Натоленд

3453

Во петокот ми се јави швајцарски новинар за да побара изјава за тоа што ќе значи членството во НАТО за Македонија. Само што го изговори тоа, се сепна и веднаш се поправи – Северна Македонија. Се изнасмеав и му велам на (полу)шега: not yet, сѐ уште не! Но веќе истата вечер, по ратификацијата на протоколот за членство во грчкиот парламент, медиумите јавија дека Преспанскиот договор стапува ефективно во сила, а само по неколку дена името Северна Македонија ќе влезе во меѓународна употреба. Имено, по размената на нотите меѓу двете влади, нашата ќе упати барање до сите земји во светот, вклучувајќи ги и оние 140 што нѐ признаа под уставното име, да го користат новото име. Мнозина се гневни, но тоа го изразуваат на бизарен начин, одбивајќи да се соочат со фактите, па ја туркаат главата в песок како нојот. Или се однесуваат како налутено дете, кое седи в кош завртено со грбот кон другите, па вика: „Не си играм веќе со вас, не си играм!“. Фактите се брутални: сакале вие да бојкотирате (избори или нешто друго), наскоро ќе плаќаме даноци на Северна Македонија, ќе носиме нејзини дипломи, лични карти, возачки дозволи, пасоши…

Навистина, си ветив дека отсега нема да напишам ниту еден научен труд за Северна Македонија, ами умешно ќе го користам само атрибутот „Macedonian state/society“ (македонска држава/општество). Убедена сум дека моите пријатели и колеги, професорите Френсис Бојл (Универзитетот на Илиноис) и Ричард Фалк („Принстон“), се во право кога велат дека Преспанскиот договор, како и начинот на кој е ратификуван, страда од срцева мана и дека кога-тогаш ќе може да се оспори, односно побара негово поништување врз основа на одредбите на Виенската конвенција. Тоа ќе бара кураж и подготвеност за правна и дипломатска борба пред Судот на правдата на ОН. Но, најнапред ќе бара нова и силна влада, која ќе сака да ги употреби сите правни средства за поправање на штетата. Дотогаш останува отворено прашањето какви други последици ќе остави оваа влада, која може единствено да се опише како „катастрофа во движење“. Нема ден без скандал, без уривање и на она малку што остана од пристојноста, правото, стандардите… Би можела цела колумна да напишам само со набројување на скандалите настанати во само еден ден… Сега веројатно и на најшарените илузионисти им станува јасно дека она што го очекуваа како сон стана кошмар, а дека сета оваа северномакедонска фарса е направена за фактички да станеме натоленд, држава-територија на НАТО. Постапката за зачленување ќе трае најмалку година-две, но западните медиуми и политички центри веќе ја сменија „песната“: оние што до вчера ги коваа во ѕвездите Заев и неговата храбра влада, кои опишуваа колку е фантастичен Преспанскиот договор и колкава ќе биде ползата од него, денес се веќе порационални. Операцијата заврши, сега можат да се вратат на критички и објективен приказ на најсиромашната земја во Европа, со најслаба економија, со по една чизма по глава на војник, енормната корупција, непотизам, слаби институции итн. Сега доаѓа отрезнувањето: сето она што не е платено на патот, ќе се плати на мостот! Сите оние што ја туркаа Македонија во НАТО, сега ќе покажуваат дека не е подготвена за ЕУ. (Во меѓувреме, и ЕУ пука по сите (жолти) рабови, па се случува Франција да го повлече својот амбасадор од Рим и многу други интересни случувања…)

Накратко, колку што ми е тешко да живеам во Северна Македонија, уште потешко ќе биде во натоленд (ова е горчлива алузија на „Ханиленд“, филмот претставен под Macedonia, кој неодамна доби награда на врвен меѓународен фестивал). Гледано од веселата страна, ги стекнувам сите услови да станам дисидент, Ноамка Чомка како што во потсмев ми се обраќаше помлада колешка од Правниот факултет, сакајќи да ме навреди. Шегата настрана, во земја во која воопшто нема траги на дисидентство, во која владее авторитарна политичка матрица, во која војската е институција со највисока доверба (заедно со црквата), а во која најголемо достигнување на политичката елита е членство во воена алијанса, она што ќе следува е задушување на слободата и јакнење на авторитарните стеги. Граѓаните не сфатија порано дека стануваме само пион на големата шаховска табла, и дека да се биде член на НАТО има цена (во човечка, финансиска, морална, правна и друга смисла); ние веќе ги жртвувавме уставната сувереност и идентитетот за воена алијанса. НАТО (и ЕУ) се „опиум“ за народот, за олеснување на секојдневните грижи, опиум што го дилаа сите досегашни влади, претворајќи го во секуларна религија. Освестувањето ќе дојде скоро: членството во НАТО нема да му ги подигне коефициентот на интелигенција, ниту моралот и капацитетите на Заев, ниту тоа ќе се одрази поволно на буџетот и социјалната сигурност. Следува изборна кампања во која како папагали ќе повторуваат НАТО, НАТО, НАТО – ти си наше злато, а кога конфетите ќе паднат, ќе ја видиме сопствената беда и колку евтино се продадовме за да бидеме на страната на Неправдата.

Некои беа вџашени што веднаш по свечениот чин, претставниците на НАТО користеа симболи, како во детска сликовница, за означување на Македонија и македонскиот јазик, само да не ги споменат. Тоа е патетично, бидејќи како во ретко која држава, интелектуалната елита (оние што се нарекуваат прогресивци и либерали) најсилно се залагаа(т) повеќе пари да се издвојуваат за оружје, а помалку за путер и леб. Тоа не го прави ниту интелектуалната елита во НАТО-земјите, вклучувајќи ги и САД. И токму во време кога на (Северна) Македонија ѝ се отвораат вратите на Алијансата (иако таа одамна ги користи македонските воени ресурси, од Авганистан до Ирак, а сега Стево Пендаровски најавува и партиципација во воена мисија во Африка, во Мали), се одбележува 20-годишниот јубилеј од НАТО-интервенцијата врз СР Југославија. НАТО бомбардираше мостови со цивили и зграда на РТС со новинари, а по грешка и конвој од 80 бегалци, а некој овде се згрозува од симболичко насилство! Каква патетика! Кога ќе помислам наназад, сфаќам дека и тогаш, како и сега, бев малцинство, редок глас против хуманитарниот милитаризам, против кршењето на Повелбата на ОН, против цинизмот на жалењето за „колатералните жртви“ (цивилите), користењето кластер-бомби и осиромашен ураниум итн. Подоцна бев против интервенцијата во Авганистан (и Ирак), а ќе бидам и против тие во Мали или Венецуела. Несреќната годишнина ќе ја одбележам во Белград со колеги од цела Европа, на панел насловен „Балканско НЕ за НАТО“ (ќе има претставник и од Грција). Северна Македонија е изгубен случај, но сега личната слобода е во прашање; без неа, нема ни слободно општество.

Оваа колумна е само предупредување на она што се наѕира. Веќе се навестуваат чистки: секој што е сомнителен или се смета за антизападно ориентиран (по слободна и/или партиска процена), ќе биде отстранет од работното место. Тоа биле безбедносни НАТО-стандарди! Ќе почнат со безбедносните служби, но нема да запрат тука. Новинарите веќе засукале ракави: пишуваат за опасноста од реставрацијата на „озлогласената партија“ и македонските бурбони (притоа, ставајќи знак на равенство помеѓу опозицијата и антизападните ставови, иако дури и Груевски од Будимпешта порачува дека е за НАТО!). Секој што не е со нив, мора да е против нив.

Самоцензурата си има длабоки корени, особено и во академската фела. И оние што се наводни истражувачи на мирот и конфликтите, или се фалат со Галтунг, се тивки или отворено пронатовски (друже НАТО, ми ти се кунемо!). Пред 20 години пишуваа книги против НАТО, денес велат дека ова е вистинскиот избор. Најголемиот благослов дојде од верските заедници: „мир на земјата, мир на небото“ е нивната честитка до Заев! Мирот е војна, војната е мир! Секуларната и вистинската религија си подадоа рака. Останавме ние, неверните Томи, да се потрудиме да не нѐ замолчат. Ако нашите татковци минувале низ паранојата на Информбирото, на нашите деца им следува нова епизода од истата серија. Остана само уште Голи Оток да најдат (Змиски Остров на Преспанско Езеро ќе биде доволен за ова малцинство).