Македонска ковид-трагедија, 4 чин?

520

А се наоѓаме пред попис и избори! Сите предуслови за четврти чин на трагедија се поставуваат, и префрлање на вината нема да ги реши проблемите

Кога коментарот што го пишувате треба да се објави на еден ден пред одбележувањето на 20 години на Охридскиот рамковен договор, неминовно се поставува прашањето дали тоа треба да биде темата на тој коментар? Но дилемата е кратка, бидејќи постои политичка согласност дека Охридскиот рамковен договор е спроведен, што доведе до укинување на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, кој е заменет со Министерството за политички систем. За дваесет години се кажа сѐ за неговото значење и спроведување, а за неговиот импакт нема сериозно истражување со години, што коментирањето го прави субјективно. А што „по Охрид“ во некоја друга пригода, а сега за најважната тема – македонска ковид-трагедија, 4 чин, или како се најдовме пред четвртиот бран на ковид-19.
На крајот на мај оваа година напишав коментар „Короната е умрена?“, во кој изразив умерен оптимизам. Напишав за да не се повтори минатата 2020 година, во која тој што рече дека короната е умрена, замина во историјата, а короната остана, мора да останеме посветени на дел заштитни мерки и понатамошна вакцинација. Напишав за потреба за внимателност на масовни собири во затворени простории и носење маска во затворени простории. И секако дека вакцинацијата мора да продолжи понатаму, за во зимата да мора да влеземе со целосно вакцинирана популација над 50 години. Тоа е помалку од очекувањата за 65 проценти вакцинирани, цел што тешко ќе се постигне до септември. И доколку ја вакцинираме целата популација над 50 години, тоа значително ќе го намали бројот на тешки и смртни случаи, што е веќе битна придобивка.

Но се чини се потфрли и на заштитните мерки и на вакцинацијата. Од укинувањето на мерките до паничните чекори деновиве, не само што се тврдеше дека нема потреба од никакви мерки туку попушти и примената и контролата на предвидените мерки, на пример протоколите за свадби. Една од мерките применети од ЕУ, зелена карта (вакцина, прележаност, негативен ПЦР-тест), за влез во земјата, кај нас не беше применета. Со вакцинацијата достигнавме околу 450.000 илјади комплетно вакцинирани, бројка што веројатно не опфаќа 30.000-50.000 граѓани вакцинирани во Србија или други земји. Колку проценти од население чинат овие половина милион вакцинирани? Според пописот и избирачкиот список, имаме околу два милиони население и 1,7 милион полнолетни лица, што било 25 проценти, односно околу 30 проценти од население на 18 години. Доколку Македонија има 1,7 милион население, од кои околу 1,4-1,5 милион се полнолетно население, процентите се малку повисоки. Но сѐ уште далеку од 65 или 80 проценти неопходниот опфат, или барем таков опфат на населението над 60 или над 50 години.
Во една јасна ситуација на потфрлање и на заштитните мерки и на вакцинацијата. И тука Владата и Венко Филипче играат на картата „блескава власт и багра народ“ и ги вадат последните мерки против ковид-19, еден одличен ПР-потег на дефокус од пожарите и префрлање на вината на македонска ковид-трагедија, 4 чин, врз „багра народот“, во овој случај наводните „антиваксери“. Не е важно дека вакцинацијата започна со големо доцнење, не е важно што системот за закажување не функционира (затоа и се премина на вакцини без закажување), не е важно што немаме право на избор на вакцина (се вакцинира со тоа што има), не е важен недостоинствениот третман (редици за чекање со часови), не, ништо од тоа не е важно и вината за нискиот степен на вакцинација е на „багра народот“ и антиваксерите. Фрлена е коската на раздор, се прави нова делба на „ваксери“ и „антиваксери“, со цела жестина на расправата, со комплетен дефокус на одговорноста на Владата. И заколнати етатисти заслепени од власта, не гледаат одговорност на Владата, нели бидејќи е нивна, вклучувајќи ја и одговорноста за „антиваксерите“.

Да, да, и за тоа е одговорна Владата. Уште во 2019 година при епидемијата на мали сипаници (морбили), МЦМС и М проспект објавија истражување за перцепциите за вакцините, во кое се лоцира манипулативната кампања на антиваксерите. Заклучокот тогаш беше дека проблемот не може да се реши само со забрани, туку мора да се истражи, да се утврдат легитимните загрижености, изворите на лажни вести и да се подготви јавен пристап како да постигнеме живот без болести што можат да се превенираат со вакцини. Проблем познат и јасен, што направи Владата за тоа? Ништо!
И нема поголема потврда за одговорноста на Владата отколку хаосот што настана пред вакциналните пунктови по објавувањето на последните мерки против ковид-19. Носиш мерка чија цел е да се зголеми вакцинирањето, а вакциналните пунктови неподготвени да ги прифатат луѓето. Па „баграта народ“ ли ќе биде виновна што ќе се откажува од вакцинација по 4-5 часа чекање на плус четириесет степени, или „блескавата власт“?
Накратко и за пакетот на мерките против ковид-19 донесени пред неколку дена. Условувањето на влез во угостителски објект со прва доза на вакцинација нема никаква научна, здравствена, епидемиолошка основа и исклучиво служи за поттикнување на вакцинацијата. Тоа што во други земји, како Србија или Грција, го правеа со нематеријален или материјален поттик, кај се прави со забрана. Да, има земји каде што се бара зелен картон за влез во затворени или отворени објекти, ама во тие земји и за влез во земјата се бара истиот тој зелен картон. Зошто различен третман на резиденти од посетители? И, секако, зелениот картон им дава можност и пристап и на тие што не сакаат да се вакцинираат, а тоа е негативен ПЦР (што според повеќе епидемиолози е поголема заштита од потврда за вакцинација).
Кај нас Владата ќе ги заштеди тие 150 евра што Грција ги дава како поттик за вакцинација, на штета на угостителството. Да, цената на последните мерки против ковид-19 ќе бидат на сметка на угостителството, вклучувајќи и поради комплетната нејасност на мерките на Владата. Неколку примери.

Кога се зборува за забрана на работа во затворен дел на угостителски објекти, дали се мисли за сите угостителски објекти според законот: хотели, ресторани, кафулиња? Само за настани или за сите гости? За ова прашање веќе спорев во минатото со ДПИ. Бидејќи ако е така, од 16 август треба да затворат сите хотели. Дали потврди за вакцинација за отворен дел ќе се бараат само за организирани настани/прослави или за редовни гости? Ако е за редовни гости, како угостителот ќе процени кога ќе ја надмине бројката од 30, или ќе треба да се бара за сите гости. Кои ќе бидат редари, врз основа на кој закон ќе обезбедуваат лични податоци и како тие лични податоци ќе бидат заштитени? И многу други прашања што ги прават мерките неспроведливи или селективно спроведливи.
А се наоѓаме пред попис и избори! Сите предуслови за четврти чин на трагедија се поставуваат, и префрлање на вината нема да ги реши проблемите. Потребно е отвореност, прифаќање на критиките и учење од грешките, низ секторска мобилизација, за да се намалат штетите.

* * *
Иако пријавен во април, по подолго очекување, се решивме за вакцинација по избор и се вакциниравме во јуни во Србија.

Блог www.megjutoa.mк @sklek
#Вакцини #Ковид19
Авторот е аналитичар