Медиокритетство или тивко умирање на државата

479

Медиокритетството како воспоставен систем присилува на просечност, како форма на самоодржување. Медиокритетството станува проблем кога се наоѓаме во систем што ни кажува дека мора да бидеме решително просечни граѓани: ниту целосно некомпетентни до тој степен што не сме во состојба да функционираме, ниту компетентни до тој степен што ја знаеме силата на нашата критична моќ

Умирањето е чудна работа. Најчесто не сакаш да го видиш она што ќе те убие. А ќе те убие, порано или подоцна. Смртта е само миг. Кога ќе умреш светот престанува да постои за тебе. Но не и за оние што остануваат по тебе. Исто како и со државата. Знаеш, гледаш, а не можеш да спречиш. Опоменуваш, но кој сака да слуша лоши вести. Особено не политиката и политичарите.
Македонија од деведесеттите полека умира. Со оваа власт сме во посмртна кома. Низ годините одумираше ткивото на државата, исчезнуваа нејзините атрибути на национална држава, правејќи го организмот слаб и неотпорен на ударите однадвор и однатре. За конечно да го погребеме сонот за национална држава на македонскиот народ, неговиот идентитет и достоинство, неговата волја изразена на референдум, историското име на државата, а во заборав полека оди и македонската историја. Полека се гаси колективната меморија на македонскиот народ. Погребаа сѐ во што веруваме. Но најстрашно од сѐ: ја погребаа правната држава.

А сѐ почна со децениска свесна дегенерација на политичкиот систем, преку негово пополнување со неедуцирани, полуписмени медиокритети и моделирање во согласност со лукративните потреби на политиката. Подемот на медиокритетите ја погреба компетентноста. Некомпетентноста ја умира државата.
Некомпетентноста низ политички креираната миопија ја поткопа вредноста на класичното образование. Образование што создава можност да се размислува субјективно, наместо она што тие го претпочитаа, практичното образование, како начин да се ограничи можноста на студентот да размислува објективно и критички. Затоа ќе укинуваме факултети и ќе создаваме заварувачи и лимари. Во општество на медиокритети тоа е моделот на посакуваната држава. Попусто ми е да ги потсетувам политичарите дека образованието е многу повеќе од интелектуален развој на личноста: тоа е архитектура на душите на нашите деца.

И што направивме? Медиокритетите во власта успеаја во образованието да го пресликаат моралното и духовното пропаѓање на општеството и на луѓето во него. Кога во време на транзициски промашувања ќе создадете систем на промоција на просечност и некомпетитивност, кога ќе промовирате интелектуална мимикрија, а знаењето ќе се доживува како закана, тогаш децата ви завршуваат на улица. Не во потрага по знаење, туку во потврда на она што го промовира политиката како критериум на успешност. Наместо низ образовниот систем, децата ги градат вредностите врз лични искуства засновани на прагма. И не која било прагма. Токму политичката. И после оди очекувај нашите деца да растат и да се развиваат во мислечки и творечки индивидуи.

Со медиокритетството почна да умира и политиката во Македонија, полека претворајќи ја во владеење или управување. Поточно, медиокритетите ја трансформираа политиката во култура на менаџирање на владеењето. Политичкото дејствување кај нас е сведено на управување: на она што се нарекува во прирачниците за управување, „решавање проблеми“. Тоа значи, да се бара итно решение за непосреден проблем, што исклучува какво било долгорочно размислување засновано врз принципи и политичка визија за која јавно се дискутира и споделува. Ниту визија ниту јавна дискусија. Затоа сите одлуки на Владата во последниве години ни се историски. Зар може да се доведат под прашање октроирани одлуки однадвор? За медиокритетите во власта тоа е новата црква во која се крстат.
Во режим на управување воспоставен на таков начин, ние сме сведени на мали безначајни послушни набљудувачи. За оваа влада на медиокритети, граѓаните се сфатени како збир на поединци, кои се залагаат за приватни интереси на начин на мали „лобисти“. Перверзијата на медиокритетите е што се обидуваат да наметнат свест дека треба да бидете ист како другите: просечен ако сакате да преживеете во нивниот наметнат свет. Затоа се сликите со странските дипломати, затоа се чорбите за педесет динари.

Медиокритетството создава рамнодушност. Онаа што го зафати македонското општество последниве години. Вознемирувачки е кога ќе сфатите како медиокритетите ја банализираа секоја политичка одлука со која се допираа македонските национални интереси. Како го испоганија секого што е различен од нив. Кој создал вредност во животот. Затоа небитни луѓе ќе плукаат по секој оној што им ги дразни фрустрациите и комплексите. Ги потсетува на нивната безначајност. Ги имало или немало тие се само обична статистичка бројка при пописот. Нивниот живот на социјалните медиуми е илузија на постоењето. Во реалниот живот, обични маргиналци.
Медиокритетството како воспоставен систем присилува на просечност, како форма на самоодржување. Медиокритетството станува проблем кога се наоѓаме во систем што ни кажува дека мора да бидеме решително просечни граѓани: ниту целосно некомпетентни до тој степен што не сме во состојба да функционираме, ниту компетентни до тој степен што ја знаеме силата на нашата критична моќ. Тоа е она што го посакува оваа власт. Инаку како ќе го препознаевме вистинскиот англиски во говорот на Заев, неговите изблици на мудрост, или оние на неговиот фејсбук-министер за надворешни или…

Медиокритетството на оваа власт е како вирус, кој инсталиран во системот го убива. Не сфаќајќи дека смртта на системот ќе биде и негово исчезнување. И исчезнување на државата. А со неа и на сите нас.