На патот низ европската шума (ЕУ и Македонија)

531

Март, април, мај. Пред изборите или по нив? Кога на Македонија ќе ѝ биде одреден датум за почеток на преговори за влез во Европската Унија? Да се биде или не, прашање е сега, извикуваат политичарите. Но дали е така, дали тоа прашање е од сега или се повторува повеќе од деценија?
Минуваат петнаесет години од оној 22 март 2004 година, кога во Даблин, Република Ирска, Владата преку претседателот Бранко Црвенковски поднесе официјално барање за членство во ЕУ. Ирска во тој период претседаваше со Унијата, првобитно беше планирано настанот да се случи на 26 февруари, точно на денот кога претседателот на државата Борис Трајковски летна кон Бога во авионската несреќа близу Мостар, во Босна. Борис замина, неговиот потпис на барањето остана. Борис потпиша, Бранко го предаде тоа што го имаше потпишано Борис. Не беа поминати 40 дена, кога, според верувањето, душата заминува од телото на починатиот и се сели во некој само нејзе познат свет. Брзината беше нужна, требаше да се врачи завештанието дека Македонија нема друга алтернатива за својата иднина освен приклучувањето кон сојузот на европските држави. Значи, тргна на пат без враќање, како што тогаш беше речено, само еден беше изборот.

Ако Македонија досега влезеше во репрезентативниот состав на Запад, најверојатно ќе се славеше гореспоменатиот датум. Како што сега стојат работите и по сѐ што се случи во изминатите години, измешани се чувствата дали да го славиме, да го одбележуваме, да се радуваме или да тагуваме, особено ние граѓаните. Не ги спомнувам политичарите, зашто тие се отрпнати на долгата пингпонг-игра со Македонија и доволно ја отврднале својата кожа за да реагираат емотивно. Тие имаат стекнато имунитет од критиките на граѓаните, нив не ги фаќа грипот од кој боледуваат гласачите.
И во вака измешаните чувства на граѓанството, вреди да не се правиме Англичани, поточно да се заборави дека, всушност, првиот чекор младата држава како неискусен кавалер да ѝ се придружи на Старата Дама беше направен непосредно по прогласувањето на независноста, во јануари 1991. Првото повеќепартиско Собрание, во кое мнозинството го имаше новоформираната партија ВМРО-ДПМНЕ, препознатлива по брадестите водачи, а следена од политички голобрадите СКМ-комунисти, го истакна членството во Европската Унија како еден од нејзините стратегиски интереси.

Републиката што гореше во роденденска егзалтација и надеж дека Македонија набргу ќе ја стигне Германија, се легитимира како партнер од доверба и сојузник на Унијата. Се откажа од Белград како центар на светот и го фати патот за Брисел. Во таа трка Бугарија, Албанија, Романија, Србија, Црна Гора беа далеку, далеку назад зад светлите перспективи на Македонија. Тие беа балканската опашка, ние Македонците, поранешни граѓани на Југославија, замислената глава што треба да влече напред. Лидери во демократијата, лидери во реформите, еден лунапарк каде што актерите се вртеа во сопствениот замислен круг, исто како почнатото а недовршено големото тркало среде Скопје, на Вардар. И тука застана.

Секако, сѐ ќе беше океј ако не беше името Македонија. Името, античко, древно, свето, митско, клето, тврдо поставувано како еден и единствен услов за прием.Тоа што веднаш го побара Грција, го прифатија сите земји, без исклучок како заклучок. Тој заклучок строго порачуваше: Нема ЕУ ако нема ново име! Нема иднина, нема перспектива, нема пари ако нема ново име, говореа студените лица на западноевропските политичари, учејќи нѐ како да го навиваме часовникот за да не го испуштиме европскиот воз. Избегнувајќи, плашејќи се да ѝ го спомнат вистинското име на новата држава, ѝ дадоа ново, оригинално, какво што немало никаде и никогаш во светот, а со кое ја ословуваа. А тоа лицемерно име гласеше „Ооо… вашата убава земја“. На нашата убава земја ѝ беа одредени иднината и судбината, не се бега ниту од едното, ниту од другото.

Сеќавањето вели дека само името, како единствен услов, се покажа неточно, дури и лажно. Вистината вели дека по секој услов никнуваше нов европски услов. Те Лисабонска декларација, те копенхашки критериуми, мадридски критериуми, разни други неброени критериуми, те правда, судство, криминал, корупција, еден закон, друг закон, речиси сѐ што се случуваше во државата стануваше некаков услов. Реформи, реформи на реформите, за демократија, избори, медиуми, човекови права и слободи, како во оваа земја никогаш да не живееле или да не живеат нормални луѓе. Понижувањето на Македонија беше една од поглавните западноевропски политички дисциплини.

По промената на името, пред финалето, на ред за ревизија дојдоа јазикот, писмото, потеклото, корените, генезата. Долга е низата бесмислени прашања од типот чиј е Гоце Делчев, како национално се изјаснувал Итар Пејо, роднината на Бај Гањо. Чиј е Насрадин Оџа, бил ли Алибаба од Шехерезада во Македонија? Имал ли Тито љубовница во Титов Велес и поради нејзината убавина ги признал Македонците како посебен народ, исто така личен и убав, поличен од сите соседни народи. Личен, ама несреќен и пропатен. Еден ден, можеби, како услов, ќе побараат статистички податоци колку влакна во просек има на градите на еден северномакедонец и колку вкупно тежи волната од истрижените овци. Или нешто слично на тоа, а ќе се однесува на Македонките што порано биле такви по род. Белки не ќе биде претерано ако се рече дека на Македонија ѝ се поставуваат услови како во неа да живее народ со посебни потреби, како да е држава со Даунов синдром.

Европската Унија кон Македонија се однесува(ше) како да е фудбалска организација, која кога истрчува на терен Македонија носи нови правила во текот на целиот натпревар. И со судија што очигледно навива само за едната страна, им дели жолти и црвени картони на сите играчи, досудува пенал кога сака. Еднаш со вар-систем, другпат без него. Од почетокот до крајот, во сите 90 минути. Не е Македонија таа што ги крши правилата, ЕУ бесрамно си ги крши сопствените принципи и правила и ветувања. Какви исти аршини, какви лаги. Тоа што важи за богатиот не важи и за сиромашниот. Тоа што за важи за здравиот не важи за болниот. Тоа што важи за Европеецот, не важи за Македонецот.
На самитот во Брисел на 17 декември 2005 година, Европскиот совет реши Република Македонија да се стекне со статус земја-кандидат за членство во ЕУ. Оттогаш Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Република Македонија. Главно позитивни по стил, но негативни по ефект. За тоа сведочи и денешната актуелна ситуација, кога во земјата се кршат копја за чисти глупости, од инает, од суета или од медицински необјасниви причини. Како ништо да не се променило, како ништо да не се научило. Цели петнаесет години, со речиси исто толку сменети европски комесари за проширување, целиот процес се одвива како бавен филм. Како здодевен трилер проследен со црн хумор сниман во медена земја, кандидат за антиевропски филм на деценијата.

Сега кога Македонија, каква-таква, веројатно е пред вратите за почеток на преговори, сѐ уште не е во состојба да оцени дали влегува или излегува од густата европска шума, полна со замки, некои прескокнати, некои новопоставени. Оние што се против ЕУ најверојатно, барем засега, ги бијат последните тапани. Оние што се за, претежно младите, веќе се таму, со или без бугарски пасош. Им здодеа да чекаат во поранешна Македонија, сега Северна. Сепак, и покрај нерамниот терен, се вози кон целта, кон станицата што уште пред триесет години е означена не само како пожелна туку и како последна, безалтернативна. Право кон Брисел, на пат кон нови барикади и предизвици. Дали ќе се стигне во март, април или во мај не е сеедно, но прашање е колку ќе биде различно од досега. Што, конечно, ќе научиме?

[email protected]