Македонскиот фронт 1918-2018

2286

Вчера се одбележа стогодишнината од крајот на Првата светска војна. Во многу земји, 11 ноември се одбележува и како Ден на паметење на милионите жртви на една бесмислена војна. Тешко е да се одолее да не се одбележат вакви датуми, а на политичарите отсекогаш полесно им паѓало да покажуваат пиетет за мртвите отколку за живите несреќници (иако Трамп и тука е исклучок, откако поради лошо време не положи венец пред паднатите американски војници). Во Париз лидерите на т.н. слободен свет оддадоа почит и (лицемерно) се заветија на вечен мир. Неважно е што Првата беше само вовед во Втората светска војна, што тие и натаму обилно продаваат оружје во светот, што тоа носи смрт на други неевропски меридијани, што Макрон сака европска армија, а Трамп повеќе пари за НАТО. Дечињата на Јемен и Сирија се сосема небитни во вакви ситуации, зар не? Се одржа некаков мировен форум, на кој се говореше за паневропско разбирање на минатото и за визијата за иднината. Иронијата не е само во романизирањето на херојството од една од најголемите кланици во историјата и во тривијалната комерцијализација на јубилејот, туку и во тоа што се одбележува токму кога проектот на европското обединување и на трансатлантското сојузништво е во фатална криза, во време на буење на национализмот, внатрешните контрадикции во Европа, но и ривалитет со неевропските сили. Полска ја прослави стогодишнината на својата независност заедно со неофашистите. Пред четири години, Шпигел напиша: „Дали сме различни од оние во 1914-та? За жал, не сме.“

Историчарот Кларк веќе ги нарече „наши современици“ актерите на оваа војна. За некои аналитичари, сѐ што се однесува на Големата војна е „премногу блиско и страшно“. Онака како што Западот ја запоставува улогата на СССР во Втората светска војна, така го „заборава“ и фактот што и Првата најпрво завршува на германско-рускиот фронт, во 1917 година, со масовно дезертирање на руските војници, кои ја слушаат веста за пропаста на царството. Но дезертерството (и во француските кругови) никогаш не било предмет на паметење или славење, дури и во „постмодерниот“ свет. Од друга страна, потпишувањето на примирјето не ја запре британската блокада на Германија сѐ до Версајскиот договор. Дури и во 1919 година постоеја обиди за задушување на власта на СССР однадвор.

Овде најважна вест беше присуството на Иванов помеѓу 60-те светски лидери, но и тоа низ дневнополитичка призма. Генерално, јубилејот остана покриен со мачна тишина; турнат настрана пред вревата смислена да дефокусира од срамната „тајна вечера“ на која се менува Уставот. А сето ова најсоодветно може да се разбере само низ историска призма – како фарса, ако не како трагедија. Ова е можеби политички најнезгодниот миг да се зборува за случувања од пред сто години: разни комисии веќе ја чешлаат историјата, некакви нови Винстон Смитовци како излезени од страниците на „1984“ ја ретушираат историјата онака како што ќе им кажат поголемите браќа. Политичката/националната коректност, особено кон соседите и кон моќните, има висока цена (и буквално, иако измеќарите се купуваат за „кило џимиринки“ и ветени позиции).

Она што постарите, а веројатно и сегашните, генерации го паметат од лекциите за Првата светска војна е дихотомијата на поводот и причините. Сите шематски запаметија дека атентатот врз Фердинанд бил само повод, а причината била во прераспределбата на светската моќ на големите сили. Реално, за Македонија оваа војна била само продолжение на Балканските војни од 1912/1913. Таа никогаш и не излегла од воена состојба. Повторно станала поле за поткусурување, терен за масовна присилна мобилизација од српската, бугарската и грчката влада. Браќа војувале едни наспроти други, во различни униформи. Славниот Македонски (или Солунски) фронт на крајот на војната не донел ништо славно и јуначко, особено за цивилната популација. Всушност, сето она што се случувало од Букурешкиот договор до крајот на Првата светска војна нема никакво значење за македонскиот народ, кој бил непризнаен, повеќе објект отколку субјект во историските настани. Победничкиот крај на војната и сега повеќе се одбележува од странските амбасади и емисари, кои им оддаваат почест на паднатите на убаво уредените француски, британски или српски гробишта. Македонците биле и останале невидливи, запретани во заборавот и во ретуширањето на историјата. Војната од 1914-1918 ќе означи крај на една епоха, на неколку империи, и ќе биде бабица на Вилсоновото чедо, принципот на самоопределување на народите. Но од аспект на Македонците, иако модерниот национализам победил токму во 1918/1919, тие остануваат да чекаат до 1944 година.

Но сега и тоа е предмет на пазарење, во кое учествува државната елита. Сто години подоцна, се чини, духот од шишето како да е повторно пуштен на слобода. Некој ќе рече „сега е многу различно, за разлика од пред сто години денес имаме независна и признаена македонска држава! И тоа треба да се почитува. Еве, само што не сме влегле во НАТО и во ЕУ“. Каква фарса! Денес сведочиме на повампирување на македонското прашање, во сите негови верзии, и тоа поделени, раскарани, немоќни, со различни лојалности и спротивставени визии, со братоубиствени страсти како излезени од историските читанки.

На почетокот и Првата светска војна изгледало дека се однесува на судир на две соседни држави, едната моќна, другата слаба. Но во заднината на приказната улогата на Гаврило Принцип е, всушност, маргинална (освен како национален симбол): воените барабани веќе татнеле во заднината, бидејќи во прашање биле многу поголеми влогови. И овде само навидум се решава (божем успешно) билатерален спор меѓу две соседни држави: едната моќна (иако во внатрешна ерозија), другата слаба (држава во распаѓање). Конците ги држат други центри на моќ, кои насетуваат дека е ова мигот кога нештата на геополитичката карта треба да се доведат во „ред“. Сте го читале ли Јулскиот ултиматум до Србија од 1914-та? Ако се апстрахираат детали врзани за конкретниот контекст, во очи паѓаат барањата што Србија ги одбила и по цена на војна што прескапо ќе ја плати, а кои Македонија денес со задоволство ги прифаќа, иако не ѝ се заканува војна. Еве само дел, па направете споредба со Преспанскиот договор: „да се забрани секаква публикација што предизвикува омраза и презир кон монархијата и чија генерална намена е против територијалниот интегритет на Австро-Унгарија; да се распуштат сите здруженија во Србија што се занимаваат со пропаганда против Австро-Унгарија; без одложување да се исфрли од јавната настава во Србија… сето она што служи или би можело да послужи за создавање пропаганда против Австро-Унгарија, и во поглед на наставниот кадар и на наставните средства.“ Во одговорот, Србија нуди и уставна промена, но тоа е премалку и недоволно да го спречи неминовното: всушност, ултиматумот бил напишан така за да биде сигурно одбиен, и да отвори можност за објавување војна во која некои држави, особено Германија, едвај чекале да влезат (заедно со Бугарија, Турција итн.).

Спорот меѓу Грција и Македонија нема ниту имал потенцијал за поширок судир, и покрај сета антируска пропаганда и застрашувања за она што би се случило ако Преспанскиот договор пропадне. Можеби затоа Заев „заслужува“ Нобелова награда: тој прифати ултиматум затоа што беше вистинскиот човек во вистинското време за да одработи за туѓи геополитички интереси. Но кусогледоста на сите оние што гледаат на ситуацијата од жабја перспектива е во неспособноста или неволноста да видат дека деконструкцијата на македонската држава и нејзиниот уставен систем не можат да минат без имплозија. Македонија (п)останува буре барут, колку поради сопствените внатрешни противречности, толку и поради кризата во која пропаѓа Европа.

Наредните избори за Европскиот парламент ќе бидат лакмус-тест за тоа колку десно и колку длабоко националистички размислуваат граѓаните и елитите на ЕУ. Парадоксот е во тоа што, како и пред 100 години, кога македонскиот национализам бил во повој, сега кога наидува нов бран на националистичка, па и неофашистичка хистерија – од Македонците се очекува да бидат космополити и мирно да гледаат како нивната држава се сведува на краткотраен и неуспешен историски експеримент.