Мутанти – северномакедонци

1913

Си живеевме така, под режимот на груевистичката влада. Една деценија… Гледавме отворање странски фирми во слободните економски зони. Слушавме економски вести. Владата постојано известуваше за реформски успеси и објавуваше фотографии од „поставување темели“. Слушавме и мантри за ЕУ и за НАТО. Гледавме и прес-конференции на невладините организации, кои укажуваа на корупција и кршење на правото. И тие ја имаа мантрата ЕУ и НАТО-интеграции. Впрочем, и парите со кои овие се финансираат се во голем дел од ЕУ, а не е незначително и учеството на САД, преку УСАИД и други организации, во финансирањето проекти важни за заедницата.

И така некое време, сѐ додека не стана интересно: се појавија Шарената револуција и Вистината за Македонија. Секојдневно имаше протести, организирани до најситен детаљ: маршрута, говорници, транспаренти, изјави за медиумите, објекти што треба да се „фарбаат“, известување до јавноста, пораки од опозициските лидери, фејсбук-страници за политичка сатира со по 50 илјади следбеници, пораки од лидерите на невладините организации поддржувачи на протестите. Цела Македонија беше обиколена и „Вистината“ стигна до најмалото селце. Во Скопје стана „ин“ да ‚‚искачаш“ на протест, да тераш политички сеир, да се „дереш“ како ништо не чини во државава, да се сликаш со иновативен транспарент, да си направиш селфи со „закон“ маичка, да прошеташ дотеран на корзо, да фрлиш троа „шаренило“ врз „чудесниот“ проект „Скопје 2014“.

И јас си живеев, ете така, безгрижно, мислејќи нема што да се заморувам со политика, режимот веќе е урнат и СЈО си ја работи работата на буквата „Т“. Ама повторно стана „интересно“: Владата потпишала договор, за кој нема мандат, за кој нема консензус, за кој нема легитимитет, за кој нема расположение кај македонските граѓани. И сака да нѐ направи мутанти – Северни Македонци. Тогаш првпат ми се отворија политичките „чакри“. Чекај малку си викам… Што се случи? Што сѐ зборуваше Зоран Заев, а што прави сега премиерот?

Читам по социјалните мрежи апологети на спогодбата ги убедуваат неинформираните (како и јас тогаш) дека оваа спогодба е најдоброто што сме можеле да го договориме. Дека се заштитени македонскиот јазик, идентитет, државност… Дека не е време за историја туку за иднина во ЕУ. Дека сме тапкале во место 27 години и „моментот бил погоден“… Е, не ми се веруваше… Толку ли изгледаме глупаво? Или молчењето на народот се толкува како негова глупост? Не бе… Нема кој да го организира.
Опозицијата нешто демек почнува со протести, па се откажува. Потоа демек ќе бојкотираше, па се откажува. Исто како и премиерот што немаше да го даде името додека дише, исто како што немаше да се менува Уставот…

Се враќам во мислите на многу мои пријатели и познаници што се интелектуалци и гласноговорници за сѐ што не чини. Па си викам, зарем сите овие што шетаа на шарените улици не беа борци за права? Па, нели ни се кршат нашите родени права со оваа спогодба? И тоа највисоките, и минатите и идните права… Па, нели и цела мрежа невладини постојано работеа за права и слободи, транспарентно и 24/7?
И си викам, мора да станеш Јапонец за да останеш при здрава свест и вистина овде. И како вреден Јапонец размислувам: „Ако сите го прават тоа, можам и јас. Ако никој не го прави тоа, тогаш треба јас.“ И се радувам што запознав многу македонски Јапонци во овие два месеца на мрежата. Молчи не сум сама, не е до мене си викам…

И почнувам да истражувам по мрежава и откривам секој ден понекоја жица од една голема, ГООООЛЕМА мрежа каде што има еден спајдермајнд, а другите „спајдерменчиња“ вредно ја шират понатаму мрежата. Колкав само кеш, човече (што би рекол Кили)! За ваква мрежа треба да имаш печатница за пари или Народна банка… Или, пак, подобро да си тргуваш на берзата и за еден ден да заработиш една милијарда долари од шпекулативно тргување со фунтата и да предизвикаш нејзин колапс…

И пак се враќам кон Македонија. Различни два света: едниот демек интелектуален што се борел за правдина, па, ете, ја истерал правдата и сега може да се „одмори“ од неа, а другите „племе националистичко“ – Македонија не ја даваат и затоа овие првиве ги викаат „името не го даваме“ како синоним за назаден „демек патриот“. И по Интернет се плука, се пцуе, се колне, се кодоши, се групира, се брише, се тера сеир на големо… Едниве „името не го даваме“ жалат и повикуваат на мирен протест за правда поради несоодветната квалификација на делото и бегството на еден од сторителите од криминалниот прогон, а некои од овие другиве „интелектуални прогресивци“ велат образованието е исто така виновно. Ни невладините ги нема да држат прес-конференции и мегафони во рацете како во случајот на малата Тамара.

А во исто време фрчат фотографии, линкови од Албанци, најверојатно членови на навивачката група „Шверцери“, кои прашуваат „Кој е следен?“, „Смрт за комити!“… Никој не реагира… Само фотографиите исчезнуваат од Фејсбук. Се случува пожарот во предградието на Атина… фрчат фотографии, потресни. Некои од оние другите, пак, со краток фитиљ пишуваат несоодветни пораки со содржина на реваншизам и ситење. Веднаш реагира уиграната пропагандна машинерија со осуда на ваквиот говор на омраза и го повикува ОЈО да поведе постапка. Се согласувам комплетно. Но не се согласувам со нивниот молк за Никола Саздовски-Саздо. Во време кога фрчат милионски суми за кампања од „јавен интерес“, кога ФИТР додели милионски суми на „иновативни шарени проекти“.

Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ