Народен херој или жетон број 61?

1625

Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)

Еве, за денес, уште еден фалсификуван поим. Тоа е изразот „народен херој“, од новите политичари преименуван во „историска личност“. Од оној четврток кога не се појави на собраниската седница „решавачка за иднината на Македонија“, пратеникот К.Р. е народен херој. До четвртокот беше само име од телефонскиот именик. Затоа и користам иницијали: веќе е познат. Впрочем, и физичарите за Ајнштајн одамна ја користат кратенката: „А.А.“
Ако направите анкета меѓу младината на Македонија и прашате кој е Исмаил Кадаре, не верувам дека ќе добиете импресивни резултати. Но ако прашате кој е К.Р. мислам дека овој убедливо би го победил Кадаре. Дури и да побарате од младите Македонци да кажат или една строфа од Блаже Конески или еден изборен слоган од некој македонски политичар, мислам дека мнозинството ќе говори слогани.
Затоа, овој пат се прашувам – што тоа може да направи еден политичар, па да му ја помати славата на еден европски интелектуален великан од сојот на Кадаре? Како би му успеало на еден пратеник („десетар“ во политиката), со само 24 часа „засолнување“ некаде, да го надмине сето она што еден генерал-писател грижливо го градел како јавен рејтинг низ десетина романи, изложен на сите можни удари од политичката диктатура? Зар 24 часа криење во некоја викендичка можат да се споредат со 50 години деноноќна работа, од „Генералот на мртвата војска“ (1963) до „Разговор за брилијантите во едно декемвриско попладне“ (2013)? И ако е така, зар политиката (особено кај нас) не е најлесниот начин да станеш „историска личност“, без да мрднеш со прст? Ако е исто да бидеш пратеник што ветил, а не дошол на седница, и да бидеш одликуван со орден на француската Легија на честа, да бидеш член на Академијата на моралните и политички науки во Париз или да добиеш Букеровата награда, тогаш – тоа не е нормално. А ако уште е и ПОВЕЌЕ од тоа, тогаш е колективна, општествена патологија.

Во секој случај, пратеникот стана народен херој, во новата, редефинирана смисла на зборот: без борба и со отсуство, а не со борба и со присуство. Тоа се тектонски поместувања во овие поими. За оние што останаа на власт тој е историски дијамант што ја спасил државава „од сигурна пропаст“. За оние што не успеаја да дојдат на власт тој е црн бисер, Херострат, оној што од интерес или за да стане славен го запали храмот на Артемида во Ефес. Но во случајов не е важно само како К.Р. го гледаат другите, туку како и пратеникот се гледа самиот себеси. Автоимаголошката перцепција им говори многу на психолозите: за нарцизмот на личноста, на пример. Но таа автоимагологија може да им каже многу и на социолозите: ако во таа самоперцепција личноста пројави халуцинантни слики за своето општествено значење, а тие бидат прифатени како нормални од средината (што и се случува), тогаш станува збор и за болно општество. За нарцизмот кај К.Р. има доволно елементи: прво што направи откако се одмори во природа, свика прес-конференција, а потоа направи и мал слалом по медиуми, наминувајќи на сликање и во кабинетот на премиерот, со што покажа дека е личност што не е неславољубива. Личност што знае и умее и своите мани да ги претвори во доблести, нешто што денес високо се цени во политиката. На пресот, во висок стил на самољубие и нескромност (стои „јас ја водам земјата“, не „ние ја водиме“) рече: „Мирен сум, со чиста совест и сигурен дека нема поголема вредност од тоа да избереш својата земја да ја носиш на патот на слободата, демократијата и заедништвото“. Како да е премиер, не дај боже, или како да говори на доделување на Нобелова награда за мир. Но ако е мирен, зошто оваа реченица не му ја тутна во џеб една вечер пред тоа на некој свој колега, за овој да ја прочита од собраниската говорница, па сите да бидеме мирни? Чуму сиот оној медиумски театар, оние приказни за киднапирање, со кои и разочараните, без да бидат свесни, почнаа да му ја зголемуваат славата на „народниот херој“?

Медиумите пренесоа уште дека К.Р. смета дека земјата не ни е скандинавска и дека со Устав загарантираното право на секој пратеник да гласа по сопствено убедување не е докрај обезбедено, па затоа морал да се засолни и од вербални и од физички напади. И на Кадаре, кога паѓаше тоталитаризмот во Албанија, не му беа обезбедени скандинавски услови и со Устав загарантираното право да каже што мисли, па сепак, кога во 1990 година побара азил во Франција, јавно кажа: книжевноста и диктатурата не одат заедно!
Финалето на изјавата најдобро покажува колку високо се гледа себеси „народниот херој“. Нема ништо потажно од тоа кога ќе се спојат незнаењето и мегаломанијата, па кога себеси, како целосно анонимна единка ќе се ставиш во ранг на ДРЖАВА и ќе се прогласиш за „стратегиски партнер на САД“. „Јас, К. Р. сојузник на своите сограѓани, и на Албанците и на Македонците, и на сите што имаат поглед напред, стратегиски сојузник на САД, во интерес на мојата земја, РС Македонија и во интерес на сопствениот народ, самоволно и одлучно се засолнив (…) со цел да не дозволам (…) земјата да ни отиде во правец спротивен на моите идеолошки убедувања“. Погледнете ја онаа потсвесна фројдовска грешка, онаа комична синтагма – „одлучно се скрив“. Ако некој ХРАБРО се крие, тогаш навистина им припаѓа на народните херои од под „Јорган Планина“, како што се шегуваа првоборците од НОБ, кога им се појавуваа сѐ нови и нови првоборци по војната. Толку за „хероизмот“ кај новите „народни херои“.
Кај К.Р. очигледно е јасно избистрена свеста дека од ЕДЕН човек зависела цела Македонија во четвртокот. Таа свест е тоталитарна и опасна, а веќе подолго време владее и со целата наша политика. Сите тврдат и нѐ плашат дека без нив државата ќе пропадне. Нѐ убедуваат дека се историски личности, дека се кандидати дури и за Нобелова награда, без да спомнат дека и пред нив сме имале Нобелови номинации, и тоа од уметничкиот префинет сој на Кадаре, а не од флиперот на политиката: Блаже Конески, Славко Јаневски и Матеја Матевски, на пример.

Поука: кој сака да стане „историска личност“ нека ги фрли книгите и дипломите, чеканот, мотиката и мистријата – и марш во политика. Таму, ако те послужи среќата да бидеш „шеесет и првиот жетон“ во собранискиот флипер („флипер заразен ко трипер“, велеше еден мој другар, зависник од комар), можеш со една видеополитичка „игрица“ да добиеш слава и толку нули, колку што нема ни во астрономијата. Кој е улав нека учи и нека се поти. А за утеха на сите оние што ја посакуваат (К.Р. ми личи така, според реториката на пресот), а не ја добиле Нобеловата награда: не ја доби ни Толстој, иако беше жив кога почна да се доделува. Не ја доби ни Крлежа. Но имаме и домашни утешни награди: „народен херој“, или „историска личност“ се сосема доволни за слава на душичката и за натпросечен живот на телото овде. Тоа што станува збор за обични жетони, а не за личности и херои – тоа и не е толку важно во државата во која сите се преправаме дека лесното е тешко, а тешкото – лесно.