Нашето Охи = Бојкот!

5483

Досега е кажано речиси сѐ што можеше да се каже за кукавичиното јајце во вид на наводен мировен договор со Грција и следствено за референдумот и за уставните измени – повеќе неразумно поради супериорната јавна пропаганда, отколку што можеше да се чуе гласот на разумот. Но оваа колумна, исто како и бесмислената и противзаконска кампања, нема да изврши големо влијание врз граѓаните, бидејќи ако досега длабоко во себе и со себе не расчистија кои се и што се никој однадвор нема да може да го стори тоа. Иако нѐ убедуваат во спротивното, дека е ова една обична и вообичаена работа, нивните смешни и панични пораки го зборуваат спротивното.

Како инаку да го сфатите францускиот амбасадор, кој ви толкува дека на гласачкото ливче ќе избирате помеѓу Северна Македонија и Северна Кореја?! Изгубија и срам и перде, забегаа сосема, но сепак мора нештата да ги поставиме на чистина: досега во светски размери не се случило од една мала, сиромашна и воено/политички/економски немоќна земја да се бара да се самоукине на (божем) демократски начин. Невиден преседан е во референдумска кампања да учествуваат бивши и сегашни генерални секретари на воени алијанси, министри и пратеници на политички сојузи, поединечни политичари, канцелари и претседатели на туѓи држави – кои директно се мешаат во внатрешните работи на држава, која не само што не ја почитуваат во согласност со принципот на суверена еднаквост (барем во ООН), туку и ја третираат како своја колонија. Изминатите два месеца граѓаните на Република Македонија се подложени на досега невидена, не е претерано да се каже и монструозна, пропагандна машинерија, која продуцира закани завиткани во сомотски ракавици и шарени лажги достојни само за мали деца или за ретардирани лица. Нека се обидат со вакви пораки да излезат пред нивните граѓани, па ќе видите што ќе им се случи!

За жал, сето ова е со благослов на оваа влада, која сѐ уште се нарекува македонска, која не смее да заусти ни М, па од уста не ја вади „Европска Македонија“ за да не каже „Северна Македонија“. Да се разбереме, ако досега и имаше сомнежи сега е јасно дека таа е странска инсталација. Кога ова ќе му стане јасно и на најголемиот скептик, ќе дојде време на тешко отрезнување. Последиците ќе бидат стравотни, бидејќи и живата рана, која е досега отворена и загноена, е доволна индикација за предизвиците што допрва ќе дојдат. Ова е моја последна колумна пред референдумот, онаа што ќе ја читате на 1 октомври веќе ќе зборува за искушенијата што ќе следуваат. Исходот на референдумот не го прогнозирам, но знам со сигурност дека битката за Република Македонија (која никогаш ниту била, ниту ќе биде Северна Кореја, но ќе стане авторитарна Северна доколку помине овој срамен референдум) ќе почне истата вечер, по завршувањето на овој противуставен и противзаконски чин. Затоа, 30 септември не е крајот туку почетокот. Се надевам дека ќе биде почеток на рехабилитацијата од оваа шок-терапија и дека ќе бидеме доволно умни и разумни да знаеме како да ги залекуваме раните.

Како да дојдеме до таа толку значајна точка на пресврт? Најнапред со отпор кон наметнатиот референдум, со кој нѐ потценуваат и нѐ прават луди при здрав ум. Оваа земја почнува да личи не само на орвелијанска дистопија, туку и на сценарио за римејк на „Летот над кукавичкото гнездо“. Ова веќе не е одбрана на уставното име или Уставот туку на здравиот разум!

Бидејќи не е ни нормално, ни демократско бивш генерален секретар на НАТО среде вашата земја да ви кажува дека ако апстинирате на референдумот, го губите правото на слободна мисла! Не е нормално министри за одбрана да ви парадираат низ земјата и да ви кажуваат дека тие знаат (sic!!!) дека референдумот ќе биде успешен. Не е нормално да ве уверуваат дека вашето име и устав се единствената пречка за да потечат мед и млеко, и да дојде комунизам од капиталистички вид. За да го зачуваме здравиот ум, заедно со нашата политичка заедница, за да бидеме вистински демос, кој сам за себе суверено ќе одлучува и за внатрешната и за надворешната политика, мораме да се потсетиме на сопствените, но и на туѓите искуства. Зарем сме толку наивни или заборавени за да го пренебрегнеме фактот дека секоја генерација имала и има (и ќе има) големи искушенија? На маката се познаваат јунаците, а богами и се тестира која нација е историска грешка и случаен инцидент или е живототворна и еднаква со другите во светот, барем кога станува збор за правото на самоопределување и национален дигнитет.

Оваа парада на лажговци и палјачовци сака да нѐ убеди дека нашите предци се бореле за Северна Македонија, а дека АСНОМ бил грешка што можат „номотехнички“ да ја ревидираат со потег на перото. Ако тоа им помине, тогаш признаваме дека сме креација на Тито, Коминтерната, на масоните, или на не знам кој друг…

Накусо, ќе признаеме дека не заслужуваме држава! Страшни се страдањата и искушенијата што ги имале и имаат и други народи (некои од нив, како Курдите и Палестинците, сѐ уште се колективни жртви на организираната светска хипокризија и геополитика). Сепак, да потсетам на некои историски мигови на кои се покажал токму нашиот јужен сосед, оној што ни го претставуваат или како демон или како ангел (а не е ни едното ни другото). За еден месец Грците ќе го слават својот ден Охи – денот кога грчката влада им кажала големо НЕ на заканите и понудите на Мусолини. (Ние постарите овде растевме и со приказната за нашите две големи историски НЕ – пред сличната понуда на Кралството Југославија и настаните од 27 март 1941, со паролата „Подобро гроб одошто роб“, и со историското НЕ за Коминтерната и за Сталин.)

Кога сум веќе кај грчкиот народ, пред само три години, оваа иста ЕУ, која ја облепи земјата со билборди и со пароли, ги фрли на коленици најсиромашните и најзависните, ставајќи ја владата на Ципрас пред ултиматум да прифати договор со кој само се продолжи финансиското/должничко ропство, и тоа со затворање на дотурот на пари во банките – а за да се исплаши народот и на закажаниот референдум да го прифати зависниот статус. Ако некој ја почувствувал тежината на бриселските санкции, тоа беа токму Грците. Со исчекување, голема возбуда и чувство на солидарност ги следев резултатите од тој референдум – и бев нескриено среќна кога видов таков еднодушен израз на интегритет и достоинство кај огромниот број грчки граѓани. Дури и по цена на закани и тешка неизвесност, одбраа „неразумна“ позиција, му рекоа НЕ на Брисел. Не знаеја дека Ципрас веќе ги беше продал и дека референдумот беше само фарса. Излезе лажго, страшливец, обичен политикант, а не левичар како што се прикажуваше. Тој набргу ќе ја изгуби власта, откако им нанесе огромна штета и на својот народ и на европската левица, а можеби еден од последните потези што ќе ги направи неговата влада е да ја запечати нашата судбина на балканска безимена колонија/територија без народ. Како што не му верувам ни на Брисел, ни на еврократите и банкстерите, така еднакво не им верувам ни на Ципрас и Заев, ни на Димитров и Коѕијас.

Каква врска има овој настан со нашиот горлив проблем? Голема, суштинска врска – бидејќи, иако навидум грчката страна е супериорна во однос на македонската – и таа е само марионета во рацете на центрите на моќ. „Решавањето на името“ ниту ќе ја подобри лошата социјална положба на грчкиот работник, ниту пак нашето самоукинување ќе му донесе благосостојба на македонскиот. Ние имаме многу повеќе суштински причини да се бориме заедно со грчкиот народ, одошто да се бориме против него. Впрочем, нас не нѐ продаваат како стока грчките политичари, туку нашите, кои се (исто така) марионети во туѓи раце. Нам не ни се виновни ни грчките политичари, ни грчките граѓани – и покрај сите предрасуди и делби, кои реално постојат и на кои мора да се работи. Ние си имаме работа со ајдучка власт, со држава во која уставните судии и институциите ја погребуваат правната држава, во која човековите права се кршат на секој чекор, а цензурата се наметнува дури и на уметнички дела. Овој референдум не е наш! Ни го подметнуваат небаре како колективен Хамлет треба да одлучиме сега „да се биде или не“! Таа одлука е донесена 1944 година, а потврдена во 1991 година. Ние СМЕ, и ќе нѐ БИДЕ, само ако игнорираме квазиреферендум, божем консултативен, ни жена ни риба, и кој не заслужува да се нарече демократски. Некои велат дека овој септември ќе има само 29 дена. Јас сум повеќе за тоа 30 септември да биде нашиот ден ОХИ, ден на кој ќе покажеме дека не сме ништо полоши од сите други народи што се соочувале со ултиматуми и со аншлуси. Колку послаб одзив толку повеќе моќта ќе остане кај народот, кој потоа ќе може да ги делегитимира сите што се дел на оваа пронатовска, студеновоена фарса. НАШЕТО ОХИ СЕ ВИКА БОЈКОТИРАМ!

Се соочуваме со фашизоидна и мафијашка понуда, а антифашистичкиот одговор е само еден, НЕПРИЗНАВАЊЕ на ваквите правила на игра во кои субјектот треба сам да гласа за да стане објект. Отпорот е наша должност, бидејќи преспанскиот договор не се однесува само на името, идентитетот и на Уставот – тој се однесува на нашата слобода, правото да одлучуваме за себе и за својата судбина како секој друг народ (и покрај ограничувањата на суверенитетот и глобализациската тупаница).
П.С. Каков и да е исходот, како и да го спинуваат и да го толкуваат резултатот, не заборавајте дека ова беше само мамка, тест на кој треба да се самоукинеме за тие да останат со чисти раце (ете, така сами сме си го барале овој самоукинувачки чин). Битката започнува денот потоа. И ќе трае долго, ама друг избор не ни оставаат! NO PASARAN!