Марш бре, демократијо, од професиите!

2595

Покојниот Димитар Станковски, театарски режисер (со над 100 поставени претстави), за кого секој што го познаваше носи свежи сеќавања, имаше исклучителен морален пристап кон животот: кога нешто не му се допаѓаше, макар било и негово, не бираше зборови да го искритикува. Оние што го познаваа знаат дека и за своја претстава, на генерална проба, ги има изговорено зборовите: „Ваква будалаштина немам гледано. Несреќата е во тоа што е моја“.

Не го спомнувам овде за да пишувам на тема „самокритика“ (нешто што веќе одамна е изумрено како вредност и заменето со самопофалба), туку затоа што се сетив дека нему никако не му одеше во глава како може демократијата да се спои со театарската професија. Не можеше да сфати какво демократско право на добра улога има слаб артист, или какво демократско право на главна улога има епизодист. Тогаш сите артисти вредат еднакво и сите ликови би требало да бидат главни ликови во претставата, резонираше Диме. Нервен напад добиваше кога некој од артистите ќе ми се обратеше мене, како на писател, да му „допишам некое монологче“: го сметаше тоа за „расипување на системот“. За да си ја поткрепи тезата дека во театарот не може да има демократија, го земаше за пример и фудбалот, па велеше: Што значи во играта на еден германски наштелуван тим некој да „си остварува свои права“? На пример, голманот да посака да даде гол, па да го напушти голот?

Овие наивни и простодушни сфаќања, сепак, поставуваат едно болно и целосно ненаивно, а денес многу актуелно прашање: дали ние, под налетот на нешто што го викаме „демократија“ (а не е тоа, туку обично израмнување на високото со ниското), ги уништивме професиите?

Историјата покажува дека порано држава се поробувала територијално, а опитот покажува дека денес тоа се прави со внатрешно уривање на нејзините системи – економски, образовен, културен и здравствен. Урнете ја професијата професор и добивате народ што е необразован, па може да се меси како тесто за идеолошка пица; урнете го здравствениот систем и имате болен народ, урнете го економскиот систем и имате гладен народ, готов да потпише капитулација за парче леб. Но тоа уривање на професиите не може да се случи ако не се уфрли вирусот на квазидемократијата. Тоа е идеја дека луѓето имаат исти права и во професиите, а не само во она што генерално се нарекува „општество“.

Разликата меѓу вистинската демократија и овој вирус на квазидемократијата, специјално создаден во идеолошките лаборатории на Запад, за глобализациска атака врз „малите народи“ и нивно „припојување“ кон панпланетарниот униформен и тоталитарен модел на владеење е многу јасна: едно е СИТЕ да имаат ЕДНАКВИ права на образование, а сосема друго СИТЕ да имаат ЕДНАКВИ знаења како последица на тоа образование. Или, уште попросто кажано, сите треба да имаат право на информација, но не секој од таа информација знае, со своја глава, да направи знаење. Израмнувањето на поимот „информација“ со „знаење“ е една од главните заблуди на кои им подлегнуваме, и мошне ефикасна алатка на западниот свет за ширење кон истокот; ширење што е воен, религиски и политички архетип, кој постои откако постои и светот и векот.

Навистина, замислете: хирург, среде драматична операција, решава да преземе храбар потег за да го спаси животот на пациентот, но неговиот асистент има друга (и хируршка и политичка) идеја, па пред него засекува ткиво во обратна насока. Или, командир на специјална единица командува да се спасат киднапираните од задниот влез, но еден специјалец, кој мисли дека е поумен од командирот и го заслужува неговото место, со група специјалци се решава да оди преку покривот. Каде би одвело такво „демократско сфаќање“ на професиите? Во катастрофа. А каде би одвело во политиката? Во пресудни моменти, кога се решава судбината на една земја, и треба да се избере меѓу „А“ или „Б“, тоа БИ ТРЕБАЛО да му се препушти на народот – тој да ја искаже својата волја. Сите знаеме дека во практика тоа речиси никогаш не е така.
Од ова следува дека демократијата е потребна, дури и неопходна само во една професија: политиката, ако тоа воопшто е „професија“ во онаа смисла во која е професија „хирург“ или „театарски режисер“. Попрво би се рекло дека таа е „натпрофесија“, еден вид мајка на сите други професии. Како се случи таа „демократија“ да слезе подолу, во професиите, и зошто?

Веќе се кажа: кога се урива држава, прво се уриваат професиите. Професиите, без разлика дали станува збор за пекар, лекар или аптекар, се темелат на еснафскиот (гилд) поим на ХИЕРАРХИЈАТА. И, ако во политиката СЕКОЈ ГРАЃАНИН треба да има исти човекови права со претседателот на државата, во занаетите и професиите тоа не е така. Не случајно по чаршиите си постоеле и сè уште постојат: калфа, чирак, мајстор. Тоа се најмалку три степена на хиерархија. На универзитетите постојат асистент, вонреден и редовен професор. Секаква политичка идеја за демократија, внесена во овие професионални системи, значи – смрт на професијата. Затоа се случува денес мајстори да метат дуќани по чаршиите, калфи да спијат до пладне, а чираци да пијат ракија во работното време. Штом се урне хиерархијата, се урива не само професијата туку и едно темелно чувство на хуманото суштество, една темелна хуманистичка вредност: ПОЧИТТА. Штом асистентот, заразен од денес многу епидемичната идеја за демократија и „еднаквост на сите“ престане да го почитува професорот, тој автоматски почнува да смета дека е еднаков со него. Паралелно со тоа, кај понискиот во хиерархијата се јавува и чувството дека нешто му е одземено, дека по автоматизам му припаѓаат професурата и професорската плата; почитта се претвора во завист и омраза, и професијата е не клинички, туку и дефинитивно мртва. Така, веќе нема хиерархија, нема „постар“, нема „подобар“, туку сите се исти: на дело е вредносна еквализација, како последица на она неоспорно одлично срочено хуманистичко кредо „сите луѓе имаат исти права“. Работата е во тоа што НЕМААТ ИСТИ СПОСОБНОСТИ. На таа лушпа од банана се лизна и комунизмот („уравниловка“), па јас сериозно се прашувам: дали воопшто она што ни го продаваат од Запад не е само нова форма на комунизам (сите сме исти, без разлика на способностите). Не сакам да верувам дека е така; повеќе сакам да верувам дека НИЕ ги сфаќаме западните проповеди така зашто умот уште не ни е сменет.

Зашто, сум бил на Запад, и знам дека само ако пробате да им чепнете во хиерархијата на професиите, на „најдемократски“ начин ќе ве избришат од лицето на Земјата. За нивната „тактика“ (што е всушност ксенофобија), дури и кога сте најдобар да ви го дадат ВТОРОТО место, а на првото да постават сепак СВОЈ – имам разбирање. Човечка работа, што да очекуваш од човек освен суета?

Не сме сите исти, иако сакаме да бидеме. Имаме право да бидеме исти. Но треба за тоа и сила и талент. Некој ги има, некој ги нема. И толку, точка.