Мали и големи… рејтинзи и митинзи

1348

Од СДСМ, посебно Зоран Заев, имаат простор за задоволство од рејтингот од околу 24 проценти. Зоран Заев целосно го консолидира лидерството во СДСМ, и ако не толку одамна на рејтинзите ги имаше Бранко Црвенковски, Стевчо Јакимовски, Стево Пендаровски, сега целата доверба е концентрирана во него. И добрите вести завршуваат тука

Минатата седмица беа објавени партиски рејтинзи и се одржа митингот на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа ја преокупира чаршијата со расправа за тоа кому му е колкав, кому му е помал или поголем… рејтингот и митингот. Типична расправа за големината во типично мачо-општество. Сите се стручни за проценти, за пресметка на број на протестанти на квадратен метар, но многу малку за анализа на тие бројки, проценти во соодветен контекст и ситуација.

Така, седмицата помина во расправа колку му е мал рејтингот на Христијан Мицковски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а колку е голем тој на Зоран Заев. Дури во овој период на персонализација на политиката и на партиите, рејтинзите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ како да беа во втор план. Фокусирани на тоа дека на Заев му е осум пати поголем рејтингот од тој на Мицковски, многу други работи не беа опсервирани. Една работа е „каде е печатот“, односно дека тој што го има печатот, тој е перципиран од јавноста. За илустрација, Никола Груевски за помалку од половина година од заминувањето на партиската функција од рејтинг над 20 проценти се стрмоглави на рејтинг од околу 6 проценти. Во листата на политичари, само двајца со рејтинг повисок од еден процент, не се лидери на политичка партија, и тоа едниот е претседателот на државата, а вториот е министер. На листата ги нема политичарите што до неодамна беа во врвот, или беа кандидати за највисоки функции.

Од СДСМ, посебно Зоран Заев, имаат простор за задоволство од рејтингот од околу 24 проценти. Зоран Заев целосно го консолидира лидерството во СДСМ, и ако не толку одамна на рејтинзите ги имаше Бранко Црвенковски, Стевчо Јакимовски, Стево Пендаровски, сега целата доверба е концентрирана во него. И добрите вести завршуваат тука. На другата страна СДСМ за една година владеење не успеа да го подобри својот рејтинг, како што беше случај со ВМРО-ДПМНЕ во 2006/2007 година. Исто и со Зоран Заев, кој не го подобри сопствениот рејтинг како што успеа Никола Груевски. А во оваа година коалицијата на СДСМ се прошири со партии и со гласачи, кои претходно биле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, за една година, Владата на СДСМ и граѓаните се во голем расчекор. Додека Владата е целосно фокусирана на надворешната политика, спорот за името и ЕУ и НАТО-интеграциите, граѓаните се фокусирани на економски развој и нови работни места. Од Владата граѓаните се задоволни само од две подрачја: ЕУ и НАТО-интеграциите (58,1 процент) и образованието (48,5 проценти). Од друга страна, големо е незадоволството од здравството (63,6 проценти), борбата против корупцијата и криминалот (60,3 проценти), реформи во судството (59 проценти) итн. Тоа ја дефинира ова влада како влада на едно прашање, и нејзината судбина се врзува со успехот на ЕУ и на НАТО-интеграциите, под услов решението за спорот за името да биде перципиран од граѓаните како фер и достоинствен.

ВМРО-ДПМНЕ и посебно Христијан Мицковски, имаат пониски рејтинзи од своите политички ривали. Но тоа не значи дека треба да бидат незадоволни. Христијан Мицковски имаше прекраток период да го консолидира своето лидерство, и гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се сѐ уште поделени со стариот лидер Никола Груевски и Ѓорге Иванов. Од друга страна, за цело време на политичката криза ВМРО-ДПМНЕ не падна под 20 проценти. ВМРО-ДПМНЕ го остава зад себе периодот во кој скоро севкупното раководство беше под истрага на СЈО. Исто така во овој период многу свинг-партии ја променија страната и од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ преминаа во коалиција со СДСМ. Се чини овие преоди не му наштетија многу на ВМРО-ДПМНЕ, колку што внесоа немир на другата страна поради коалиции со долгогодишни партнери на ВМРО-ДПМНЕ.
Митингот на ВМРО-ДПМНЕ од 2 јуни ги надмина очекувањата и на најголемите партиски оптимисти. Се чини дека ВМРО-ДПМНЕ го одбра времето за протестот од 2 јуни во идеално време и за внатрешни и надворешни причини. Внатрешните се две меѓусебно испреплетени цели за легитимација на новото раководство и претседателот на партијата Христијан Мицковски и за позиционирање на самата партија. ВМРО-ДПМНЕ беше во надолна линија под притисокот на истрагите на СЈО, преминувањето во опозиција и поразот на локалните избори. Со митингот ВМРО-ДПМНЕ демонстрира дека и во опозиција има голема моќ за мобилизација. Наедно со тоа се легитимира и се консолидира новото раководство и лидерството на Христијан Мицковски (и тоа набргу ќе се рефлектира и на рејтинзите).
Во странските агенции и медиуми протестите беа видени како антивладини и како протест против можниот договор со Грција за спорот за името. Неоспорно е дека многу членови, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓани во протестите видоа можност да ги изразат своето спротивставување на можна промена на името. ВМРО-ДПМНЕ со тоа ќе ја зацврсти позицијата за неменување на Уставот (за промена на името). Но тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ одбегнува компромис, но јасно укажува дека тој компромис може да биде утврдување во Уставот на дополнително име, кое може да се користи за меѓународна употреба.
Процентите и бројките ставени во таков контекст, поради неколку фактори, укажуваат дека можни се значајни промени и дека веќе есенските проценти и бројки може да бидат различни.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek