Македонскиот парадокс (Референдум што нѐ прави малоумни)

1022

Парадокс до парадокс. Македонски, драг читателу, раситнет на илјада парчиња, како што е раситнета во роеви муви и други гадинки ламјата што ја убива Убавиот Светец на коњ. Онтолошки, идентитетски, историски, морален, етички, естетски, филозофски, географски, антрополошки и каков уште не парадокс. Но која е, всушност, ламјата, основниот македонски парадокс сега од кој се множат речиси сите други? Исправно прашање. Е, тоа е шашавиот, идиотски, идентитетски парадокс дека се преименуваме во Северна Македонија и северномакедонци, а притоа си го задржуваме идентитетот, првин онтолошкиот, а потоа и историскиот, што е пример на антологиска глупост.

А јас тврдам, драг читателу, дека Македонците (тие ме интересираат во врска со овој проблем) што мислат така имаат не само морален туку, во случајот, и ментален дефект. Да, ако не се способни, како претседателот на МАНУ и некои други „интелектуалци“, за една проста логичка операција на таа тема, она што за разлика од нив го знаат нашите селани со здрав идентитетски инстинкт и нагон за постоење во својот автентичен онтолошки и историски код. Оти име на кое му се додава придавка е деструкција на неговиот претходно автентичен изворен идентитет. Особено во случајот со нашето име, кое со тоа целосно се изместува од своето мемориско лежиште, а тоа значи бришење на целокупната историско-цивилизациска меморија што ја поседуваат оние на кои им припаѓа тоа.

Инаку, зошто би го менувале него нашите јужни геноцидни соседи и колонијалистичка Европа, чија цел со разните и претходни геноцидни потфати кон нас била бришењето на еден народ од културно-цивилизациската свест воопшто на човештвото. Туку, она што е најужасно во сиот овој гробарски план е тоа што и нашата влада со Заев и еден дел страшно одродени Македонци сега учествуваат, конкретно го спроведуваат на дело тој план надвор од сите норми и со најголема акрибичност. Ете, тоа е и таков е, драг читателу, основниот македонски парадокс. Бескрајно глупав и бескрајно трагичен, без разлика, ако е тоа утешно, што Крлежа вели дека и глупоста е метафизички факт.

А Серен Киркегард, имено, пак, тврдеше дека парадоксот е најубавата, најскапоцената стилска и филозофска фигура што можел да ја измисли духот. Арно ама тој немал среќа да се запознае со македонскиот парадокс. И подобро, инаку страшно би се разочарал од таа фигура, која ја возвеличува со толку голема филозофска екстаза. Тогаш можеби и помалку или повнимателно ќе ја користел неа во својата егзистенцијалистичка филозофија.

Толку. Но раситнет е на многу атоми и кваркови, да го употребам јазикот на физиката, големиот македонски парадокс: Името. Цели роеви муви и други гадинки од ламјата што ја убива Убавиот Светец на коњ. Еве, читам: една госпоѓа чија секира ѝ паднала во пратеничката фотелја како, апсолутно неталентирана за мудрост, мудрува на тема Името. Ѝ го заборавив името. Но тоа и не е голема штета, бидејќи од нејзините „мудрувања“ сфатив дека и самата таа не знае зошто носи име. Е, таа госпоѓа нам, на неосвестените, глупите и неинтелигентните, кои сме против ликвидацијата на идентитетот, великодушно ни го нуди „храброто срце на дијалогот и разумот“, без разлика што тие поими по сѐ изгледа нејзе ѝ се крајно матни, оти глупоста ја промовира како разум, а кукавичлакот како храброст. Нејзиниот палеолитски партиски ум говори за „големиот влог и големата завршница“.

Завршница, на која, таква каква што ни ја подготвила нашата/ненаша влада заедно со оваа високоумна госпоѓа и со меѓународните сатрапи, гробари на Македонија и Македонците, би ѝ позавидел и апостол Јован со неговата „апокалипса“ како финален печат на Светото писмо. Е, таа госпоѓа, за да биде глупоста совршена, уште вели дека со договорот со Грција првпат „се признава постоењето на народ што има право да се нарекува македонски“. Па, госпоѓо, сепак размислете како го употребувате барем мозокот, ако не и моралот. Значи, ние чекавме со милениуми да нѐ воведат Грците во идентитет. Тие што извршија грозоморен геноцид врз Македонците во 1948 г. заедно со бомбардерите на Черчил и кои и денес јадат крвав леб од полињата и имотите на протераните од родните огништа Македонци. Прочитајте ја на таа тема сјајната книга, докторска дисертација, на доблесната Гркинка Анастасија Каракасиду „Полиња од жито, ридови од крв“, па ќе сфатите, ако го одмрзнете палеолитскиот партиско-парламентарен мозок, како треба да се гледа на таа тема, и тоа со очите на една доблесна душа од грчкото племе, кое заедно со вас и вашата влада нѐ става во идентитетски мртовечки ковчег.

Да. Сепак, за среќа, овој народ има здраво идентитетско ткиво, кое сега се излачува од ѓубриштето на предавниците и фарисеите, и не е глуп. Има разлика меѓу немоќен, притиснат и глуп, иако сега кај нас, како историски миг, глупите, поткупените и аморалните, а не моралните и умните се моќни. И тоа е македонски парадокс. Референдум? Овој сега на 30 септември е еден од најголемите идиотизми на оваа влада. Има аргументи за тоа мое тврдење. Силни. Тука е пред сѐ идиотски компонираното триделно во едно (а постои во него и четврта подло скриена компонента) прашање: „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на спогодбата со Грција?“. Анализа. Првин ЕУ и НАТО се посебни нешта, иако во моралниот дефект се едно. За нив треба два референдума!

Геноцидниот, пак, договор со геноцидната по нас Грција е прашање за трет референдум. Е, сега за скриеното, подло скриениот џокер во оваа референдумска коцка на Заев и неговата погребна коалициска процесија што го води на гробишта, на закоп, засекогаш („Боже, прости им не знаат што прават“) милениумскиот македонски идентитет. Скриеното во тоа триделно, а всушност четириделно (но подло со четвртото) прашање е Името. Тоа, да не се сетат Власите, треба да биде ликвидирано со гордото и истовремено глупо референдумско прашање на нашата/ненаша влада. Бескрајна перфидност, иако и бескрајно провидна, со која здравиот македонски народ што сака вечно да стои во своето од Господ дадено и заслужено автентично Име се прави дебилен, глуп, кретенски. А всушност се прави од тие што се такви. И тоа е исто така македонски парадокс. Мувите и гадинките од убиената ламја се множат.

Толку. Туку читам серија хистерични текстови на тема Русија. Еден од нив во врска со австрискиот весник „Куриер“, според кој демек Големата Матушка им дала некои пари на ДПМНЕ и на некои други (Македонски манифест е далеку од тие собитија) за да го минираат идиотскиот референдум, кој и така во ништо, како што кажа генијот Заев, не е обврзувачки. Тие ќе си ја решат работата со геноцидот институционално, затоа што за тоа им е дадено зелено светло и од Брисел и од Вашингтон. И од ООН, чиј претседател Гутиереш, небаре внук на фашистичкиот Португалец Салазар, прв го поздрави геноцидниот договор со Грција, поништувајќи го така оној славен параграф од законикот на неговата организација, јус когенс, за правото на секој народ да стои во своето име и идентитет. Добро. Страв од Русите да не дале некоја пара на некој антиамериканоид. Ами што станува, пак, со огромните пари на Сорос и УСАИД истресени во Македонија за оние типови што го подготвуваа акрибично овој геноцид на македонскиот народ? А? Тоа е во ред, а руското не. А? Невладините Соросови и УСАИД типови кај нас и во сон мократ од страв во постела само што ќе им го донесе на перница нивниот ангел името Русија. Ги жалам. Нивниот макартизам е страшно жален. Добро, и јас сум русофил. Отворено соопштувам: симпатичен ми е Путин, но моето русофилство се темели на руската поезија, од која имам препеано над 30.000 стиха од нивните најсјајни поетски имиња: Пушкин, Лермонтов, Тјутчев, Блок, Цветаева, Ахматова, Пастернак, Мандељштам, Бродски… Друга, пак, работа е што јас многупати сум пишувал за рускиот негативен историски однос кон Македонија, иако таа ја задолжила Матушка Русија за вечни времиња, пред сѐ со нејзино христијанизирање и описменување.

Така. Уште еден од многуте глупи македонски парадокси: Заев му се извини на Борисов за тоа што рекол дека Илинденското востание е македонско, а тоа да ти било, како што го дефинира него екстремно хистеричната Екатерина Захариева (која на тој план го носи мозокот на Божидар Димитров), географски македонско, но историски бугарско. Бугарска франкенштајновска имагинација на која ретко ќе ѝ се најде адекватен пример во светот. Туку, тука и сега, во однос на тоа, во прашање е Заев. Тој нека му се извинува во свое лично име на Борисов, нека си ги лиже валканиците лично тој со неговиот јазик, а не да го подметнува за нив невиниот и чист јазик на народот. (Македонски, а не северномакедонски.) Сигурен сум дека ни Муртино нема да му го позајми јазикот за нив.

Да. Парадокс до парадокс. Кој од кој погорчлив. И на крајот, драг читателу, да не ја заборавам и онаа таканаречена охридска група (Ле Роа, Карл Билт, Робертсон, Солана…), дојдена повторно кај нас како обликувано групно тело на смртта од страна на Сатаната, да присуствува на свечената церемонија, заедно со Заев и Владата, на погребението на Македонија и на Македонците. На погребение на македонскиот онтолошки и историски идентитет. Засекогаш. Тие се, да употребам еден Јунгов поим, сенката на несвесното, кое не умее да се искачи во свеста и натсвеста, сенката на суптилно, софистицирано повампирениот Трет рајх. Возобновената европска фашистичка варијанта. Не претерувам. Оти, зарем не е секој вид геноцид фашизам, каков што е овој сега над Македонците, идентитетски, пострашен од физичкиот. А таа охридска група на европските сатрапи, имено, го подготвуваше и сега го поздравува македонскиот идентитетски геноцид, драг читателу. Нели? Се гледа од авион. Некои слепи Македонци не го гледаат тоа. Но Исус велеше: „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе“. А таквите како нив не само очи и уши туку немаат ни срце ни душа. Па ни ум, бидејќи мислат, размислуваат и чувствуваат единствено со цревата и со она што е нешто подолу од нив.

А Европа. Таа не се опамети ни по двете големи катастрофи, Првата и Втората светска војна што си ги подготви садистички не само за свое туку и за страдание на светот. Не знам дали сум пророк или не, но сигурен сум дека по она што им го прави на Македонија и Македонците исто така ќе плати со нова голема катастрофа од која, како од Втората војна АСНОМ, пак ќе излеземе преродени. Ние сме витални не само за смрт туку и за нови раѓања. Секогаш. Толку. Туку, кога сме сѐ уште кај парадоксите, македонски, да нотираме, драг читателу, уште еден што е ситен, но е многу отворен и се однесува на таканаречениот „говор на омраза“. Имено, кај нас него го произведуваат во енормни количества тие што лаат на сет глас против него. Особено една фрустрирана медиумска групичка, која треба да ја легне Фројд на својот психијатриски кауч и да ѝ одреди терапија за нејзината хистерична невроза.
Тука е крајот на нашава колумна, драг читателу, на тема македонски парадокс и парадокси, оти нив не може да ги собере во себе ни еден подебел том, а камоли една колумна. Моите искрени поздрави до тебе, до следната среда и наша вообичаена, а понекогаш и необична средба.

П.С. Заборавив, драг читателу. Ако Владата со премиерот има право, кое не ѝ го дал народот, на еден таков валкан референдум, имаме право и ние. Јас и ТИ. Бојкотираме! Не дозволуваме да нѐ прават малоумни.