Мачка во вреќа

1771

Македонската академска сфера отсекогаш создавала клима за кетмани, за молчаливи, салонски, а неретко и за професори сончогледи. Во пресудни мигови, оваа лепеза станува највидлива. На пример, цели генерации правници беа учени за значењето на Уставот и дека неговата промена треба да се прави со рака што трепери. Најголема опасност е создавање contra constitutionem или praetor contitutionem, од влада што демонстрира омнипотентност и во сферата на уставотворната власт, а власта на народот (potestas) ја заменува со својата власт (autoritatis). Денес мојот стар професор Шкариќ се демантира себеси и своите дела, велејќи дека уставната промена од преамбулата до нормативниот дел била само „техничка работа“. Немам простор да цитирам што пишуваше за силата и правото во меѓународните односи, за мировните устави и за кршење на меѓународното право од страна на НАТО! Сега е поважно да се прочита што своевремено пишува/ше во книгата за „Спорот за името“! Еден друг мој бивш професор (Малески) дели дијагнози, па ги нарекува шизофреничари оние што се за НАТО и за ЕУ, ама не по цена на ваква промена на името и на Уставот.

Освен овие двајца од Правниот факултет, нивни колеги што предаваат меѓународно право едно зборуваат во училница, но јавно тврдат дека моќта е поважна од правото, кое е речиси небитно или дури и претставува пречка. Има и такви што или ги мерат зборовите за Преспанскиот договор (се самоцензурираат) или дале завет на молк. Најнесериозни се оние што по стари години докторираа и станаа професори, а кои сега „мудруваат“, координираат и се закануваат од позиција на власт. Посебен случај, надвор од академската фела, е министерот за полиција, кој ги осомничи сите што се против НАТО и ЕУ како членови на криминална група (иако тоа ќе биде легитимна и легална опција на референдумско „НЕ“, па сега вие видете како би гласале). Референдумот, велат, ќе се распише денес, а граѓаните се „бомбардирани“ со апокалиптични сценарија што ќе се случи ако заокружат НЕ – од граѓанска војна, гниење, опасност од Косово, од Русија, од Кина, од Марс…

Обидувајќи се да го зачувам менталното здравје и да дојдам до објективно мислење на најеминентни професори по меѓународното право, го испратив Преспанскиот договор на повеќе адреси. Еден од тие што ми одговорија е и Френсис А. Бојл од Универзитетот на Илиноис (погледнете ја биографијата, па ќе ви стане јасно за кого зборувам). Штом го виде документот, прво ми одговори дека нема намера да губи време на ѓубре стокмено во Стејт департментот, но подоцна од љубопитство детално го прочита. Ми пишува дека не може да сфати како е можно од граѓаните да се бара на референдум да се изјаснуваат за договор изложен на 20 страници, кој дури и од професионален експерт за меѓународно право бара многу време и труд да ја сфати неговата суштина и особено последиците што ќе ги има за Македонија. „Како да знаат Македонците за што сè гласаат? Гласањето за ваков договор би претставувало она што ние во Америка го викаме купување мачка во вреќа“. Шкариќ, пак, убеден дека граѓаните располагаат со такво експертско знаење, предложи прашањето да го содржи интегралниот назив на документот: „Дали сте за Договор за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните?“ Чудно, но според него ова соодветствува на законската норма, која налага прашањето „да мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено“. Колку што е манипулативно договорот од Преспа да се зашеќерува со обланда за наводно членство во НАТО и ЕУ (како што бара власта), толку е (академски) перфидно да тврдите дека обичен граѓанин, од село или од град, со образование или без него, да знае што е резолуција, привремена спогодба, стратегиско партнерство! И зад сето тоа, имплицитно промена на името, идентитетот и Уставот – од преамбулата до крајот, заедно со сета законска регулатива! Би рекла, мачката е мошне голема и стисната во толку тесна вреќа, што не се знае како ќе реагира кога еднаш ќе биде ослободена (со прифаќање на референдум). Во желба да каже дека доколку референдумот помине, проблемот ќе биде решен „за вјеки вјеков“, во ТВ-интервјуто за Телма, Шкариќ прави елементарна грешка цитирајќи латинска изрека: „Така извршени промени треба да важат ad calendas graecas, за сите времиња.

Се чувствува диктат на непроменливост на она што ќе се усвои во Уставот. Затоа тие инсистираат на промена на Уставот“. А изреката, всушност, има обратно значење: дека нешто ќе се случи „на куково лето“ или „кога врбата ќе роди грозје“ – со други зборови, НИКОГАШ! Ако е (намерен) лапсус, тоа е лукавост што не можам да ја разберам, но доколку професорот заговара промена на Уставот – од идната уставна ревизија до вечноста – тоа би значело дека овој пратенички состав ќе им го одземе правото на сите идни генерации да посегнат по промена на Уставот во делот на името. Уставот би бил изделкан во камена плоча, како Десетте божји заповеди! (Патем, рацете на уставотворецот веќе се врзани и со рамковниот договор.) Шкариќ веројатно мисли на Ewigkeitsklausel што е повеќе предуставна политичка одлука на окупациска сила. Имено „вечната клаузула“ (eternity clause) утврдува дека одредени фундаментални принципи на германската демократија не можат никогаш да се отстранат, дури ни од уставотворецот (парламентот), поучени од Хитлеровото наследство. Овде станува збор за странски диктат (Бојл дури наоѓа сличност со аншлус), и тоа за нешто што не само што нема врска со фундаментални демократски принципи и вредности, туку е нивна директна спротивност.

Без оглед какво прашање ќе се скове, мора да се истакне следното: 1) Договорот од Преспа не стапил во сила (не е ратификуван, т.е. не е објавен во „Службен весник“) за да можат граѓаните да се изјаснуваат за него. 2) Уставот не познава консултативен референдум за прашања од надлежност на Собранието. Во чл. 72 се вели дека одлуката од референдумот е задолжителна. (Консултативен референдум предвидува Законот за референдум, што би требало да биде предмет на оцена на Уставниот суд). 3) Консултативен референдум е рамен на безвредна анкета, особено кога премиер Минхаузен веќе најавува дека нема да го почитува неговиот исход, ако му се чини неповолен. 4) Ако прашањето ги спомене НАТО и во ЕУ, тоа е прашање што се однесува на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави (од чл. 120). Тезата дека овој член не се однесува на НАТО е манипулативна, бидејќи без оглед на мантрата за политичка (вредносна!) заедница, Алијансата (како што кажува името) е воен сојуз, во кој се отстапува дел од суверенитетот во делот на воените и меѓународните активности. 5) Власта не ја искористи можноста за распишување претходен, консултативен референдум за „мачката во вреќа“, бидејќи ја држеше (и сѐ уште ја држи) во тајност заднината и документацијата за договорот (кривичната пријава за пратеникот Милошоски добро го илустрира тоа, па зошто граѓаните би им верувале и би гласале на референдум за прашање за кое е потребен безбедносен сертификат за да се согледа во целост?) 6) Какво и да е прашањето, од граѓаните се бара да аминуваат договор со кој им се поништува правото на самоопределување, вклучувајќи ги и асномските основи на државноста, а опцијата „НЕ“ е веќе прохибирана и озлогласена токму од власта. За таков референдум доволно е да се цитира Шкариќ (овој пат во точната смисла на изреката) и да се порача: ad calendas graecas, на Св. Никогаш!