НАТО е застарено

1056

И доколку биде неуспешна потрагата по нова мисија на НАТО, и доколку геостратегиските промени покажат дека подобро е НАТО да се замени со армија на ЕУ, која секако ќе биде сојузничка со САД, и доколку дојде крајот на НАТО, дебатата за целисходноста на НАТО е нешто што САД може да си го дозволат

„НАТО е застарено“ не е личен став против НАТО, туку позајмен наслов од виш советник од администрацијата на Буш Постариот, и е добар повод за дебата пред претстојната покана за членство на Македонија во НАТО.
Зошто НАТО за САД е застарено, истечено, со завршена употреба? Како и секоја организација, НАТО има своја мисија, а таа неформално најдобро е опишана од Лорд Хастингс првиот генерален секретар на НАТО во 1949 година: „да се држат Русите надвор, Американците внатре, а Германците долу“. Ваквата неформална мисија е одраз на тогашните закани од советска инвазија, американска тесноградост (изолационизам) и од германски милитаризам. Најголем дел од овие закани се одамна изминати, а Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз се веќе далечна историја. Потрагата по нова мисија, за да се оправда постоењето на НАТО, не се покажаа успешни. На пример, НАТО го активира чл. 5 за заемна одбрана, но тој гест не е следен на пример со споделување на товарот на војната во Авганистан, каде што воената операција во најголем дел се потпира на САД.

Руските интервенции во Грузија и во Украина, и заживувањето на стравот од Русија не се вистинска закана за НАТО. САД за армијата издвојуваат околу 3,1 проценти од БДП или околу 610 милијарди долари, што е 35 проценти од глобалната воена потрошувачка, колку вкупно следните десет армии заедно. Русија издвојува 4,3 проценти или само околу 66 милијарди долари, што е 3,8 проценти од глобалната воена потрошувачка, и веќе со интервенциите во Украина и во Сирија, чиј успех е заснован на изненадување, е на границата на можностите. Русија нема економија што може да дозволи понатамошно зголемување на воениот буџет, а тој е веќе напрегнат со досегашните воени интервенции. Точно е дека Русија има еден милион војници во униформа, што е втора по големина по САД. Но ЕУ може лесно да си дозволи да му парира на тоа. Комбинираниот БДП на ЕУ е над 17.000 милијарди што е десет пати повеќе од тој на Русија, а и комбинираниот воен буџет на Франција, Велика Британија и на Германија е за неколкупати поголем од тој на Русија. ЕУ без поголеми проблеми може да се спротивстави на евентуалната закана од Русија.
Од друга страна, ерата на евроатлантскиот регион е во заминување, доаѓа ерата на пацифичкиот регион. Новите закани за САД не се во евроатлантскиот регион, туку во Азија, поточно во Кина и во Иран. Кина со издвојување на само 1,9 процент од БДП има веќе воен буџет од 228 милијарди долари или 13 проценти од глобалната воена потрошувачка. САД за ефективно да одговори на новите предизвици во Азија мора да се фокусира таму, што значи и фокус на воениот буџет во Азија. Тоа е невозможно без американско извлекување од Европа (Германија) и пренасочување на ресурсите во Азија. Оттука театралните напади на Трамп врз НАТО и врз сојузниците не се одраз на шарлатанството на претседателот, туку сериозен интерес на САД да се фокусира на Кина и на Азија. И покрај сите контроверзии самитот Трамп – Путин е во истата насока, бидејќи тоа не е личен долг за руското мешање во изборот на Трамп, туку длабок интерес на САД да го разбијат сојузот на Кина и на Русија, „змејот и мечката“, и да ја придобие Русија на своја страна.

Но сето ова не значи дека оние што се ориентирани против НАТО можат да се радуваат дека е дојден крајот на НАТО. Сегашната кавга е само зголемување на притисокот на САД врз ЕУ да ги зголеми воените буџети на декларираната цел од 2 проценти, што сега ја исполнуваат, покрај САД, само Велика Британија и Полска. Во таа насока е најавата на Германија дека ќе го зголеми воениот буџет од 1,2 на 1,5 проценти. Целата кавга нема да заврши со крај на НАТО, туку најверојатно со зголемување на придонесот на ЕУ во европската одбрана.
И доколку биде неуспешна потрагата по нова мисија на НАТО, и доколку геостратегиските промени покажат дека подобро е НАТО да се замени со армија на ЕУ, која секако ќе биде сојузничка со САД, и доколку дојде крајот на НАТО, дебатата за целисходноста на НАТО е нешто што САД може да си го дозволат, што Германија може да си дозволи, но малите земји како Македонија не можат да си ја дозволат.
Во пресрет на поканата за НАТО, поврзана со договорот за името, дебатата за целисходноста на НАТО во Македонија се води во две погрешни насоки, песимистичка и оптимистичка. Во следниот коментар ќе образложам зошто НАТО-членството е неопходно, но од друга страна и зошто не треба да се преувеличуваат ефектите, и безбедносните и политичките и економските, од истото тоа НАТО-членство.

(Продолжува…)

(Авторот е аналитичар)

Блог www.megjutoa.mк
@sklek #СпоротЗаИмето #НАТО