Најцрната македонска историска година – 2018. Се случи злосторство

1074

За што да ти пишувам, драг читателу, во приквечерието на новата 2019 година? За што? Секоја нова година е нов временски циклус, нов почеток, онака како што е тоа во Библијата осмиот ден, кога по создавањето на светот за шест и починката во седмиот Господ ја повлекол новата бразда на создавањето, односно на досоздавањето на неговиот Opus mundi. Впрочем, и модерните астрофизичари од типот на Ајнштаjн и Хокинг потврдија дека Создателот сè уште работи, создавајќи сè нови и нови ѕвезди и галаксии во вселената. Таа не е статична и дефинирана докрај како што тврдат теолозите.

Да. Секоја нова година од нашиот живот е само микроциклус. Многу повеќе од неа на симболошки и митолошки план е раѓањето на секое ново столетие, а уште повеќе на секој нов милениум. Така, не само во Светото писмо туку и во другите религиски книги, митови и легенди крајот на едно столетие или милениум се поврзува и со крајот на стариот свет и истекот на времето, неговите последни денови, за да се објави и афирмира новиот почеток, следниот поубав циклус за човекот и човештвото. Арно ама изгледа дека е тоа само илузија, па така и митовите и филозофските теории на таа тема за цикличното враќање на времето и историјата, почнувајќи од индуистичките Веди и Упанишади, па до Шопенхауер, Ниче и Елијаде се сведува на истото: времето и историјата само се преповторуваат, и тоа за некои, како што вели Вилијам Блејк, „за вечна радост“, а за некои „за вечна тага“. Да. Ние Македонците, пак, како што гледаш, драг читателу, во таа цикличност му припаѓаме на вториот став на Блејковата аподиктичка спознајна мисла.

Да. Сега, пак, кога ја дефиниравме во насловот на колумнава годината што одминува како црна, та најцрна во целокупната македонска историја, почнувајќи од етнографската карта на народите на библискиот Мојсеј до денес, должни сме да појасниме и објасниме, драг читателу. И самиот знаеш, крунски сведок за таа црнина е геноцидниот проект на Брисел и Вашингтон да се отераат Македонците (само тие во Македонија и никој друг) во идентитетска смрт. Засекогаш. Знаеш, со преименување. Само со еден потег на западната „демократска“ гилотина. На тој смртоносен удар, пак, му претходеа редица други пред него. Првин, идиотската Лисабонска декларација на ЕУ, со која ни се забранува пристап до сопственото автентично име како услов за вклопување во регуларниот ритам на западната цивилизација, која, патем сме ја христијанизирале со апостол Павле и Лидија Македонката, иако до денес во основа, според нејзината морална атрофија и цивилизациска суровост остана антихристијанска. По таа декларација следуваше присилно менување и на Уставот и шеснаесетзрачното сонце, со кое се служеле како со светлина и огниште Античките Македонци.

Потоа се редат како синџир притисоците за остварување на замислениот концепт на Брисел и на Вашингтон за идентитетска ликвидација на Mакедонците. Тука е перфидниот Бадинтеров закон за укинување на демократијата, а 2001-та е и албанскиот тероризам, во кој терористите логистички и воено беа помагани од НАТО цинично, а за докрај да се стигматизира македонското колективно битие беа прогласени од западните „демократи“ за борци за човекови права. Потоа пак насилнички, користејќи се со македонските политички полтрони и квислинзи, беше потпишан капитулантскиот и понижувачки за нас Охридски рамковен договор. По него западните „мајстори на смртта“ (морам пак да го цитирам мојот омилен поет Пол Целан) терористите ни ги доведоа, под заштитниот Бадинтеров знак 20 проценти (иако ги немаат) и во Владата и во парламентот. Ни ги напикаа во енормен број по министерствата и директорските фотелји, фифти-фифти, а тие пак и понатаму незадоволни. За да ги задоволиме им ја смаливме квотата за упис на студии (со што тие самите се самопонижија), и плус само ним, на нивни над 2.000 граѓани им дававме, а веројатно сè уште им даваме, паразитски личен доход без да работат. Ние од свој џеб. И пак се незадоволни.

Тоа е тоа: кршење пршлен по пршлен на ’рбетот на Македонците и на нивниот идентитет. Боже, каква суровост, садизам, каква темна канибалистичка страст на западните и на балканските „мајстори на смртта“. Во таа цел и следуваа, подготвени во Пентагон, а поддржани од импотентните кон големиот Брат бриселски политидиоти: Договорот за добрососедство со бугарската хиена и Тиранската платформа за двојазичност и тотална албанизација на Македонија, за на крајот да дојде и завршниот геноциден удар со кој се парчосуваат колективната душа и теме на Македонците: Преспанскиот договор на Заев, неговата квислиншка влада и коалициски пратеници, со Грците за нивно буквално ставање во мртовечница. Така, без заобиколување, со тој менгелеовски ЕУ и американски проект (Американците не ни се пријатели), драг читателу, сега Македонците се она што беа Евреите за Хитлер во нацифашистичка Германија. Со таа разлика што нивното убиство е тотално, со пософистициран метод. Тие, за разлика од Евреите во европските гасни комори, сега се убиваат со еден друг тип гас, кој треба колективно без остаток да ги убие сите нив. Антрополозите тој вид убиство, според нив најстрашно што постои, го имаат дефинирано со поимот: идентитетска смрт.

Тоа е сè што имам дотука, драг читателу. А темата, заедно со болката и јанѕата што ja чувствуваме, е море без брегови. Туку треба да кажеме јасно, иако бриселските политидиоти се прават глуви, дека со геноцидот врз Македонците се обелоденува дијагнозата, страшната денешна болест на Западот (Брисел и Вашингтон), а тоа е европскиот нацифашизам што воскреснува повторно во име на лакомиот западен либералкапиталистички материјализам, кој ги запоставува и фрла на ѓубриште сите духовни и морални вредности. Евреите, кои по погромот врз нив во германските нацифашистички логори, оние што останаа недоуништени го остварија својот ционистички сон и ja основаа еврејската држава Израел. А ние, Македонците, како можеме да го направиме тоа, кога сега топтан, не само живите туку и нашите предци и прапредци сосе уште и неродените поколенија што ги зачнуваат македонските жени и љубовници идентитетски се убиваат и засекогаш, според замислата на мајсторите на смртта се ставаат во идентитетска мртовечница. Замислениот попис без графа на националност е последниот печат на нацифашистичка Европа за целосно исчезнување на Македонците како пепел од мртовечка урна развеан во ветер, во ништо. Будисти. Мартирска нирвана. Точка. Тоа е таа европска цивилизациска мерка на демократијата, правдата и вистината за Македонците, кои не треба да постојат. Ако затреба, Брисел и Вашингтон се подготвени и за дополнителни, физички мерки врз нив, како во 2001-та. Имаат своја моќна алатка за тоа од сите четири страни што нè притискаат како клинци на маченичкиот крст.

Да. И, знам, веќе те слушам како ми велиш, драг читателу: доволно е, кажано е сè во кратки црти. Имаш право, но остана уште нешто, а тоа е дека ова замислено евроамериканско злосторство конкретно го реализира петтата квислиншка колона Македонци, предводена од премиерот Зоран Заев и неговиот палеолитски министер Димитров. Неколкумилениумската македонска историја не памети такви мегазлосторници како нив, кои по туѓ диктат со еден потег го ништат целиот свој род што ги родил по грешка и сега се кае за тоа. Ама грешката, трагична та најтрагична, е сторена. Во тоа, пак, нивно злосторство, драг читателу, им се приклучија многу наши академици, некои гласно а некои со перфиден молк, потоа доктори на науки, универзитетски професори, сите до еден правени, како што вели нашиот народ, од друг смрдлив материјал, а не од оној на Создателот. Ја слушам една старица како вели: „Арам нека им е лебот што го јадат, арам и земјата што ќе ги потрупа еден ден во гробот оти ја предадоа и обесветија, оти и од другата страна, кога ќе ја минат вратата на смртта, секогаш полни само со смрт, ќе се соочат со Божјата правда на Страшниот суд.“

Токму така, има право старичката, оти и Данте во „Божествената комедија“ предавниците на татковината ги смести во најстрашниот деветти круг на пеколот. Зa нашите, пак, предавници ќе треба да се најде уште пострашен круг од неговиот, оти тие се меѓу најподлите што можат да се замислат во овој свет. Толку. И ти се извинувам, драг читателу, што ти го расипувам, можеби, предновогодишното настроение. Но тоа е нашата македонска историска и егзистенцијална вистина. Не е теолошка, исполнета со ангели и хармонија. Таа е поблиска до вистината на Ниче докрај сурова и мартирска, на која е осуден човекот по изгонувањето од Рајот. Кај нас, пак, Македонците, сега таа е рамна целосно на пеколот во кој нè туркаат и западните сатрапи и домашните квислинзи. Таква, сурова, таа, како што вели германскиот филозоф, може да се надмине само со уметност, не и со религија, на која тој воопшто не ѝ верува. Арно ама сега не е време за уметност, ни за Убавината на Достоевски, која треба да го спаси светот. Посебно што ни уметноста ни убавината кај нас не се на цена, туку само смрдеата на политиката и грабежот, дерењето на кожата на народот. Тоа. А плус и ни недостига самопочит.

Оваа власт направи сите да ни се смеат и да нè понижуваат во светот. Се буткаме како слепци во Европа што не нè сака со Име, туку обезимени. А тука е и НАТО, на кој Србите му рекоа не, бидејќи беа бомбардирани од него. Ние, пак, иако знаеме дека тој го помагаше албанскиот тероризам во 2001-та, му го лижеме задникот, наместо и ние како нашите северни соседи да му речеме не те сакаме, да му ja качиме Шеќеринска на еден бугарски тенк (од оние ’рѓосаните што му ги подарија Бугарите на Кљусев) и да му ја подариме на Столтенберг за роденден, оти полтронството најмногу ги боли чесните и храбрите.

Тоа, драг читателу, а ти сега ме прашуваш како и со што можеме да се спасиме и ние и светот од реалноста во која доминираат подлизурковци и безрбетници. Рековме: Убавината на Достоевски е и премногу утопистичка, милоста на Исус носи уште поголеми страданија, а на поезијата никој не ѝ придава никакво значење, како ни на етиката на Кант. Можеби најоптимистичко решение тука е Човекот-човештво за кој сонува Шраермахер, а кој беше проект и на Аристотел и Александар Македонски, кои први во светот ги заведоа и озаконија „природното право и правото на народите“, важен цивилизациски факт што го истакна и Бертран Расел во неговата книга „Мудроста на Западот“. Сo еден збор, Универзалниот Човек космополит, полн со љубов кон другите и искачен над сите политики, религии и други препреки што го кочат човештвото доколку се употребуваат за владеење на другите. Тоа е Човекот што става акцент на духовното и го сфаќа светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце) не на материјалното, како што го прави тоа сега западната либералкапиталистичка цивилизација, поради чија материјална лакомост страда целиот денешен свет. Случаите со Сирија и Македонија, како и со редица други земји и народи, сега, а можеби и во идното столетие, не ќе можат да дадат одговор на прашањето што ми го поставуваш, драг читателу. Само едно знам, да бидам малку и пророк, дека ариевскиот, моќен и корпоративен, глобалистички Запад наскоро го очекува голема катастрофа, покрај другото, и како казна за она што им го прави на Македонија и на Македонците сега.

Толку. Сакам на крајот сепак, драг читателу, да ти ги упатам моите новогодишни желби до тебе за божествен мир и духовна среќа во која од дното до врвот ќе се исполниш со Бог и божественото, она што толку многу му недостига на овој свет. А тука е најпосле и мојата желба до целиот македонски народ да си ја поврати самопочитта што му ја одзедоа валканите бескрупулозни политичари и да биде храбар за да ја почне од овој ден, час и миг битката да си го врати она најсветото што му го одземаат странските сатрапи и домашните петтоколонаши – Името. Не губи надеж, драг читателу, верувај, таа битка ќе ја добиеме.