Моќта на кешот за бегалците

253

Во секој случај, кешот не е лек за сè. Други иницијативи, како што се програмите за доделување храна и помош во исхраната, исто така се потребни за да се заштитат луѓето што се заробени во конфликтните области или ги трпат последиците од природните катастрофи

Светот се соочува со рекордно ниво на присилна миграција. Конфликтите, природните катастрофи и многу други причини натераа над 70 милиони лица да ги напуштат своите домови, од кои 26 милиони станаа бегалци. Тие честопати мораат долго и макотрпно да патуваат, па потоа да најдат начин како повторно да го изградат својот живот. За среќа, постојат неколку начини како да им се помогне на овие бегалци и локалната економија каде што се наоѓаат тие сега.
Во овие времиња на политички поделби и несогласувања, некои ќе се посомневаат дали хуманитарната помош навистина е корисна. Постојат силни докази дека иновативните и флексибилните пристапи во хуманитарната помош може да направат огромна разлика на ефикасен и на економичен начин.

Еден таков пристап е паричната помош и веќе се покажа од непроценлива вредност за сириските бегалци во Јордан, Либан и во Турција. Турската програма за итна социјална помош (ЕССН) им овозможи на 1,6 милион бегалци не само да ги задоволат најосновните потреби туку и да учествуваат во локалната економија.

Посебна по своите размери, пристап и влијание, ЕССН беше воведена на крајот од 2016 година од страна на ЕУ и на турската влада, а беше усвоена и од страна на програмата за светска храна на ООН (ВФП) заедно со турската Црвена месечина. Таа им нуди на бегалците дебитна картичка на која секој месец добиваат 120 турски лири (21 долар) за секој член од семејството, покрај кварталниот додаток во зависност од големината на семејството. Според истражувањето на ВФП, бегалците обично трошат пари за кирија, струја, храна и лекови. По воведувањето на програмата, бројот на корисници што ги повлекуваат своите деца од училиште се намали за повеќе од 50 отсто, а за 45 отсто се намали бројот на родители-корисници што претходно се лишувале од храна за себе за да можат да им ја обезбедат на децата. Како што покажа кампањата #НеверојатноОбично на ВФП, уште позначајно е тоа што со неа им се даде помош на бегалците за секојдневно да функционираат самостојно, од храна до превоз до работа, наместо некој друг да им ги наметнува условите, па така им се врати чувството на слобода, достоинство и идентитет на луѓето што загубија сè.
Добрата вест е што е силна поддршката за помош на бегалците и за користењето на ваквите видови програми. На една скорашна донаторска конференција во организација на ООН и на ЕУ, над 50 држави се обврзаа да соберат рекордна финансиска помош од 6, 97 милијарди долари за милиони загрозени Сиријци во државата и надвор од неа.

ЕССН, која во целост е основана од ЕУ, претставува доказ за посветеноста на Европа не само да им помага на бегалците туку и да ги поддржи турската влада и општество, кои покажаа неверојатна широкоградост за 3,6 милиони Сиријци што во моментот живеат во државата. Турција е дом на вкупно четири милиони бегалци, што е многу повеќе од која било друга држава во светот. Ова предизвика сериозни проблеми за јавните служби и за другите локални ресурси.
ЕССН помогна во решавањето на овој проблем така што им се овозможи на бегалците да најдат живеалиште, да јадат поразновидна храна и нивните деца да одат на училиште. Со тоа што бегалците станаа активни потрошувачи, програмата стана главен поттик за турската економија, заземајќи удел од над една милијарда долари во рок од две и пол години.

ЕССН не е првата програма за парична помош што имаше огромно влијание. Во изминатата деценија, успешноста на овие програми ги поттикна нивната моментална адаптација и ширење. Во 2009 година, програмите за парична помош на ВФП испратија околу 10 милиони долари во десет држави. До 2018 година, 62 држави добија парична помош од 1,76 милијарда долари.

Во секој случај, кешот не е лек за сè. Други иницијативи, како што се програмите за доделување храна и помош во исхраната, исто така се потребни за да се заштитат луѓето што се заробени во конфликтните области или ги трпат последиците од природните катастрофи. Но на места каде што пазарите се доволно развиени за да се нудат потребните добра и услуги, во градовите каде што најчесто бегалците се упатуваат, паричната помош може целосно да промени нечиј живот.

Бегалците заслужуваат да добијат шанса да ги изградат своите животи со достоинство и независност. Токму програмите за доделување парична помош им ја нудат таа шанса.

Авторот е извршен директор на програмата за светска храна во ООН