Наследството на Наполеон на Блискиот Исток

367

„На почетокот беше Наполеон“. Така започнува познатата историска книга за Германија од 19 век на починатиот историчар Томас Нипердеј, со наслов „Германија од Наполеон до Бизмарк“. Но иако Нипердеј се осврнуваше на главната улога на Наполеон Бонапарта во создавањето на современа Европа, во многу погледи неговата изјава важи и за денешниот Блиски Исток.
Инвазијата на Наполеон на Египет од 1798 година претставува прв пример на либерален империјализам и ја истакнува брзината со која Француската револуција ги надмина француските, но и европските граници. Иако офанзивата беше воено фијаско, тој остави трајно наследство во регионот.

Инвазијата беше првиот современ обид за вклучување на исламското општество во европското. Исто така, тоа претставуваше развоен момент за дискурсот на ориентализмот, кога сите негови идеолошки елементи се споија и се употреби цел арсенал западни инструменти на доминација за негова заштита. Самата окупација не успеа да го модернизира египетското општество во целост, затоа што револуционерните принципи што се обидоа да ги воведат Французите беа премногу радикални и непознати, а наидоа и на локален отпор. Но Наполеон создаде политички вакуум во Египет, кој за кратко беше исполнет од страна на Кавалали Мехмет али-паша, кој, во рок од една деценија од заминувањето на француското присуство, почна да ги поставува темелите за еден реформиран и модернизиран Египет, кој подоцна ќе одигра многу важна улога на Блискиот Исток.

Египетската офанзива на Наполеон исто така ги промени од корен традиционалните европски политики кон регионот. Наместо да нанесе удар врз империјалната моќ на Велика Британија, француската инвазија го натера Османлиското Царство, кое беше традиционалниот сојузник на Франција, да склучи сојуз со своите поранешни непријатели Русија и Велика Британија и истовремено да ја промени природата на француско-британското ривалство на Истокот. Дотогаш, Франција традиционално спроведуваше напади врз Индија од островските бази во Индиски Океан, потпирајќи се на поморската сила на која Британците можеа да се спротивстават со својата флота. Но обидот на Наполеон да го освои Египет по копно сериозно ја наруши оваа политичка равенка, принудувајќи ја Велика Британија да ја разгледа можноста дека други сили може да дојдат до пристап до Индија преку териториите во непосредна близина на индискиот потконтинент.

Оваа нужност ја натера Велика Британија да вложи трајни напори за да освои дополнителни колонии за да ги заштити своите индиски територии од копнен напад. Претставници од британската компанија за источна Индија во 1798 година истакнаа дека „освоиле империја со вооружена моќ и во иднина мора да се потпираат на неа, зашто, во спротивно, таа ќе падне на рацете на друга подоминантна сила, потпирајќи се на истите средства“. Британското владеење се потпираше на ваквата сила до 1947 година, која наедно помогна во неговите интервенции во Египет, Јемен, Оман, Иран и во Авганистан.

Пошироките војни на Наполеон имаа огромно влијание врз исламските територии. Иако во суштина се европски по природа, тие ги обликуваа односите на Европа со исламскиот свет во наредниот век. Османлиското Царство се најде на цел не само на руските царски амбиции, туку и на француските, австриските и британските, кои придонесоа за неговите последователни територијални загуби и појавата на „Источното прашање“. Покрај тоа, сличностите помеѓу реториката и методите на Наполеон, како и оние што се користеа во западните интервенции од 20 век на Блискиот Исток, го истакнуваат долгорочното влијание на неговото наследство.

Од 1810 до 1812 година, еден век пред „Лоренс од Арабија“, агентите на Наполеон се обидоа да ги охрабрат арапските племиња во Сирија и во Ирак да се обединат во бунт против Османлиите. Подоцна француските влади ја остварија визијата на Наполеон за француска колонијална империја. Во 1830 година, француските војници, иако некои од нив беа ветерани од египетската офанзива, го нападнаа Алжир врз основа на планови за итна интервенција што беа развиени под власта на Наполеон две децении претходно и ги поставија темелите на француско колонијално владеење, кое траеше до 1962 година.
Иран, чија империја била влијателна во минатото, се соочи со еднакво болна судбина, така што стана пион во рацете на европските сили. Изигран од Франција и од Велика Британија, Иран претрпе понижувачки порази од Русија, која ги освои Грузија и југоисточен Кавказ до 1813 година и го истисна иранското влијание од регионот.

Наполеоновите војни открија неефикасно спроведување на власта во османлиската и во иранската држава, а со тоа и ја истакнаа големата воена и економска нееднаквост, меѓу нив и водечките европски сили. Така, војните поттикна ера на внатрешни реформи, бидејќи османлиските, египетските и иранските политички лидери сакаа да ги преструктурираат своите администрации и војски по европски терк.
Токму тука се наоѓа едно од најпостојаните Наполеонови наследства на Блискиот Исток. Владетелите што се стремеа за реформирање, како што беа османлискиот султан Махмуд Втори, Мехмет Али од Египет и иранскиот престолонаследник Абаз Мирза, не ги доведуваа во прашање културните норми или општествените структури врз кои се темелеше традиционалниот поредок. Наместо тоа, тие веруваа дека воените и административните реформи во стилот на Европа ќе им овозможат да ја консолидираат нивната внатрешна моќ и поефикасно ќе ги заштитат нивните држави од надворешните закани.

Но ваквите реформи доведоа до воведување на западните практики во исламските општества што претставуваа предизвик по постојните структури на моќ, затоа што тие подиректно и посилно ја наметнуваа централната власт во секојдневието на граѓаните за разлика од претходно. Затоа многу групи, вклучувајќи ги и улемите (верски водачи), Саудијците во централна Арабија, османлиските јаничари и иранските традиционални елити, реагираа толку негативно и ги отфрлија дури и современите промени што можеа подобро да ги заштитат нивните држави.

Оваа конфронтација сѐ повеќе се гледаше како борба за самата суштина на исламскиот начин на живот. Нејзините силни последици, заедно со другите аспекти на наследството на Наполеон, и ден-денес се чувствуваат на Блискиот Исток.

Авторот е професор по историја
на Државниот универзитет во Луизијана