Министерски ѕвезди во пад?

616

Кога размислувам за ефектите на Венко Филипче, Мила Царовска и на Љупчо Николовски, на памет ми доаѓа еден легендарен спортски коментар, ми се чини од познатата атлетичарка и спортска новинарка Милка Бабовиќ, која, коментирајќи уметничко лизгање, рече „диван лет, красан пад“

Дилемата дали во 2021 година повторно сме во 2009 година, дали се наоѓаме на раскрсница меѓу неколку сценарија и сите се вртат околу подготвеноста да се расчисти со патрон-клиентелистичкиот систем, покрај сличноста на контекстот во 2021 и 2009 година: светска криза, ЕУ-вето, растечки внатрешни јазови, ја засилуваат и перцепциите на владините ѕвезди во пад. Ова влада во новиот мандат со многу ветувања, од кое најголемото е ЕУ-преговори и влезе со неколку ѕвезди, со висока доверба и, секако, високи очекувања од јавноста како Венко Филипче, министерот за здравство, Мила Царовска, министерката за образование, и Љупчо Николовски, заменик-премиер за антикорупција. Кога размислувам за ефектите на Венко Филипче, Мила Царовска и на Љупчо Николовски, на памет ми доаѓа еден легендарен спортски коментар, ми се чини од познатата атлетичарка и спортска новинарка Милка Бабовиќ, која, коментирајќи уметничко лизгање, рече „диван лет, красан пад“. Патем, Милка Бабовиќ е родена во Скопје, во 1928 година, а почина во Загреб изминатиов декември од ковид-19. Зошто ефектите на министрите ме потсетуваат на овој познат коментар „диван лет, красан пад“?

Да почнам од Љупчо Николовски, млад и надежен политичар, од најголема доверба на премиерот Зоран Заев, еден од творците на изборните резултати на СДСМ, особено во изборната единица 3. Како човек од доверба на премиерот, беше поставен за заменик-премиер за антикорупција, како знак дека оваа влада сериозно ќе се фокусира на борбата против корупцијата. Но со самото именување на Љупчо Николовски, влета во организациски проблем, бидејќи веќе има институции со антикорупциско портфолио, како Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство (ЈО). Неговата работа треба да биде исклучиво координаторска, но лесно може да навлезе во делокругот на ДКСК и ЈО. Како ова да не беше доволно, се случија 111-то место на индексот на „Транспарентност“ и неговите катастрофални реакции. Тие реакции „тоа е само перцепција“ не се катастрофални само од ПР-аспект туку и од суштински. За да се бориш со нешто, прво треба да го признаеш проблемот, а не да го негираш.
Патем, негирање на методологии и барање конспирации во лошите оцени беше еден од знаците за тргнувањето кон авторитарноста на Никола Груевски. Оттука, Љупчо Николовски ја отвори дилемата дали неговиот мандат е да глуми или навистина да се бори против корупцијата. Глумењето борба против корупцијата е веќе видено и не може ниту да даде резултати ниту да ја смени перцепцијата. Да, значајно е ДКСК да добие двапати поголем буџет, повеќе вработени, дигитализација на системите, нови простории и, секако, немешање во нејзината работа. Многу е значајно, но не и доволно. ДКСК, како што кажува името, има мандат да спречува корупција, и тоа е дел од борбата против корупцијата, но е единствен и не е доволен. Без гонење на корупцијата од ЈО и судски пресуди, и не за која било корупција туку за висока, и не само за бившата власт туку и за сегашната, нема успех. Успехот на Романија беше во пресуди за актуелен премиер, министри, пратеници, градоначалници, генерали, попови, сите можни високи профили функционери.

Борбата против корупцијата и владеење на правото е клучен критериум за насоката на движење на Македонија и, оттука, доколку ѕвездата на Љупчо Николовски биде во пад, тоа ќе биде многу лош знак за земјата.
Венко Филипче сѐ уште е најпопуларниот министер за здравство, и не само тоа, туку најпопуларниот политичар во моментов во земјава. Венко Филипче со својата хируршка смиреност успешно го преброди првиот бран на ковид-19. Во сенка останаа пропустите, пред сѐ во епидемиолошката контрола и организацијата на примарната заштита, и се чини јавноста тоа му го прости. Но сега се наоѓа пред најзначајната работа во справувањето со вакцинацијата против ковид-19. Зошто е тоа значајно? Според Економист единицата за анализи, во зависност од пристапот кон вакцинацијата, земјите ќе ги укинат целосно рестрикциите меѓу јануари 2022 и јануари 2024 година! Богатите земји со пристап кон вакцините ќе излезат од рестрикции во јануари 2022 година (95 проценти од вакцините се купени од 7 најбогати земји). Следните со добро организиран пристап, како Србија, би излегла од рестрикции во јуни 2022 година, други до октомври 2022 година, а тие што ќе останат само на механизмот „Ковакс“ во јануари 2024 година. Целосното излегување од рестрикции значи крај на загубено здравје и животи, ќе означи обновување на економијата. Оттука, за Македонија од животно значење е дали ќе излеземе од рестрикции во јуни 2022 година, како Србија, или во јануари 2024 година. Србија почна со вакцинации во јануари и вакцинира 20.000 луѓе дневно, додека Македонија ќе почне во март и планира 2.000 вакцини дневно. План за вакцинирање далеку, далеку под потребите, адекватно на големината Македонија треба да вакцинира најмалку 5.000 лица дневно. Неуспехот на Венко Филипче ќе биде знака за продолжена здравствена и економска криза, која прашање дали ќе ја преживееме.

Мила Царовска, надежта на сите граѓански активисти, ја направи првата грешка кога од труд и социјала прифати да биде заменик-премиерка за економија, делокруг во кој нема никакви искуства. Но прашањето во кое нејзината ѕвезда може да паѓа е образованието. Најавените реформи во основното образование, за мене не се спорни како такви, туку како пристап и методологија. Реформите почнаа со објава на целите, без јавна расправа кои проблеми сакаме да ги решиме со реформата. СДСМ вети во предизборната програма анализа на македонските резултати на Писа. Без јасна идентификација на проблемите зошто земјава има толку лоши резултати, па понатаму дискусија за можни мерки и акции, завршивме директно во промена на предмети. Мила Царовска, која потекнува од граѓанска организација, многу добро ги знае овој пристап и методологија. Дополнително, Мила Царовска многу лошо го води менаџментот на промени и, наместо градење поддршка, вклучувајќи и со критичарите на реформите, со својата ароганција го зголеми отпорот на реформите, не само кај опозицијата туку и меѓу СДСМ-симпатизери, и со тоа ги доведе во прашање истите тие.

За потсетување дека еден од знаците за падот на Никола Груевски беше отпорот на образовните реформи. И како капак на сѐ, на прашањето на средношколците и матурата, за кои Мила Царовска покажа бескомпромисност, премиерот Зоран Заев најави обратна насока, што може да биде знак на жртвување на министерката.
Тоа ќе ги замисли другите министри, како Фатмир Битиќи, кој и покрај сите пречки, жестоко се бори за економијата, но може да настрада ако лошо се справуваме со ковид-19 и ако петтиот пакет на мерки не одговори на потребите на економијата.
Доколку и ако министерските ѕвезди паѓаат, ќе бидат доведени во прашање опстанокот на Владата и резултатите на локалните избори, и во која насока ќе се движиме, на мирна транзиција или засилување на хибридниот режим.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020 #2021