Меѓународното рангирање на науката

452

Хенри Кавендиш (1731 – 1810) е британски научник, физичар и хемичар, што се раководел со мотото „сė може да се подреди со мера, број и тежина“. Тој укажал на составот на водата (1784) и успеал во својата лабораторија да ја измери густината на нашава планета. Неговиот современик, шкотскиот економист Адам Смит (1723 – 1790) во делото „Истражување на природата и причините за богатството на народите“, објавено во 1776 г., меѓу другото прави споредби на економските политики и состојби на европскиот континент и во Велика Британија.
Во денешно време споредбите и рангирањето во разни области се вообичаена работа. Најчесто присутни во медиумите се споредбите во економијата, според бруто-домашниот производ (БДП), за растот или задолженоста, и во спортовите, според постигнатите резултати. За рангирањето, според некои параметри со кои се карактеризираат науките, ретко може да се види нешто во дневниот печат, иако науките се движечка, понекогаш револуционерна сила што го менува светот.
Рангирањето во науката се прави по бројот на објавени статии, по бројот на нивното цитирање од други автори, според Хиршовиот индекс и други параметри. Споменатиот индекс се определува за поединец, лабораторија, институција, држава или научна област со нивниот најголем број публикации што имаат барем ист толкав број цитирања. Постојат повеќе организации што ги собираат и објавуваат овие податоци. Особено познато кај нас е шангајското рангирање. Своевидни рангирања објавуваат Универзитетот во Лајден и британскиот неделник „Тајмс хајер еџукејшнел саплемент“ (Times Higher Education Supplement, додаток за високото образование на „Тајмс“).

Податоците за кои станува збор во написов се преземени од интернет-страницата scimagojr.com. Страницата ја подготвува конзорциум составен од универзитети од Мадрид, Алкала, Гранада и Естремадура, заедно со Шпанскиот истражувачки совет.
Рангирањето што го прават тие се темели на базата податоци СКОПУС (SCOPUS), создадена од холaндскиот издавач Норт Холанд (North Holland). Базата е формирана со податоци за статии објавени во над 34.300 списанија од илјадници издавачи во светот. За вклучување во базата, статиите може да бидат објавени на кој било јазик, но треба да имаат резиме, односно апстракт, на англиски јазик, а списанието да излегува редовно, со барем еден број годишно, и да има меѓународна редакција. Податоците од СКОПУС на шпанската страница се класифицирани во 27 научни области, кои дополнително се поделени на вкупно 313 потесни подрачја. На пример, главната област физика и астрономија е поделена на 10 поспецифични подрачја. За вкупно 240 држави, односно ентитети, претставени се податоците за бројот на објавени документи, одделно и збирно за сите научни (под)области, бројот на вкупните цитирања и самоцитирања, како и Хиршовиот индекс. Достапните податоци се однесуваат за секоја година одделно во интервалот од 2013 до 2019 г. и збирно за 24 години од 1996 г. заклучно со изминатата година. Нови податоци што ја вклучуваат и 2020 г. ќе станат достапни кон средината на следната година.

За периодот од 24 години, за сите научни области заедно, македонската наука со 12.815 публикации е рангирана на 97-то место, средната цитираност на статиите е 10,44, а Хиршовиот индекс изнесува 121, т.е. постојат 121 статија (од или со македонски автори) што се цитирани 121 или повеќепати. Во текот на последните седум години, бројот на наши публикации во сите области заедно и соодветното рангирање за одредената година се менувале на следниов начин: (2013 година, 851 документ, рангирање – 92), (2014 година, 950 документи, рангирање – 92), (2015 година, 974 документи, рангирање – 93), (2016 година, 944 документи, рангирање – 95), (2017 година, 1.002 документи, рангирање – 95), (2018 година, 1.028 документи, рангирање – 96) и (2019 година, 983 документи, рангирање – 100).
Раст во публикувањето постои, но тој не е постојан и според рангирањето се покажува недоволен, бидејќи во другите средини порастот во бројот објавени работи бил поголем.
За научните области првенствено опфатени на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, освен во однос на информатиката, изземајќи ја географијата, класирана кај СКИМАГО (SCIMAGO) главно како дел од социјалните науки, заедно со тематиката планирање и развој, во периодот 1996-2019, Хиршовиот индекс изнесува: за математика 34, за физика и астрономија 48, за хемија 47, за земјоделство и биолошки науки 39 и за информатика 36. Во овие пет научни дисциплини, во 2019 година нашата наука ги зазела следниве места: математика (88), физика (91), хемија (95), бионауки (111) и информатика (87). Во 2019 г. позитивно поместување во однос на рангирањето за 24-годишниот период има само за биолошките науки, и тоа за едно место. Позицијата за физика останала иста, додека за математика, хемија и информатика, поместувањата се во негативна насока, соодветно за 1, 11 и 6 места. Во целина, за споменатите пет научни подрачја се добива назадување од вкупно 17 места.

Ако се направи истата споредба за балканските земји, некои од податоците за многумина ќе изгледаат неочекувани. Поместувањата во рангирањата за областите математика, физика, хемија, биологија и информатика за Романија изнесуваат соодветно (-9, -5, 1, -5, -9), за Грција (-6, -6, -4, -4, -7), за Бугарија (-6, -6, -10, -6, -3), за Хрватска (-6, -7, -8, -5, -6) и за Словенија (-7, -10, -6, -5, -10). Од петте земји-членки на Европската Унија, само една земја (Романија), и тоа само во едно подрачје (хемија), напредувала за едно место, а збирно назадувала за 27 места, како и Грција. Бугарија назадувала вкупно за 31 место, а Хрватска и Словенија за 32, односно 38 места. Највисоко е рангирана Турција, во сите пет области одделно околу дваесеттото место и освен тоа напредувала во сите пет области, соодветно за (4, 2, 3, 1, 4) места. Промените во збирното позиционирање на Србија (-9), Босна и Херцеговина (25), Црна Гора (7) и Албанија (20) во одделните научни области се дадени соодветно со (-1, -2, -1, 0, -5), (6, -1, 6, 9, 5), (-3, 2, 1, 21, -14) и (2, 12, -1, 2, 5).
За сите 27 земји-членки на Европската Унија од нивното рангирање за сите научни области заедно, за 2019 г. во споредба со интервалот 1996-2019, може да се забележи дека две земји си ја задржале позицијата (Италија и Полска), две се искачиле погоре (Португалија и Луксембург), а сите други назадувале за едно или дури 12 места (Финска). Во истата категорија, од преостанатите делови на светот, меѓу првите сто земји најголем скок забележале: Индонезија (за 26 места, од 47-то на 21-то место), Ирак (18 места погоре), Еквадор (15), Саудиска Арабија (12), Пакистан (11), Малезија (10), Виетнам (9), Казахстан (9) и Јужна Африка (8), додека најмногу назадувале Венецуела (29 места подолу), Куба (21), Израел (11), Исланд (9) и Аргентина (8). Меѓу првите сто земји како нови се вброиле Палестина и Бахреин, а ја изгубиле таа позиција Порторико и Сенегал.

Најновите податоци за 2019 г. содржат и промени што се очекувани. За првпат сумарната научна продукција од Народна Република Кина ја искачила земјата на првото место во светот, истовремено исто така за првпат заземајќи го врвното место во над половината (14) од главните 27 научни области. Во преостанатите 13 области, на првото место се задржале Соединетите Американски Држави. Во општи црти, меѓународното рангирање на олимпијадите по природни науки за млади е слично на посочените позиции во науките.
Македонската наука се судира со неколку неповолни фактори. Финансирањето е екстремно мало, далеку под еден процент од БДП и уште подалеку под прифатената цел во многу земји да се достигнат 2 отсто. Тоа оневозможува нови вработувања, придонесува за стареење на институциите и намалување на истражувачкиот потенцијал на земјата, не дозволува обнова на лабораториската и истражувачка опрема, ниту минимална набавка на списанија и современа литература. На пример, на Институтот за физика при ПМФ, сега се вработени 21 наставник, додека во 2006 г. имало 29 наставници и асистенти. Истовремено, барем 21 физичар што дипломирале на ПМФ работат на универзитети и во истражувачки центри од Канбера до Рејкјавик како еден вид наша помош за побогатите земји. Во анкета спроведена од УНЕСКО во 2004 г., од Институтот се бараше информација за бројот инструменти со вредност од над сто илјади евра. Одговорот беше едноставен, такво нешто не постои.

Слични се состојбите и во други научни области. Кај нас нема ниту позначителна институција со поголем број персонал посветен исклучиво на истражување во областа на природните науки. Не може ни да се забележи дека постојат некаква цел и обмислена стратегија за развојот на науката. Истовремено, меѓународната конкуренција се засилува, бидејќи многу народи во светот се трудат повидливо да бидат присутни на интернационалната сцена. Позитивен сигнал кај нас претставува зголемениот број публикации реализирани со меѓународна соработка. На 10 ноември ќе биде објавен најновиот извештај на УНЕСКО за состојбата на науките во сите региони.

Авторот е пензиониран професор на ПМФ