Метузалем

450

И таков каков што е, на изглед сув и безживотен, метузалемот е осуден на некаква „вечност“, да преживува и надживува и да го премолчува кодот на својата издржливост во библиска таинственост. Но тука не завршуваат асоцијациите на метузалем

Оваа наша татковина и мајковина Македонија сѐ повеќе ме потсетува на метузалем, но не на библискиот Метузалем, дедото на Ное, кој според преданието живеел безмалку илјада години. Ниту поради староста на македонското име за што говори неговото споменување уште во првата етнографска таблица на народите, под името Китим, во првата книга Битие на Стариот завет, а многу подоцна и во Новиот завет.
Тие говорат за коренот на името и именувањето, за името како темел на битието, за „име од светлина и рани“.

Македонија повеќе ме потсетува на најстарото дрво на светот, долговечниот бор, кој вирее некаде на Белите Планини во Калифорнија, а именуван со називот метузалем, како и својот библиски истоименик, со проценета старост на околу пет илјади години (најстариот примерок од ова дрво е откриен пред само пет години). Неговата точна локација и денес се чува во голема тајност, во спротивно дрвото за миг би се распарчило на илјадници скапоцени сувенири од шверцери и вандали. На пазарот, големите нешта вредат повеќе кога се распарчени. Или, поточно, на големиот пазар нештата се покорисни кога се расцепкани. Или поинаку, на пазарот на големите, малите не вредат повеќе од паричка за поткусурување. Но токму затоа, или поради тоа, се вредни.

Ова се причините што сликата за Македонија живо (ме) потсетува на долговечниот бор метузалем, особено на неговото стебло, како болно превртена жила, затегнато во постојан напор, однадвор речиси безживотно, а одвнатре речиси вечно. Од диво месо и питомо семе. Како жилава опстојба и состојба на жилавост.
И таков каков што е, на изглед сув и безживотен, метузалемот е осуден на некаква „вечност“, да преживува и надживува и да го премолчува кодот на својата издржливост во библиска таинственост. Но тука не завршуваат асоцијациите на метузалем.

„Мислам дека ќе те викаме Метузалем“, ќе му рече господин Батон на својот штотуку роден син (понатаму Бенџамин), во расказот „Чудесниот случај на Бенџамин Батон“ од Френсис Скот Фицџералд.

Фицџералд го пишува овој фантастичен расказ инспириран од забелешката на Марк Твен дека е штета најдобриот дел од животот да доаѓа на почетокот, а најлошиот на крајот, па затоа решава да си „поигра“ со времето и нештата во животот и во расказот да го помести најлошиот дел од него на почетокот, а најдобриот на крајот. Да им ги замени местата на детството и староста, на лесната безгрижност и тегобните грижи. Да го „роди“ својот херој како старец со сета мачнина на староста, а да го „умре“ во колепка ослободен од секакво сеќавање.

Сигурно не сум осамен во евоцирање на овој двојно фантастичен расказ, зашто го „читам(е)“ во нашата фантастична стварност во која главниот херој (Македонија) треба допрва да се „роди“ со сета своја старост и со сета тегобност на својата стварност, а заради еден ден, некаде во иднината, да заживее со леснотијата на полнолетната младост? Иднината, пак, сама по себе ќе биде фантастична, а Македонија ќе се потврди како фантастичен херој? Да беше толку едноставно, ќе беше навистина фантастично, но нешто ми вели дека авторите на нашиот „чудесен случај“ не ги делат мотивите на Марк Твен и Френсис Фицџералд.

Немам сомнежи дека станува збор за фантастичен расказ за човечка судбина, која по игра на случајноста отстапила од правилата на природата и логиката, ако не поради друго, тогаш поради љубопитноста како ќе се одвива и заврши една таква неприродна и чудна, а напати и чудесна одисеја. Можеби се лажам, но и вака ничкум поставена, ми се чини неизбежно тажна човековата судбина, на тој тажен Метузалем, дотолку повеќе поради неговата осаменост низ поголемиот дел на своето постоење, на почетокот и особено на крајот, во неговите безнадежни усилби да ги докаже веќе дамнешната зрелост и низата достигнувања во минатото, кои никој веќе не ги дочекува сериозно и со почитување. Љубовта е сосема инаква причина за тага на херојот.

Еднакво метузалемски тажна ми е и македонската судбина низ поголемиот дел на своето постоење со тегобноста на своето државно постоење, на почетокот и особено на „крајот“, пред почетокот на своето „епидурално“ (принудно) повторно раѓање, закажано на триесетти септември, кога е препорачливо да „излезе“ сама. Тим од домашни и светски врвни експерти е собран да нѐ охрабри на патот на благосостојбата. Ако е нужно, се допушта и можноста за широко прифатениот и сѐ попопуларен „царски рез“. Без мака и сеќавање. И тука би бил крајот на чудесниот случај на Македонија, каква што ја знаеме.

Не ми е туѓа ниту асоцијацијата со сцената од филмуваната верзија на расказот (а која ја нема во расказот), во режија на Дејвид Финчер, со Бред Пит и Кејт Бланшет во главните улоги, а во која во една железничка станица се поставува огромен часовник. Конструкторот на часовникот е слеп мајстор, кој го изгубил синот единец во Првата светска војна и го мести часовникот да одбројува наназад. Потајната желба на таткото, кој го изгубил синот, е да го врати времето назад, за својот син, но и заради сите момчиња што загинале да можат да се вратат дома како што се одмотува филмот наназад и да формираат семејства, да работат и создаваат, да живеат…

Конструкторот, пак, на часовникот во чудесниот македонски случај не е никој друг, туку македонскиот народ. Историски заслепуван и ослепуван, тој уште ја носи во себе видовитоста за она што бил и бидува и само тој може да определи на каде ќе врти часовникот во иднина, кога веќе не може да одбројува наназад и да го врати изгубеното време (таквата фантастичност е недопуштена во жанрот на стварноста).

За Македонија, за разлика од долговечниот калифорниски бор, нема ништо тајно во нејзината локација, но обидите и мотивите за нејзиното преименување и откорнување остануваат жилави и таинствени, до крајот на нејзиното постоење како такво и замисленото повторно раѓање како нешто чудно и неприродно. Или, само до крајот на таквите обиди и продолжување по патот на сопственото зреење и одвнатре, единствениот пат на добрите плодови.

Најпосле, денот на референдумот изгледа како уште еден од оние денови што ги слават култот на младоста и патот на вечното подмладување, толку ценети на неолибералниот пазар. Одбирајќи го тој неприроден пат, Македонија е само уште еден добар потрошувач и распродавач на својата автентичност. Една држава, народ и култура што нема почит кон својата историска старост и својот историски континуитет и зреење, не ќе знае ниту од каде доаѓа, ниту каде оди. За неа не постои часовник во иднината, само витрина во музеите на некогашните царства, а денес моќни играчи на политичката арена и „хирурзи“ на безболните царски резови, заедно со трофеите на културните богатства на преостанатите древни цивилизации. Во светот на вечните интереси, историјата (но, за жал, и сегашноста) потсетува дека за повеќето Македонија повеќе вреди расцепкана. Она што е можно и нужно да се стори во едни такви околности е она што е можно и нужно исто така, но не помалку достоинствено и правно. Ако ги побркаме можното и фантастичното, се плашам ќе се соочиме со ужасот на господин Батон кога го гледа својот новороден син. Остатокот е продолжение на една тажна приказна. Или нејзин крај.

Се надевам дека и натаму ќе те викаме Македонија, татковино и мајковино. Тоа име најубаво ти прилега. Име од рани и светлина.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)