Манифест за злоупотребата на Интернет во секојдневниот живот

Секоја нова технолошка алатка, измислена за побрза, подобра информација, одредена полза во општото образование и генерално за животот, освен позитивни, пројавува и негативни ефекти по извесно време од употребата.

Во таа насока, зачестено почна да се пишува за појавата на лоши здравствени последици од употребата на новите технолошки достигнувања (Интернет, мобилна телефонија, базни станици, видеоигри итн.). Неколкупати сум пишувала за штетното влијание на мобилните телефони кај младата популација (физички и ментални ризици). За жал, во нашава средина сите овие докажани научни сознанија тешко допираат до оние на кои им се наменети, а уште помалку иницираат превентивни мерки. На пример, во Франција веќе е строго забрането користењето на мобилните телефони во школските установи!

Последиците по јавното здравје и социјалните трошоци создадени поради проблематичната употреба на Интернет (ПУИ) се препознаени од Светската здравствена организација уште во 2014 г., наметнуваат голема грижа за сите возрасни групи и стануваат итен проблем и цел на истражување во областа на менталното здравје.

Под називот ПУИ спаѓаат потенцијалните проблематични поведенија поврзани со Интернет, како што се видеоигрите, коцката, купувањето, гледањето порнографија преку мрежите, но и сајбер-подбивање и навредување, „сајбер-хондрија“ итн. Веќе нема сомнеж за последиците за здравјето, особено за предизвикување висока анксиозност и проблеми во расположението, непродуктивноста, школските неуспеси итн. Во некои развиени земји државата веќе презема одредени мерки на заштита и лекување од овие штетни поведенија. Препознавајќи го проблемот, психијатриската асоцијација во следната ревизија на Статистичкиот прирачник на менталните болести (ДМС-В) подготвува посебен дијагностички ентитет – адиктивно однесување (коцкање, компулсивни однесувања поврзани со сексуалноста, купувањето, Интернет генерално итн.).

Разните типови ПУИ започнуваат да се препознаваат уште во детството или адолесценцијата, но се потврдува широкиот опсег на возраста што може да биде зафатена. Помладите се особено зависни од коцкањето и користење на социјалните мрежи за сѐ и сешто, додека порнографијата, купувањето стануваат проблем на адултната популација.

Интернет овозможува готови, имедијатни и безгранични псевдоанонимни приоди кон овие активности. Од друга страна, интернетските сајтови, прибирајќи податоци за корисниците („големи датотеки“) се потенцијално способни да изградат модели на артифициелна интелигенција (машинско учење) за да предизвикаат одредено поведение преку специфични алгоритми. Така, Интернет не е само пасивен објект туку станува средство за смалување на тензичноста, можност за добивање награда, со што го поттикнува однесувањето во одредена насока. Затоа се наметнува потребата од специфични психометриски скали за приближување кон дијагнозата – зависност. Разните видови фенотипови на однесувањето при ПУИ мора да бидат преведени во валидни и релијабилни дијагностички критериуми и алатки за процена, кои би го олесниле специфицирањето на квантитетот т.е. магнитудата на проблемот. За возврат, тоа би дозволило систематско истражување на етиолошките фактори (генетски, развојни, психосоцијални, културни) и мозочно-базирани (биолошки и невропсихолошки) механизми, како платформа за развиток на превентивни и терапевтски интервенции.

Со таа намена, преку програмите на ЕУ-КОСТ започна меѓунационално истражување, кое ќе овозможи добивање на мултинационални бази на податоци за разбирање на ПУИ. Нашата земја активно е вклучена со свои претставници во оваа научна мрежа и токму со таа цел е и овој напис: да се обрне внимание на проблемот и да се овозможат сите достапни податоци. На картата се наведени сите земји-учеснички во ова истражување. Може да се види дека нашата земја е активна учесничка во оваа научна мрежа.

Во мрежата учествуваат 109 учесници од 39 земји поврзани во мултидисциплинарни групи составени од географски разни експерти, истражувачи во областа на невронауката, генетиката, епидемиологијата, клиниката (детски психијатри и психолози) биотехнолози и информатичари, здравствени економисти, планери и сл., за развивање плодна соработка во унапредување на разбирањето и лекувањето на ПУИ. Сите добиени сознанија ќе бидат достапни преку јавни гласила, медиумски настапи, трудови, симпозиуми и сл.

Накусо, клучните моменти на приоритетите на ова истражување се следните:
1. Консензус за концептуализирање на ПУИ (дефинирање на главните фенотипови поврзани со коморбидитет на мозочно-заснованите механизми на проблемот).
2. Возраст, културно поврзани инструменти за процена, скрининг, дијагноза и мерење на силината на разните форми на ПУИ.
3. Карактеризирање на влијанието на разните форми на ПУИ врз здравјето и квалитетот на живот.
4. Дефинирање на клиничкиот тек на разните форми на ПУИ.
5. Смалување на пречките за навремено препознавање и интервенции.
6. Расветлување на можната улога на генетиката и личните карактеристики во разните форми на ПУИ.
7. Разгледување на можните социјални фактори во развојот на ПУИ.
8. Создавање и валидизирање ефективни интервенции, за превенирање на ПУИ и за лекување на формите што веќе се развиле.
9. Идентификување на биомаркери, вклучувајќи и дигитални маркети за подобрување на откривањето и за можни интервенции.

Може да се забележи колку сериозни цели се поставени и затоа пред целата оваа научна група претстои доста голема работа.

Овој напис има цел информирање на нашите читатели, политичари и организатори на јавниот живот за оваа битна активност што претстои. Со истата цел ќе биде организиран инфоден на кој подетално ќе бидат изнесени добиените резултати и наредните задачи на нашите учесници во акцијата. За да бидеме поодговорни и поуспешни, во нашава земја формиравме едно работно тело што ќе координира со акцијата. Се надевам дека во некој од наредните написи ќе има можност за подетални информации.

Да заклучам дека ПУИ претставува еден термин што е како чадор за огромен број поведенија во разни возрасни групи. Ризикот за ПУИ наметнува потреба од сериозен научен приод иако веќе се познати некои невробиолошки и психосоцијални фактори на ризик. Идното истражување треба да помогне во полесно евидентирање, дијагностицирање и создавање стратегии за ефективни интервенции во што пораните фази на манифестирање на проблемот.

Текстот на академик Јорданова е објавен и во „Гардијан“ “, „Њу саентист“, „Универзитетот Кембриџ“, „Дејли мејл“.