Менталитет – ментална слика (2) Скица за ментален портрет на Македонецот

665

Tематa за која зборуваме e екстремно сложена и поради самиот факт што покрај менталната слика на колективната душа на едно племе, народ или нација, истовремено по некои тајни алхемиски патишта се обликува и менталната слика на цела една цивилизација. И редовно во неа преовладува содржината на доминантната раса во неа. Се разбира, сега зборот ни е за западната европска либералкапиталистичка цивилизација во која доминира англосаксонската раса. Потоа тука се и Французите и Германците во неа. А за англосаксонскиот примат во нејзиното тесто е доказ и присуството, силно нагласено, во неа на Америка (САД), која е некој вид вонбрачно дете на Британија на северноамериканскиот континент. Дете што, витално до бескрај и во кое вријат дивите неесенцијализирани дионизиски сокови, го обнови со полн интензитет сјајот на варварството. Сјајот што го симпатизира со нескриена екстаза и Ниче, ама кој сепак имаше, со фашизмот, краток здив кај нив, па токму затоа и Норман Мајлер во романот „Голи и мртви“ ја фрла во оптек (хипо)тезата дека Германците, за разлика од Американците (читај Англосаксонците), се неспособни за фашизам.
Тоа. Не постои една единствена ментална слика за која можеме да кажеме дека е ментална слика на целокупниот општ човек, на човекот-човештво како што би рекол германскиот филозоф со христијанска ориентација Шлаермахер. Постојат слични ментални слики на колективната душа на народите на еден простор, но во некој случај, покрај сличностите, тие може да бидат и драстични во разликите, како што е тоа случај во разликата меѓу менталната слика на човекот на развиената либералкапиталистичка западна цивилизација и човекот на економски, а, како што мислат надмените Европејци, и демократски неразвиениот балкански човек, homo balkanicus во чија општа слика, настрана од својот посебен во многу нијанси индивидуалитет, се вклопува и менталната слика на колективната душа на Македонецот.

А свој типичен индивидуалитет имаат и менталните слики на другите балкански народи, надвор од нивните заеднички ментални црти што ги спојуваат нив и ја проектираат големата слика на нивниот заеднички менталитет што стрчи надвор од супрематистичката ментална слика, ариевска во основа, на западната либералкапиталистичка Европа и нејзиниот човек.
Менталната слика на колективната душа на homo balkanicus, особено на секој народ чиј жител е тој, е најубаво архетипски насликана во фолклорот на усната и материјалната култура: носиите, везовите, градбите, а потоа и во обредните церемонии, во разграничувањето на светото од профаното, меѓу кои е избришана линијата што ги двои нив кај човекот на западната европска цивилизација на материјалниот профит. И тука разликата меѓу балканскиот и западниот европски човек е видлива речиси со голо око. Првиот е строго, до перфидност рационален, искривувајќи го, лаком за профит, златното начело на Декарт „Мислам, значи постојам“ во „Мислам и постојам за материјален профит“. Што значи, исклучен е целосно духовниот профит, драг читателу, на кој пред сè мислеше мудриот длабокоумен Декарт, без да биде свесен дека ќе биде злоупотребен. Со еден збор, западниот либералкапиталистички човек ги уби знаците на светото, убиството што го предвиде уште пред две и пол столетија германскиот ран романтичар, мојот омилен и на Хајдегер поет, Фридрих Хелдерлин. Неговиот ламент „Изгубени се знаците на светото“ и денес одекнува и е актуелен како никогаш досега.
За разлика, пак, од западниот рационалистички човек, но кој ја искриви максимата на Декарт, homo balkanicus сè уште поседува, и покрај разорните цивилизациски ветрови од Запад, емотивна и интуитивна, ирационална душа.

Оти западниот европски човек на капителот е апсолутно телесен (и во распаѓање, како што би рекол Бодлер), генерички во психологијата изведен од сомнежот на апостол Тома, кој за да поверува во воскреснатиот Исус бара да го стави прстот во неговата рана. И дури потоа, откако го става, поверува. Ама прашање е, драг читателу, ако ја имаме како негов психолошки наследник на сомнежот западната европска цивилизација, дали воопшто и поверувал. Јас бескрајно го почитувам мудриот британски филозоф и хуманист Бертран Расел, кој рече дека еден од најголемите, покрај дијалогот, пронајдоци во Античка Грција е и сомнежот што го усвоија претсократовските филозофи, поставувајќи го со тоа темелот на методот на експериментот и западната наука. Оти тој експериментален метод денешниот Запад го прифати и промовира во супрематистичка формула за владеење на послабите од себе. Случајот со нас Македонците со Преспа 2018, имено, најдобро го илустрира тоа. Оти тој и генетички наследник на човекот на суровата римска цивилизација, ја отфрли македонската идеја на космополитизам, неробовладетелство, рамноправност и љубов меѓу народите.
И така, од гледна точка на западната томинска цивилизација, каква што е денес, ние и не сме сигурни, драг читателу, дали воопшто и по бркнувањето во раната на Исус, Тома поверувал. Како што не поверува во него, антихристолика, и западната европска цивилизација и покрај толкуте грандиозни студени катедрали што ги изгради божем во Христова чест, ама тој не влегува во нив оти сфати дека со нив се служи Темниот. И, тоа е резултатот на западниот рационализам, драг читателу, со кој се гордее тој, бесрамно сè уште земајќи ја за мото Декартовата максима „Мислам значи постојам“, што ја искриви и докрај первертира неа. Тоа е цивилизација на неколку силни и надмени, суетни колонијалистички нации, која не верува во божественото. Дури веќе и не се сомнева како Тома, бидејќи и тој елемент го избриша од Менделеевата таблица на својата мефистофелска профитабилна душа.

За разлика од душата на homo balkanicus, која сè уште не расчистила со некои сакрални содржини на своето колективно битие, оти кај него, и покрај материјалната сиромаштија, животот не е сфатен како „мачнотија на постоењето“ (Сартр), туку сепак како екстаза, радост на истото. Така, иако либералкапиталистичка Европа ја креира, имено, како таква психолошката слика на Балканците, сега, надвор од Бугарија и Романија (каква иронија), нивни членки, во зоната како што ја именува понижувачки со поимот Западен Балкан.
Но поконкретно за менталната слика на колективната душа на homo balkanicus. Како кај Англосаксонците, Русите и некои други народи и раси, исто така е многу добро дадена и антрополошката ментална слика на homo balkanicus во литературата и фолклорот на балканските народи. Сега ние се определуваме, во широкиот избор, на двајца писатели расни според својот талент и ранг: Андриќ и Крлежа, во многу нешта различни во стилот и погледот на светот. Двајцата тие, иако од две контрастни точки на гледиште, даваат кристално јасна ментална слика на homo balkanicus кога ќе се синтетизираат тие. Оти колку и да се различни аглите од едниот до другиот, од кои ја набљудуваат неговата колективна душа, тие, нивните антрополошки откритија на тој план, се како кинеските јин и јанг, кои ја сугерираат и јасно ја даваат на показ целината на сликата на феноменот homo balkanicus.
Разликата меѓу двајцата писатели што ги одбравме за илустрација на зададената тема е речиси докрај поларизирана, како плус и минус во математиката и физиката, без кои нема електрицитет и струја. Првин Крлежа. Неговата анализа и поглед на homo balkanicus се апсолутно веристички, некаков вид вивисекција без анестезија. Доста сурово, во некоја смисла во духот на филозофијата на експресионизмот на кој по стил и поглед на свет му припаѓа со целото свое творечко битие и хрватскиот писател. Тоа е филозофијата што животот го сфаќа како еден вид апсурд „мачнотија на постоењето“ (Сартр), но, се разбира, треба да се осмисли. Но и тоа за експресионистите е речиси невозможно како во романите на Кафка, по Киркегард најсугестивната личност на таа филозофија. Но од кој агол, конечно, го посматра и ја скицира со крупни потези Крлежа менталната слика на homo balkanicus? Ја посматра од аголот на „балканската крчма“ како нејзина централна не само метафора туку и реална ситуација. Таква, таа, фигуративно речено, е многу повеќе метонимија отколку метафора. Тоа е всушност непроветрената со застоен воздух крчма на духот и душата на балканскиот homo sapiens што престојува во една искривена, первертирана антиничеовска дионизиска димензија, многу поблиска до атрофија отколку до виталните духовни сокови на животот.

Тоа е човекот, кој според Крлежа стои целосно надвор од логосот на западниот просветителски дух. Со други зборови, надвор од рационалистичкиот логос на Европа, за која тој исто така не мисли многу добро. Таа тој човек го исчашила со својата енормна лакомост за материјален профит. Со сликата на балканската крчма, едноставно, Крлежа ја претставува и запустената, непросветена и духовно примитивна слика на homo balkanicus, кој е митоман, опседнат со минатото и историјата без реален поглед во сегашноста, а уште помалку во иднината.
За разлика, пак, од Крлежа, кој прави аналитичка вивисекција без анестезија, Андриќ, напротив, е сочувствителен, како со сострадалнички брат во духот на Христовата етика со homo balkanicus. Таа сочувствителност е присутна во целокупното негово дело. Парадигматичен лик за тоа е, на пример, Џем Султан во „Проклета авлија“, но и Алија Ѓерзелес во истоимениот расказ. Ги изделуваме овие двајца како најкарактеристични. Па, во некоја смисла, се осмелувам на таа хипотеза, драг читателу, нобеловецот да го „балканизира“ и Гоја во неговиот истоимен есеј, ставајќи го во епицентарот на типичната балканска меланхолија и емотивност, во која тој размислува за безнадежната осаменост на човекот во овој свет. Се разбира, надвор од „балканската крчма“ на Крлежа. Така. Андриќ му остава на читателот самиот да ја извлече и состави менталната слика на homo balkanicus од неговото дело, од препознатливите, за кои сепак е потребна интелигенција, шифри скриени во психологијата на ликовите во него. Па, сепак, не толку за да му ја олесни на тој план работата на читателот, туку самиот да се искаже подиректно и најдиректно на таа тема, тој говори во последното негово дело на брилијантни антрополошки опсервации „Крајпатни записи“. Во нив, слично како и Крлежа, во креирањето на менталната слика на колективната душа на homo balkanicus тргнува исто така споредбено, имајќи ја на тој план пред себе менталната слика на европскиот човек на западната либералкапиталистичка цивилизација.

А тој, имено, неа многу добро ја запознал и на самото место, особено и за време на своето службување како амбасадор на Кралска Југославија во Германија. Без заобиколување, in medias res тој директно, како Емпедокле во Етна, скокнува во епицентарот, во кој како под математички пресек се вкрстуваат разликите меѓу европскиот западен и балканскиот човек, чиј менталитет има примено нешто и од источната душа, која Европа многупати ја сметала за варварска. Априори. И тоа е нејзиниот хендикеп за кој говори и Јунг, а по него и мудриот психолог и филозоф Ерих Фром. Но да не се изгубиме во лавиринтот што ни се отвора на оваа тема, драг читателу, оти гледам ти веќе ме прашуваш која е хипотезата на Андриќ. Таа, која е видлива и со голо око, дека западниот либералкапиталистички човек, рационалист по дeфиниција и лаком за материјален профит ја загубил емотивноста. Вистина, пак, тоа го компензирал со нејзина замена за интелект, продавајќи му ја, според старогерманската легенда и Гете, душата на Мефистофел, при што во трампата е вклучена и сетилната наслада, за што е жртва убавата и невина Маргарета. И, дали вистина, имено, и од тука почна да се развива и расте модерниот бордел на Европа?

(продолжува)