Максимилијан

1323

За малку ќе напишев како што треба (максимализација), но навреме се сетив. Во новоговорот на милиот ни премиер тоа се вика: максиМИЛИзација! И не станува збор за лапсус, туку за веќе утврден збор со кој се збогатува (северно)македонскиот политички есперанто. Толку е утврден што и куп новинари милно му трепкаат со очите и си молчат, го разбираат, додека употребува непостојни зборови. (За волја на вистината и меѓу новинарите има „инвентивни“, па знаат наместо резервоар да кажат резерват). Веројатно, проблем ми создава професионалната деформација; инстинктивно ми доаѓа да исправам грешка, но кога станува збор за принцот Максимилијан, крај не му се фаќа! Неуморен е!

А меѓу новинарите што го интервјуираат (божем на жешко столче) нема јунаци да го коригираат додека глаголи за образование и напредок и пука со зборови како Максим по дивизија. Напротив, добива другарска критика. Тоа што се вадам од кожа кога слушам говор без да се погоди акцентот на ниту еден збор, па се употребуваат изрази како кванатен скок, бреин дреин, хоризонтално и вертикално, сето тоа е мој проблем кога веќе сум решила да го слушам внимателно (како да немам попаметна работа). Настрана вокабуларот, туку во последното интервју на премиерот со претставници на неколку ТВ-канали имаше многу симболика: како да нема друг отворен простор за ноќно интервју, па изборот паднал на дворот на Генералштабот на „нашата армија“, членка на НАТО. Тоа ти се вика „на мој терен“! А говорот, ако се анализира внимателно, баш „генералски“: употребува присвојни заменски придавки, па покрај она „мојот народ/нашата земја“, „нашите дечиња“ (деминутивот треба да покаже грижа и љубов), тој зборува за „мојата влада“, за наредби, ред и поредок, за казни и за дисциплинирање. Веројатно не сакате баш да читате стенограм од тие „бисери“, па затоа ќе се воздржам од повторување на сето она што ги параше ушите. На прв поглед ќе помисли човек дека е ова силен премиер во слаба влада, а не обратно.

Во интравладините односи тој е под капата на Али и Груби, а во надворешните – под чадорот на Кале. Од содржинска гледна точка, покрај научната фантазија од сферата на економијата и правдата (максимилизација, навистина), но и нешто од сферата на реалното (многу приватизација), разбравме дека Гоце Делчев максимилно од личност се претворил во обично „поглавје“!?! А и дека проблемот за името со Грција бил потежок од овој што ни го наметнува Бугарија… и така, ви останува само да се фатите за глава, пред оваа максиМИЛИзантна инсуфициенција. (Имаме ние убав збор за ова, ама сепак да употребам и јас некој странски термин (или термит) за да звучи поубаво). Накратко, готово е и со Гоце, и со сѐ друго за што тој гарантира. Станавме банана-република, која удира печати и ги потврдува со параф сите влажни националистички соништа на соседните држави, ама и тоа не е ништо ново. Сакате добра вест? Добро е само тоа што не остана уште многу за распродажба. Уште малку, па готово!
Дека државата максимилизантно тоне станува јасно и кога пред куп новинари премиерот ќе каже дека верува во својата програма затоа што до себе го имал вториот човек во партијата (вицепремиерот за борба против корупција е инаку грамада од човек и авторитет), кој меѓу другото ќе влијаел и врз партиските структури да не посегаат по нечесни и незаконски дејства. Ви кажува во очи дека легализира комунистички спој на држава и партија, а вие како новинари си молчите или нежно го критикувате! Ви кажува дека во администрацијата има луѓе што се неспособни, ама дека ако поседат подолго време на столчето, може и ќе смислат нешто паметно, па затоа ќе им се смалеле кафе-паузите (и тоа треба да е реформа во администрацијата).

И така по ред… Ете, неподносливата леснотија на „мали Ѓокица“ пак ме поведе во рекапитулација на нешто што е видливо од Марс, ама колумната станува алатка за сочувување на менталното здравје, ако веќе не може да биде нешто друго.
Се разбира, од ден на ден, сѐ позагрижена сум за она што ми е работа – образованието и сите премрежиња што нѐ очекуваат. Еве, по децениска блокада на вработувања во високото образование и стареење на кадарот, со идејата за брзо пензионирање на професорите, Заев максимилнмо ќе го реши проблемот: ќе нема кој да предава! Всушност, ќе има од сите оние што чекаат на ред со дипломи (јас дури сега разбрав дека дури и Заев бил магистер по економија!). Дека образовната база ни е максимилна ни е одамна познато, ама во време на пандемија и специјални протоколи тоа станува уште по МАКСИвидливо, затоа што живееме и работиме во МИНИмалистички услови.

Еве, да не раскажувам за тоа какви се тоалетите или библиотеките, дека во тесните ходничиња едвај можеш да се разминеш, а не пак да одржиш физичка дистанца, дека понекогаш немаме греење, а понекогаш тече вода од покривот (што, секако, нема врска со пандемијата, ама има врска со супстандардните услови). Кому како му се погодило! Разбравме дека нашите колеги информатичари и нивните здруженија подготвуваат платформа за онлајн настава, а премиерот бил многу благодарен за нивната помош. Во нормални држави науката и струката не се ангажираат во вонредни околности и врз основа на добра волја, туку редовно – зошто, чуму ти е наука, ако не ја користиш во секојдневието? Додека колегите се вклучиле во своевидна работна акција (секоја чест за тоа), Заев отворено жонглира со фотелји: кој ќе изгуби на мостот (собраниските комисии што се очигледно плен, а не механизми за работа), ќе добие на патот (во Владата и дипломатијата). Ајде сега нека ми каже некој по што овие тефтерчиња се поразлични од оние што ДУИ си ги имаше со ДПМНЕ? За тоа време, на универзитетот користиме пиратерија за да дојдеме до најнова литература. Уште пред неколку години, тогашниот информатичар (оттогаш си заминаа неколкумина бидејќи не можеме да задржиме ни обичен правник, а не пак инженер информатичар со оние бедни плати) ми кажа дека сиот софтвер бил пиратски. Интернет-страниците ни ги одржуваат млади луѓе со несоодветно образование, а кои се талентирани аматери информатичари (тие, пак, си имаат дипломи од струката, ама таму нема работа). Сличен бил проблемот и со државните институции, јавуваат медиумите.

А божем чекориме максимилизантно кон европската иднина! Затоа ова одамна не е држава, туку обично Потемкиново (муртинско) село.
Во серијалот на Потемкин, ако ништо друго, во регионов барем виреат нобеловци. Ок, ако не вистински, тогаш барем потенцијални, номинирани…, и тоа токму меѓу политичарите! По Зоки и Алексис, сега и Вучиќ и Хоти се максимилизантно исфорсирани да добијат „нобел“ заедно со Трамп (да не остане покусо од Обама). Зошто го спомнувам ова? Затоа што секаде е исто, како под индиго нацртани вождови, дома мали диктатори што воведуваат „работа, ред и мир“, а надвор се помали од зрно на мак (упс, го спомнав ова на М, а можев да кажам бибер). Имав интересна фејсбук-размена со колега што предава меѓународно право. Додека јас гледав геополитика и вазали пред императорот, тој виде слободно изразена волја на две држави во овалната соба. Вели, треба да им се верува на она што го кажуваат официјалните претставници на државите; јас обично велам: не им верувај на политичарите, читај меѓу редови, анализирај го контекстот и интересите.

Ама што знам јас за наука и за меѓународни односи… Еве, Вучиќ тврди дека кажал историско НЕ во Белата куќа (дури и Тито тоа не го стори, иако пушеше пура), а Путин лично му се извинил. Сѐ е толку максимилизирано (национално, регионално, глобално), што наскоро и онаа изрека „сваког дана у сваком погледу“ ќе стане излишна. Само небото е лимит за лагите на Минхаузените! А суровата стварност чука на врата. А и камбаните бијат за некого…