Маските долу!

4157

Како што очекувавме, власта го истера своето и ги прошири законските овластувања на репресивните органи во борбата против пандемијата (иако, за среќа, се воздржа од најфлагрантното кршење на Уставот во однос на неповредливоста на домот). Не ми е тешко да носам маска таму каде што се чувствувам загрозена, но нивната хипокризија и ароганција ме вадат од кожа. Тоа што тие ставаат по две-три маски или дури само една (онаа на лицето) како Филипче за време на собраниска дебата е шарада, бидејќи не бара многу интелигенција да видиш која им е намерата. Оваа колумна можеби и немаше да ја напишам да не видев две интервјуа на претседателот на Комисијата за заразни болести, Караџовски. Тоа што добил 13-ноемвриска награда поради придонес за Град Скопје не ме импресионира (бев член на комисијата и дадов оставка зашто не сакав да бидам дел од еден наместен циркус). Но како граѓанин многу повеќе ме засегаат неговата работа и пораките што (не) ги упатува до јавноста. Неговите две маски (физички) ги симна веднаш по завршувањето на интервјуто во студиото на Канал 5 ТВ во кое викаше, караше, подигнуваше прсти. За другите маски не знам… Се прашував колку ли аеросоли и каков облак од партикли остави зад себе во тоа студио по едночасовно врескање. Перформансот не може да се опише со други зборови, освен глумец, но не и лекар. Наместо разумно и аргументирано објаснување како да се справиме со вирусот и зошто се важни мерките, половина емисија слушавме жалопојки за нарушен интегритет и чест (ме потсети на Таљат), како не се продал кога бил „дечко“ и не вредело сега пред пензија да го чини тоа, а богами ни ги раскажа и личните здравствени тегоби (маченик и херој, нема што!). За малку ќе го натепаше водителот што му поставува незгодни прашања (човек што добро знае што е ковид-19 и изгуби член на семејство), па докторов ме потсети на Трамп на интервју.

По ѕверењето директно во камера помислив дека мора да има ист пиар-тренер со Заев. Со подигнат прст делеше лекции за економија, па како се воспитувале деца, како се создавале авторитети и сл. Накратко: ова беше показна вежба како во време на пандемија НЕ СМЕЕ да се комуницира со јавност! Не знам што е полошо: прес-конференциите на Филипче или неговата безвредна статистика, или настапите на претседателот на комисијата? Нам ни требаат рационалност, убедливост и кураж – а не закани со карантини и полиција.
Надменоста е контрапродуктивна: ги одбива тие што максимално ги почитуваат мерките, а тие што не ги почитуваат, повеќе добиваат сила. Тоа што се пласира како апсолутна вистина (со мавтање со раце за да објасни како прашината се подигнувала, како сме чекореле, и други драмски ефекти) тешко се проголтува во време кога имаме информации дека нештата не се толку едноставни, ниту толку црни. Вирусот веќе не е нов и непознат, не е бауч, а не е толку смртоносен – барем за 80 отсто од популацијата. Никој, па ни најнеукиот, не сака да биде третиран како инфантилен морон и стока. Шизофрени пораки не помагаат: вирусот е смртоносен, ама ако морате – одете во кафеана. Веќе не знаеме дали Заев научил за лебдечкиот вирус од Караџовски или обратно! Но знам од дебати на „Дојче веле“ и Би-би-си дека вирусот не живее во прашина, дека едно се лабораториски услови, а друго природни, дека вирусот не се пренесува со допир туку со дишење и директен контакт.

Она што досега не го направија, освен што целата вина ја префрлаа на глупавиот и неодговорен народ и одбраната на безгрешната власт (а единствено позитивно им е што се позитивни на вирусот), е објаснувањето на елементарните факти. Зошто морам да учам и разбирам која маска помага, каде помага, во кој процент ме штити, итн. од странски извори? И нека одговорат конечно: зошто починатите ги погребуваат во лимени сандаци кога мртвото тело не претставува извор на зараза? Зошто го „цедат“ сиромашниот народ (тој доминира меѓу починатите и тие со „коморбидитети“)? Едно е да забраниш собирање на погреб и адети (освен ако не си Амди Бајрам), ама друго е да наметнуваш бесмислени и скапи протоколи. Ако грешам, нека објаснат!
Сиот овој период сосема дисциплинирано ги почитувам мерките: во кафеана немам стапнато, гостин не ми дошол, ниту сум отишла на гости, на одмор не бев, во такси само еднаш (кога морав), маска носам секогаш кога сум опкружена од повеќе луѓе, дури и кога не ми се заканува полиција – затоа што знам дека маската го намалува ризикот да заболам. Но кога слушам како полицајците трчаат со тефтерчиња за глоби, ми се јавува чувство на отпор. Грујо го полнеше буџетот од сообраќајни и други казни, Заев го чини истото, ама во време на уште потешка социјална, економска и морална криза. Полицијата, која е толку неспособна да спречи криминал, па потребен е приватен безбедносен сектор, се симна меѓу луѓето – како хиени ловат и кешираат! Во време кога околу 30 отсто од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија, да ги глобиш за неносење маска е дел на структурално насилство. Нека глобат, ама нека почнат од себе! Филипче има изговор: зборувал, па затоа не носел маска во Собранието, на прес-конференција или ТВ-студио, иако така претставува закана за јавното здравје (според нивната дефиниција)! Се возат во службени возила без маски, а тие со нив не им се семејство. Сиромашните немаат изговор.

Поевтино е да ставиш валкана крпа околу лицето отколку да те глобат (20 евра = десет дена живот за семејството). Ако е опасноста толку голема, и ако веќе нè задолжуваат (за мебел во министерството на Шахпаска!) преку гуша, нека обезбедат пристојни маски. Бесплатно! Исто како и тестови, за сите! Носам релативно скапа маска (КН95) со која можам и да дишам и да се чувствувам безбедно, притоа сум привилегирана да работам од дома, но срцето ми се кине за другите. Ни јас не можам да си дозволам да ја менувам маската почесто (оваа е за кратка употреба, не се пере, па ја чувам, прскам со алкохол, ставам во кесичка за да ја користам подолго). Што да кажат тие што не можат да ја купат? Ги гледам инкасаторите што ми доаѓаат на врата, луѓето по улиците, таксистите, продавачите – сите носат некакви валкани крпи. Помислува човек дека казни би требало да се изрекуваат за носење жива болест околу устата и носот. Но ситиот (Филипче и Заев) на гладниот не му верува. „Гардијан“ објаснува какви маски постојат на пазарот, кои се корисни, кои се чист моден детаљ и будалаштина, кои маски се вредни за цената. Овде дури ни во ТВ-студио не им паѓа напамет да им објаснат на луѓето. Ми се чини клучниот нонсенс е неносење маска во кафеани, барови, други јавни места – ама носење на кеј или во парк. Ние немаме правна држава, ама кафеанската цвета. Никој не може да ме разубеди дека кафеаните се безбедни или дека се есенцијални за економијата! Изгледа сум учела политичка економија од погрешни професори. Угостителството не е производна дејност, точка! Ако сакаат строги мерки за 10-20-30 дена, нека затворат објекти што обезбедуваат непознати луѓе да седат на затворено заедно, да се смеат и довикуваат, а беа подготвени дома да ни упаѓаат. Научна студија презентирана во Ел Паиз јасно покажува дека маската не штити апсолутно, но дека главно место на зараза се затворените простории, каде што луѓето подолго престојуваат, а не носат маски и каде што нема вентилација.

Еден светски експерт потсети дека во САД за време на шпанскиот грип училишните часови се држеле на отворено и среде зима. Маските го намалуваат, ама не го елиминираат ризикот. Сите штитат од казна, ама многу од нив не штитат ни од прашина, а не пак од вирус. (Сега демек станаа еколошки освестени, па продаваат финти!). Притоа, маската создава чувство на лажна безбедност (кога некој како Караџовски цел саат вика во затворена просторија) или поттикнува на криење од полицијата и затворање по домовите. Садизам е маска да им се наметнува на земјоделци, сточари итн. Професорката Гупта од Оксфорд смета дека носењето маски треба да се остави на слободната одлука на луѓето откако ќе им се објаснат сите факти: оној што знае дека е во ризична група и дека се наоѓа во средина што го загрозува, самиот ќе си стави маска, нема да се задржува во подолги контакти или да оди во кафеаните на градоначалниците на ЗЗ. Јавната заштита ќе биде ефикасна само ако доброволно ги прифаќаме и применуваме затоа што сме убедени дека имаат смисла. Апсолутна заштита нема (министерот за полиција и дигиталните конгресмени на СДССМ го знаат тоа – сите почитувале мерки, сите позитивни!). Конечно, не е грев да бидеш позитивен. Чудовишните обвинувања на сметка на децата што „дошле кај баба и дедо, ги заразиле и тие умреле“ е тешко и да се коментираат, дури и кога доаѓаат од психијатри.

Стигматизацијата е особено тешка за младата популација! Доволен товар е сознанието дека можеби си загрозил некого, а сега ти велат дека си убиец! Законските мерки се приказна за себе: препис на одредби од уредби што важеа за време на вонредна состојба, кои престанаа да важат, сега се воскреснати, притоа нејасни и со многу простор за арбитрарно оценување и постапување на полицијата и инспекцијата на самото место. Што е спортување на отворено? Може ли брзо одење (на мои години и не е толку брзо, но, ете, имам патики и сум излегла заради физичка активност)? И сега? Настрана што однапред знаеме дека синдромот „пајак пред Мавровка“ во почеток води кон селективно казнување.