Манифест на мотиката

27842

Внатрешна колумна

Нема резон веќе да се пишуваат колумни. Неколку месеци сите трескавично пишуваме на иста тема – името. Јас кажав сè што имав да кажам и не гледам причина да се повторувам. Повторувањето на моите лични ставови би можело да ме претвори во трубач на политички идеи, а јас не сум тоа, ниту сакам да бидам. Освен тоа, трубачите на идеи лесно ги собираат во партиски оркестри, а јас откако пишувам колумни (35 години со мали прекини), свирам соло. И не сакам да долевам масло на и онака манихејски поделеното ткиво на македонските граѓани: подобро е да молкнам, зашто страстите се распалуваат лесно со горивото на колумната. Ако е до интелектуалниот долг кон татковината – доста е: кажав што мислам за ова пресвртно време и тоа ќе остане како пишана трага од која не се бега. Времето ќе покаже колку сум бил во право и дали воопшто сум бил „токму“ – што сум оставил пишани „рески“. Многумина мои академски колеги, писатели и уметници, и во Македонија и во странство, одбраа мудро да молчат: не оставија трага, а траги не оставаат само вешти обивачи на станови и институции – првите ги казнуваат, вторите ги наградуваат. Освен тоа, бидејќи моите ставови за иднината на Македонија се резервирани и скептични, а изразени се среде едно еуфорично, „револуционерно“, акцијашко-полетно време, не сакам да им го нарушувам доброто расположение на оние што, за разлика од мене, во промената на името гледаат историска победа. Длабоко сум свесен дека за судбината на Македонија ама баш воопшто не е пресудно што мисли Венко Андоновски. Дури ни што мислат народите на Македонија. Пресудно е што мислат Европа и САД.

Минатиот пат завршив со мислата дека промената на името не е нашиот најголем мултиетнички македонски пораз, и само уште тоа објаснување ви го должам, драги мои. Тој пораз се состои (и му претходи како логична причина на поразот со името) во усвојувањето на животната филозофија на МРЗЛИВИОТ и НЕАВТОХТОН човек, оној што претпочита златно теле на кое ќе му се клања или, уште подобро, златно магаре (чиј измет ќе го јаде, макар биле тоа и златници), пред „златна“ мотика. Наједноставно кажано, во духот на нашето соцреалистичко време на слогани, нашиот пораз е во усвојувањето на филозофијата „НАТО ЌЕ НÈ БРАНИ, ЕУ ЌЕ НÈ ХРАНИ“. А што ќе правиме ние, освен што ќе се занимаваме со бистрење политика по собранија, плоштади, кафеани, колумни и социјални мрежи? Работи ли некој во оваа држава? Знам дека нема работни места, но додека не се отворат (а сите влади велеа – само што не стигнале странски инвеститори!) работи ли некој – барем врз себе? Зошто би било потребно најпрвин да влеземе во НАТО и ЕУ за да ја земе секој од нас својата мотика во рака?

Запустени селски дворови од мрзливост, зарасната пруга во грмушки, нечисти возови и автобуси, демолирани јавни тоалети, затнати одводи во случај на град и невреме, површно учење колку за шестка на факултетот, а сите одлични во средно, маргинализирани млади таленти, универзитетски професори со ѕидарска дневница, „професионални“ мајсторски поправки што „држат вода“ додека мајсторот не влегол во првото гранапче да си се чести пиво откако за замена на обичен вентил извадил професорска дневница… Зар за да ги исправиме тие нешта од нашиот менталитет ни е потребно НАТО? Потребен ли ни е кредит од Европската Унија за да купиме – мотика и метла? И сега кукање – „нè отепаа со името“. Па, ваков проблем со името може да му се случи само на народ што не се почитува себеси, зашто не го почитува трудот и не сака да се бори, зашто трудот е борба. Мрзливи сме, браќа. „Легни лебу да те еду“, велат кумановци за таа филозофија. „Дигни се веленце да легне момченце“. „Џабе седам, џабе не работам“. „Зошто да учам кога нема работа?“ (За себе, човеку!) „За таа плата ни кафе не пијам, камоли да работам“. И слични погубни животни „мудрости“.

Е токму таа наша индолентност нè доведе и до тоа да НЕМАМЕ ИЗБОР, па да мораме да го замениме името за леб, со што плативме превисока цена. Нашата најголема грешка е што за сите овие години, од осамостојувањето до денес, не замесивме НАШ ЛЕБ. Ниедна влада досега не успеа да замеси наш леб, со кој ќе го нахрани народот и ќе го спречи да се иселува којзнае во кој по ред бран печалбари. Да замесевме наш леб, немаше сега светот да нè уценува: или името или нема леб. Во крајна рака, правдата е задоволена – народ што не е способен самиот да си замеси леб, не заслужува ни да има држава. Колку премиери се сменија, а ниедна векна не испекоа. Сè некако приказната за лебот се вртеше околу странство: оттаму ќе дошле сомуните. И така, наместо да се фатиме за „златна“ мотика, ние се фаќавме за пенкало и за дипломатија, па отидовме по леб дури и до Тајван. На која сè врата не тропнавме за да питаме корка леб, и од никаде не добивме. Филозофиравме, полемизиравме (дал Америка, дал Русија, накаде да се свртиме и каде е лебот побел), тактизиравме, ама главната филозофија – дека лебот е некаде надвор од Македонија – не ја напуштивме. А требаше само да го прочитаме крајот на романот „Кандид“ од Волтер, каде што главниот лик, како да е денешен Македонец, по многу филозофирања и патешествија по леб низ белиот свет, слушајќи нови примамливи ветувања за „легни лебу да те еду“, вели: „сето тоа е убаво кажано, господа, ама јас морам да си ја обработам нивата.“

Можевме, за сите овие години, да направиме барем ОСНОВА за економија. Има држави по светов што имаат недоразбирања со меѓународната заедница, па сепак имаат секогаш запалена фурна со топол леб. Турција, на пример. Наместо да градиме економија, ние сите овие години се игравме „расипан телефон“: некој рече „Гради!“, друг слушна „Кради!“; некој рече „Кажи!“, друг слушна „Лажи!“, и замина работата! И ниедна влада, ама БАШ НИЕДНА (а особено последнава, која се занимаваше само со името) не го постави на прво место прашањето за лебот. Сите имаа некои други, „политички поважни“ цели – де приближување кон Бугарија, де кон Србија, де кон Албанија, де идеја за промена на азбуката, де пресметка со Албанците од Македонија, де пресметка на Албанците со Македонците „шовинисти“, де идеи за размена на територии и создавање етнички чиста држава, де фикции за еднаквост со „големите“ од братска Европа, де опсесии од братска САД, де коленичење пред сите можни европски политшарлатани (затворски превоспитувачи определени за Балканот), де подигање споменици што чинеа колку автопат или фабрика… Сите други права беа поважни од правото на леб. Ниедно умно дете без протекција не вработивме, сите ги испуштивме по белиот свет. Со сè се занимававме, само со еден здрав МАНИФЕСТ НА МОТИКАТА – не. И откако неколку политбратства испокрадоа сè што беше вредно, откако создадовме 10-процентно општество, во кое 90 отсто луѓе треба да живеат како добичиња за 10 отсто да живеат како луѓе, така прегладнети, голи, боси, издрпани, на тацна го дадовме името. „Гладни сме“, рековме. „Даваме вера за вечера“.

Тоа е најголемиот пораз, драги мои, и никаков друг пораз нема. Впрочем, тактиката на изгладнување е најстарата воена тактика на светот – Масада, највозвишениот пример за еврејско херојство, во 72 година од нашата ера, падна само затоа што утврдата снема храна. Но жителите на Масада се самоубија, веројатно во најголемиот епски херојски чин во историјата, за да не паднат во рацете на изгладнувачите. Далеку од умот ми е, не дај боже, колективно да се самоубијат ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, за да не го дадат името. Не е „политички прагматично“ да се самоубијат – доволно е што заедно со албанските партии ќе понесат историски срам што не успеаја да создадат изворна, современа, македонска европска држава, туку само државен приемник („рисивер“) на далечински управувач, во туѓи раце. А требаше само да повикаат на „молитва и мотика“ (што би рекле десните) или „на работа, на труд!“ (што би рекле „левите“, следејќи го Рацин).

Ама – никој ништо. Пропадна и идејата за цврсто економско братство меѓу Македонците и Албанците, во кое и јас верував. Умре мотиката, да живее политиката! Најразвиената стопанска македонска гранка! И сега, дури и утре да нè примат во ЕУ, знам дека пак овде никој нема ништо да копа, сее и жнее. Ќе ги фатат пасошите и – правец Европа! Така, невработеноста ќе ни се намали, како и во европска Бугарија. Македонија ќе стане мирен посед на неколку политички клана и, конечно, ќе нема потреба од народ, кој е многу досадна работа, зашто само бара леб, а елитата нема леб, туку црн кавијар. И никој нема да работи, зашто – НАТО брани, Европа храни!

Затоа, не знам дали воопшто ќе продолжам со колумни. Знам сигурно дека остатокот од летово ќе ме нема. Треба и јас да се фатам за мојата мотика. Имам и јас моја необработена нива. А доаѓа зима и треба нешто да се јаде.