Мистер Ваксајнс

2156

Кога англискиот збор за вакцини, во изјава за странски медиуми, ќе го искривоколчите до непрепознавање, тој може да гласи и „ваксајнс“. И кога тој непостоен збор во англискиот јазик ќе го повторите неколкупати за две минути, значи дека навистина не станувало збор за случаен лапсус и го знаете јазикот за кој сте убедени дека го владеете. Ние како обични граѓани се прашуваме како е можно тоа? Како овој човек разговара и преговара со странски влади, корпорации, медиуми и сл.? Како го разбираат што сака да каже? Зошто неговите советници не му кажат дека се срами и себе и државата што ја претставува? Веројатно сите молчат пред вождот и му кажуваат дека е најумен и најелоквентен…
И ова не би било повод за коментар да не доаѓа во критичен момент, кога граѓаните се прашуваат до кога целата држава ќе биде темна зандана од која не можеме да излеземе затоа што ниту вакцини има, ниту ваксајнс ќе дојдат скоро. Во други околности би се сетиле на мал милион „бисери“, од типот дека „бреин дрејн“ значи „ајде да размислиме, да си ја чукнеме главата“, или дека честитката за среќна нова година гласи „хев а јеар“, или дека квантниот скок станал кванатен скок, дека рибата смрди од опашката, дека хоризонталното е вертикално и обратно… Не, не може да се постаса, толку многу бисери сее оној што на балкански експеранто зборува за „ударамо се у грудима нашима“. Своевремено во САД некој умен човек направи збирка на т.н. бушизми и ја објави – „бисерите“ на претседателот Буш Помладиот беа бестселер и трагикомично сведоштво за првиот човек на таа држава.

Во тоа време добив подарок од американски пријател: мало метално кутиче со пеперминт-бонбончиња. Не беше до кутичето и до неговата содржина, туку до она што го пишуваше на него: покрај мала карикатура на актуелниот тогашен претседател, кој во едната рака ја држи Библијата, а во другата ќесе пари, на предната страница пишуваше national embrrassmints (алудирајќи на национален срам), а на задната „клоцнете го Буш“ и „борете се против грешењето (errorism – игра со тогаш актуелниот повик за борба против тероризмот). За сè што се зборуваше и пишуваше за време на Трамп, не треба ни да спомнувам: тоа беше пример на најнапаѓан и најнавредуван претседател во историјата на САД. Овде тоа е незамисливо и покрај сите шеги за кои веруваме дека се некаква слобода на мисла, говор и јавна критика!
Зборот „ваксајнс“ е коректен само кога е изговорен од првиот човек на македонската влада. (Упс! Напишав „македонска“ – ќе ме цензурираат ли сега? Или ќе ја казнат редакцијата? Министерот за (не)правда ни забрани да спомнуваме сè што почнува на М – освен „мерцедесот“ на Грујо што сега го вози Заев. Веројатно сега се мачат како да го сменат текстот на химната каде што толку незгодно се пее и за Гоце, Даме и Јане, а и она „Денес над Македонија“ е атака врз чувствата на соседите, а и повреда на Преспанскиот и Бугарскиот договор.

Туку, ај да не им давам идеи!) Да се вратам јас на „ваксајнс“, бидејќи еден млад интелигентен и учен човек настрада и поради својата духовитост и поради умешноста да им ги скрати маките на граѓаните што со часови не успеваат да влезат (или излезат) во/од виртуелната чекалница на Министерството за (не)здравство при регистрирањето за вакцините. Имено, младиот Адил креира интернет-линк со кој истовремено сатирично реферираше на „ваксајните“ на Заев (кои, како и сè друго во земјава, се соочија со проблем со датумот), но кој чудесно претставува/ше скратен пат за пријавување за вакцинација, со избегнување на онаа тортура од чекалница (што личеше на чистилиште). Јас ја искористив за мој близок, кој не можеше два дена да се регистрира на официјалната страница на Министерството. Адил беше повикан во полиција, која се покажа енормно ефикасна во случај кога луѓето не се лажат, ами напротив им се помага (веројатно дечкото информатичар нашол поефиксен начин на функционирање на линкот). Не само што ваква ефикасност нема кога е во прашање некоја „јавна соба/јавна куќа“ туку овде со брзина на светлината се реагираше поради подбивот со лидерот (кој се подготвува за конгрес и брои членови на партијата). Да беше ова нормална држава, ќе го ангажираше информатичкиот генијалец и ќе му дадеше можност да ги покаже своите квалитети во општа полза – очигледно, има начин да се скратат маките барем во оваа фаза на „изразување интерес“. Во контекст на онаа (не)славна изјава на Шекеринска дека не барале ваксајнс (се шегувам, таа знае англиски) затоа што не знаеле колкав ќе биде интересот, па да не купеле премногу – сега ми се поставува прашање дали она мачилиште од виртуелна чекалница е всушност начин да се обесхрабрат заинтересираните, кои очигледно доминираат над антиваксерите и скептичните, кои мислат дека со вакцините ќе бидат чипирани (или дури и „силувани“).

(Не)сериозната, односно трагикомичната страна на вакцинација.мк (или ваксајнс.мк) е во тоа што сите пријавени се како во народната „не умри магаре до зелена трева“. За миг, ако успееш, чувствуваш задоволство небаре веќе си добил вакцина, а ефектот е всушност плацебо – сега треба да преживееме додека навистина не стигнат вакцините, додека навистина не дојдат во доволно голем број и додека навистина не ни ги администрираат (според некои здравствени и етички критериуми).
Треба ли да повторувам дека и ова е пример дека Македонија (Упс! Пак го употребив забранетиот збор!) не е држава, затоа што оние што ги плаќаме од наш џеб, работат за себе, а не за општото добро? Еден Вучиќ е авторитарен лидер, понекогаш и смешен и патетичен, но обезбеди инфраструктура, енергетска сигурност на Србија, а цело време од почетокот на пандемијата до денес успеа да набави не само медицинска опрема, респиратори, лекарства туку и вакцини од сите можни производители – плус, доби лиценца за производство во нивните фармацевтски постројки. Уште полошо! Овде постои страховлада, владеење со помош на закани и сеење страв (како да стравот од вирусот не е доволен). Ова е психички неподнослива ситуација и за младите и за старите. Ми раскажуваат луѓе како се справуваат со оваа хиперреална ситуација во која фејк њуз ти кажуваат оние на врвот, а ги казнуваат оние што ја зборуваат вистината – бидејќи вистината е прогонета и етикетирана како фејк, само за вождот и неговите министри да бидат секогаш во право. Една умна жена откако го слушна она за „ваксајнс“ напиша: Па, што се жалите само на власта, зарем не знаете дека смеењето е половина здравје!? Гледате дека чинат сè за да ни го продолжат животот! Друг ми кажува дека веќе во секоја ситуација, тажна или драматична, почнува да гледа хумористични елементи и се смее неконтролирано. Вели: Сè што се случува овде ми личи на дел од оној серијал комедии „Полициска академија“. Инаку, со рационални аргументи, ова е неможно да се раскаже! Стварноста ја победи имагинацијата, на секое поле.

Дали и кога ќе добиеме „ваксајнс“ или вакцини веќе не е ни толку важно. Битното е што дури и чудесно да исчезне пандемијата, ние не знаеме од каде да почнеме да ја оправаме земјава. Смеата е понекогаш и начин да се справиш со стравот, кој постепено влегува во коски. Пред некој ден добив примерок од најновата книга уредена од колега од Британија (објавена е во Бостон и Берлин), во која е и моето поглавје во кое и во насловот и во текстот пишувам за Macedonia (тоа ми е услов што им го поставувам на сите што ме канат како автор или говорник). Ѝ ја покажувам книгата на мајка ми, а таа наместо да се израдува, загрижено ме гледа и вели: „Леле, ќерко, да не те казни сега Маричиќ? Нели рекоа дека не смее да се употребува Македонија/македонско?“ Ја гушнав за да ја смирам, за момент се насмеав, но срцето ми се скина. Колкумина веќе се преиспитуваат дали смеат да отворат уста за она на М или за ваксајнс или за што било друго критичко кон власта? Го убија народот во поим. А тој не знае дали ваксајнс да чека или да се соочи со сопственото бледнеење и бришење… Вакцина против стравот нема. Има само природен отпор и имунитет кон глупоста и (т)ероризмот.