Монструм

4447

Мојата вина е што во лаконски и интелектуален стил се обраќам до неретко крвожедна публика. Признавам, виновна сум за тоа. Виновна сум што, како и во случаите што се горливи, како оние што ги споменав, без размислување говорев јавно. Трето, виновна сум што толку сериозно сум ја прифатила филозофијата на движењето за транзициска правда и соочување со минатото. Да, не требаше да бранувам и вознемирувам

Планирав оваа колумна да ја насловам „Жигосани“, но нештата тргнаа по поинаква патека. Првично, на ум ги имав оние видеоприкази на ставање лепенки на пограничните ознаки, додека работниците невешто се обидуваа да го прекријат „срамното“ име, а ветрот им ја попречуваше работата. Лепенките наскоро ќе се најдат на регистарските таблички на возилата, додека на личните документи ќе се става штембилот на Северна Македонија. Наскоро ќе треба да патувам во странство, а знам дека на границата веќе се удира штембил. На таа граница ќе згасне „Република Македонија“, ќе ја напуштам земјата (и ќе се вратам во неа) ама жигосана. Не само што сиот преспански процес почна и заврши прекутрупа, патем кршејќи ги сите уставни и законски (па и деловнички норми), само за да се испорача, туку сега и имплементацијата се врши со таква ревносност што е незабележана во ниту една друга (реформска) сфера. Поданикот не само што мора да испорача туку и жизнерадосно го прави тоа за да го задоволи Господарот, кој ќе го погали по гривата и ќе му даде награда на безбедносен форум. Ние што ја паметиме фазата кога СР Македонија се осамостојуваше од СФРЈ, знаеме со каков такт и постепеност се преземаа сите мерки во трансформацијата на системот, какви рокови постоеја за замена на документите, законите и сл. Тоа беше процес, ова е ампутација.

Поточно, импровизација по пат на жигосување. Неизбежно навираат зборовите на Горан Стефановски. Сѐ повеќе меѓу нас има „Тетовирани души“! Сѐ уште, ние сме сега и овде, нашата иднина ја продаваат, а минатото ни го бришат!. Некои, можеби со право, велат дека ваквата несмасна и набрзина изведена козметичка операција покажува дека нештата не се трајни, дека ветрот може да ги оддува, а лепенките се вадат лесно. Но како да се ослободиш од душа што насилно ти ја тетовирале? Те жигосале како стока кај нов газда, па жигот боли не само додека ти го ставаат без анестезија, туку боли и само кога го гледаш, бидејќи симболично ти покажува дека си продаден топтан, како да си недостоен, жртвуван за некаква повисока цел…

Среде оваа национална операција, јас добив личен жиг од инаков вид, кој и тоа како има врска со напишаното погоре: казната мораше да стигне, на еден или друг начин, треба да бидам дисциплинирана и замолчена. Интересно е што реализацијата ја спроведоа токму оние во кои со години се инвестираше низ различни работилници и тренинзи, за односи со јавност, или дури и борба за слобода на мисла и говор. Поради фејсбук-статус од три збора (трагедија, иронија и Карпалак) поведоа хајка и тргнаа во линч. Операцијата успешна, ги следиш упатствата за заштита на слободата на мисла и говор, ама постапуваш обратно. Го враќаш од мртвите вербалниот деликт и чекориш во светла иднина. Синот на големиот професор што беше симбол на борбата за слобода на изразување во комунизмот, сега бара чистка меѓу политички неподобните професори, бивши студенти на неговиот славен татко. (Сепак, пациентот не замолчува, како што може да се види од приложеното.) „Монструм“ е моето ново кодно име за јавна употреба, а јас олицетворение на Злото (Орданоски, злоупотребувајќи ја Хана Аренд, ме прати директно во душевната болница „Бардовци“). Никој овде не е наивен за да не види дека целта на нападот не е мојата маленкост, туку личноста што е многу поопасна од мене затоа што носи факел на бунт и непокор. Медиумите ме обвинија и осудија без да прашаат, новинарите веќе ги утврдија „елементите на делото“ говор на омраза и велат сите се против мене; ги прозваа МВР и Јавното обвинителство да се справат со ваков опасен оперативец на злото. Тие го слушаат „народот“. Нема тука ни право на одговор, нема дури ни вистинско обвинение, најмалку дијалог: гатаа што „авторката сакала да каже“ и заклучија дека тоа мора да е повик на етничка омраза. По принцип на лавина, луѓе што немаат поим што значи иронија (на судбината) се нафрлија не само да колнат туку и да му се закануваат по живот на Монструмот, неговото семејство и пријателите. Бидејќи, со Монструм не се постапува човечки, нели? Спрема монструмот сите средства се дозволени, вклучувајќи и глогов колец (додуша Тричковски ќе го набива Иванов на јарбол, ама паралелата е јасна). Ме прашуваат дали сум ги пријавила заканите во МВР. До кое МВР да се обратам? До она на чие чело стои човек што прв ме обвини без никакви докази?

Ако е Карпалак табуизиран поим бидејќи асоцира на нешто што по секоја цена треба да се заборави, тогаш Монструм асоцира на еден друг настан и судски процес. Малкумина ќе се сетат дека по егзекуцијата на младите момчиња и случајниот минувач кај Смиљковско Езеро, тогашното МВР излезе со помпезна прес-конференција на која кажа дека сторителите се идентификувани, а дури се зборуваше и за терористички врски и кампови во Авганистан. Малкумина сакаа да зборуваат јавно, па така бев речиси единствена што го осуди таквиот избрзан чин, потсетувајќи на пресумцијата на невиност и на тоа дека кодното име на операцијата (подоцна судскиот случај) „Монструм“ во старт ги дехуманизира осомничените и во очите на јавноста ги прикажува како нелуѓе што едвај и да имаат право на одбрана. За овие мои изјави постојат записи. Оние што денес ме нарекуваат Монструм тогаш аплаудираа.

Аплаудираа тие и кога имав храброст да бидам единствениот интелектуалец што ќе го осуди чинот на службен пречек од Владата на хашкиот осуденик (не беше проблем да му се организира приватен или дури и партиски пречек, но државата не смееше да заборави на нејзините граѓани, кои беа цивилни жртви од албанска националност). И тогаш тргна ужасна хајка: главата ми ја бараа, ме набиваа на колец, бараа да ме исфрлат од универзитет, да ми го одземат државјанството, а дури и моите студенти на кои им предавам Транзициска правда и соочување со минатото беа по малку разочарани од мене. Тркалото се сврти, и сега е обратно: јас сум монструмот (небаре сум одговорна за автобуската несреќа, или некому сум му нанела или посакала смрт), а албански студенти (на кои не им предавам) бараат да бидам исфрлена од универзитетот. Можеби ова некому (всушност, на мнозина од толпата што ми дише во врат) ќе му звучи патетично, или обид да се прикажам како жртва (а всушност сум или душевно болна или криминалец, можам да избирам). Но нека остане запишано. До овој момент, од нашите медиуми не ми се обрати никој, освен еден портал, кој со навредливи и инсинуирачки прашања сакаше да ме стави во „тесно“ – прашањата ги одговорив, но тоа до овој момент не е објавено. Ах, да, ме побараа за кратка изјава и од ТВ 24 вести, ама откако нивниот главен уредник на Фејсбук ме именуваше со друг назив за екскрет (се надевам ќе биде јасно што мислам под овој збор – би било незгодно да цртам). Тогаш, зошто го пишувам ова? Затоа што она што ми се случува мене е парадигма на тоа што може да му се случи секому во полициска држава: ќе напишете афоризам, твит или не дај боже хаику, а некои злобни умови ќе исконстриураат толкувања во согласност со нивниот морален кодекс, а „случајно“ е политички конјунктурно во моментот. Прво дојдоа по комунистите, потоа… Или, ќе одберете да молчите? Мојата вина е што во лаконски и интелектуален стил се обраќам до неретко крвожедна публика. Признавам, виновна сум за тоа. Виновна сум што, како и во случаите што се горливи, како оние што ги споменав, без размислување говорев јавно. Трето, виновна сум што толку сериозно сум ја прифатила филозофијата на движењето за транзициска правда и соочување со минатото. Да, не требаше да бранувам и вознемирувам. Требаше да молчам, да почитувам политика на заборав и наметнати табуа. Можеби згрешив кога се ставав во прв ред во одбрана на послабите, бидејќи во етнички антагонизирано општество владее селективно сеќавање: токму тие за чии права си се залагал, први ќе ти го удрат ножот в грб. (Уште ова за крај: за покажаната храброст во еден момент бев поканета од соработничката на тогашната германска амбасадорка, сопруга на новинарот што сега ме праќа во Бардовци; амбасадорката ми честита на моралниот интегритет и разговаравме за соочувањето со минатото во Германија и на Балканот. Сега, се разбира, јас сум Монструмот и сите благонаклонето гледаат на говорот на омраза, па и на заканите, бидејќи според „демокративе“ сум го заслужила таквиот третман.)