеаја во своите вековни намери. Она што го направија во 1913 година, сега изгледа како повторно да им успеа. Нивната изопачена моќ фрла лопати земја во свежо ископаниот гроб. Ама Македонија е жива закопана. Додека има Македонци иднината е непредвидлива. Вие сето ова добро го знаете, но јас морам да го запишам. Вака запишано има шанса да биде откриено, откопано, прочитано и споделено. За идните генерации Македонци, оти ние сме неми, чекаме да почне да се раздаваат храна и алкохол среде нашиот погреб, барем мртви да се најадеме и опиеме.