Македонска историја за првоодделенци

1325

Ако историјата навистина е како учителка на животот, сигурно ќе имаше добри ученици и немаше да дојде до бугарската политичка булдожер-агресија врз историјата на својот соседен народ. Попрво ќе бараше патишта за разбирање со Македонија одошто да избере поставување остри ултиматуми. Грците, познати по своите антички историчари и филозофи, трпеливо чекаа триесет години Македонија да го смени името и го постигнаа тоа што го сакаа и веќе дејствуваат без видлив притисок, се угаснаа воспалените страсти. Бугарската власт во тригодишен гнев, газејќи со тврда цокула, се обидува да го добие она што го губела сто и повеќе години, наметнувајќи хорор-психолошки закани, не само да ја преврти туку да ја измести целата историска стварност на македонскиот народ, на македонската нација.
Која е историјата на Македонија? Интересно да се види од каде доаѓа името Македонија, а со тоа и македонска нација, како е тоа објаснето од највисоката научна институција во државата – Македонската академија на науките и уметностите, врвна национална институција на која по правило ѝ се верува во она што ќе го напише или соопшти. Според Македонската енциклопедија, издадена од МАНУ, два тома што беа објавени и веднаш забранети во 2009 година, оваа етноисториска и геополитичка територија во централниот дел на Балканот името го наследила од истоимената античка држава на Филип Втори и Александар Трети Македонски. Првобитното име се однесувало на мала провинција во Солунското Поле, западно од Вардар. На тој терен е формирана македонската држава, со престолнина во Пела. Историчарот Херодот наведува дека со Македонија се означува територијата меѓу реките Вардар (Аксиос – грчки) и Бистрица (Алиакмонас). Подоцна, како што се ширело македонското кралство, така се ширело името Македонија, апсорбирајќи ги и периферните области во своето единствено име. Така, под името Македонија уште во стариот век главно се подразбирал просторот меѓу планините Пинд и Олимп на југ, Шар Планина на север, реката Места на исток и албанските планински вериги на запад.

„За потеклото на името Македонија има повеќе мислења. Едни сметаат дека името го добила по својот митски крал Македон. Тоа мислење го застапува и географот Страбон. Според други, името Македонија произлегува од старомакедонските зборови МА-КОС, што значи голем, висок, планински, и ДОН, што значи земја. Во буквален превод би значело висока планинска земја. Со ова име Македонија се означува низ целата нејзина историја.“ Ете, така пишува во забранетата енциклопедија издадена од МАНУ, во редакција на веќе покојниот академик Блаже Ристовски.
Во истата енциклопедија, на страница 859 (електронска верзија постои, печатените 2.000 примероци се фрлени на сметиште или изгорени) наведена е таксативна одредница – македонска нација. Во неа се објаснува дека тоа е историска категорија што во две фази го обележува развојниот пат на македонскиот народ. Едната фаза е етнокултурна и национално-политичка, а другата социјално-економска. Современиот македонски народ, пишува во енциклопедијата, како општествено-економска и културно-политичка формација на Балканот го почнува своето обликување врз основа на историските традиции и античките митологии. По една историска експликација, преку словенизирањето и христијанизирањето, преку византиско-бугарско и српско, па преку повеќевековното османлиско владеење, се констатира дека македонската нација како современа етнокултурна матрица се зараѓа, дефинира и афирмира од средината на 19 век до почетокот на 20 век.

Македонските научни извори наведуваат дека „со конечната кодификација на јазикот и писмото, со подоцнежното формирање на сите национални институции заврши и процесот на развитокот и афирмацијата на Македонците како европска модерна нација и започна регуларниот тек на нејзината современа државно-политичка конституција. Со сето тоа се создадоа услови и за хомогенизација на политичката нација во македонската држава преку синхронизирање на легитимните интереси на македонската етничка нација со загарантирани сите права и национално-политички интереси на одделните етнички заедници и нејзиното вклучување во европската заедница на рамноправни европски нации“. Тука завршува енциклопедиската експликација за Македонија и за македонската нација. Како е познато, енциклопедијата беше експресно повлечена, односно забранета, со скромно и од никого недокажано обвинение дека имала непристојни одредници напишани за Албанците во Македонија. Но и за погоре цитираната содржина подготвена од Блаже Ристовски, како и за други одредници што се однесуваа на настани и личности, имаше сериозни забелешки во смисла дека таа е правена под политичко влијание на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ и дека им погодува на македонските поклоници кон антиката и кон националната митоманија. Се разбира дека и личностите добиваа редови не според објективни критериуми, туку според моментниот политички распоред на владејачката номенклатура.

На друго место, во други извори, како дополнение, може да се најде објаснувањето дека Комунистичката партија на Југославија прва ги признала постоењето, самобитноста и идентитетот на македонскиот народ уште на конгрес во 1928 година, но се наведува дека решението на Коминтерната (1934) само во извесна смисла го олеснило патот до конечната афирмација. Автохтоната Националноослободителна борба во рамките на Антифашистичката коалиција (1941-1944) го овозможи асномското формирање на македонската држава, макар и на само еден дел од етнокултурната територија на Македонија. Тука завршува краткиот политичко-енциклопедиски историјат на сега Република Северна Македонија. Безмалку секоја историја, на еден или друг начин, е дискутабилна, не случајно е речено дека неа ја пишуваат победниците. Ревизијата на македонската историја, целосна или парцијална, беше нужна уште од денот на самото осамостојување и независност, од денот на гаснењето на комунизмот – социјализмот како управувачка општествена идеологија. Таа, на еден или на друг начин, е спроведувана, но целосно неорганизирано и, што е најважно, повторно политизирана во зависност од тоа која партија во кој период се наоѓала на власт. Додека социјалдемократите имаа повнимателен пристап, ВМРО-ДПМНЕ како партија со помош на „своите“ историчари поддржувачи, вршеше интензивен упад во историското минато, некогаш изнесувајќи нови, дотогаш непознати документи, а некогаш одредени фалсификати заменуваше со нови фалсификати. Како во книгите, така и во учебниците.

Што се случи по тој повеќе квазиполитички одошто научен галиматијас? На што се потпира денес Македонија? На што се потпира нејзината одбрана, на која историја, на кои историски факти? Која е нејзината кратка биографија? Од кога постои – од антиката на Александар Македонски (Велики) или пред неа? Од времето на царот Самуил, од Илинденското востание и Крушевската Република, од пред и по Балканските војни или од Првата и Втората светска војна? Од востанието против бугарската окупација во 1941-та, од АСНОМ или од референдумот во 1991-та? Од претседателствувањето на Киро Глигоров или од доаѓањето на власт на лажното ВМРО на Љупчо Георгиевски?
Дали нејзината нова историја почнува со појавата на УЧК (ОНА), со македонскиот пораз и Охридскиот рамковен договор како резултат на тој пораз? Дали македонската историја или нејзиното толкување почнува со секое ново доаѓање на власт на различна партија или партиска коалиција? Или вистинската Македонија, овој пат со ново име Северна Македонија, нема своја автентична историја туку таа почнува од најновата владејачка гарнитура на СДСМ, со Зоран Заев на чело, во договор и партнерство со ДУИ на Али Ахмети и Талат Џафери? Дали и по нив, секој што ќе дојде одново ќе ја менаџира, составува, менува, преправа, за да се дојде до степен ништо да не се знае, ништо да не се препознава? Кога веќе се трошат огромни пари за сѐ е сешто, за познато и никогаш недознаено, наместо да се направи проект да се напише една целосна, модерна, современа, со истите факти и според новите европски концепти. Блиску е времето кога една генерација на историчари направи историска грешка. Влезе во слатките прегратки на политиката и служеше за декорирање. Друга е на пат или ќе биде на разни начини притисната да го направи истото тоа.

На крајот од еден ваков грст размислувања ќе се дојде до прашањето – сакаат ли политичките гарнитури да има Македонија утврдена историја што нема да се менува, но ќе се дополнува со нови сознанија, со нови откриени документи, доколку ги има. Или на секоја гарнитура ќе ѝ служи за заведување на граѓаните и гласачите, за злоупотреба во меѓусебни пресметки во борбата за власт или, пак, како корисна фингирана алатка за квислиншки предавства, доколку историските услови или притисоци налагаат такво нешто?
Во годините од осамостојувањето досега, историјата се покажа како опиум за Македонците со сите штетни последици од неговото консумирање. Поминатите временски циклуси на жестоката критика на југословенскиот период, на фронталното враќање на сеништата на крвавиот дел од историјата на почетокот на 20 век, префорсираната идентитетска врска со Александар Македонски, можеби беа нужни периоди на некое специфично национално освестување на Македонците. Без тие циклични пројави, Македонците не ќе можеа постепено да си го чистат сопственото минато, редица заблуди ќе останеа да живеат во нивната национална свест. Но правени за политичка популарност на лидерите и партиите, таквите обиди не ги дадоа очекуваните ефекти. Напротив, фактите ги поразија ефектите, а неславно завршија и сите агресивни пропагатори на невистини или полувистини.

Токму дел од историските навраќања и толкувања, оптовареноста со преголема горчлива доза историја придонесе македонскиот народ да е поделен не само политички, туку да нема силно и стабилно национално, духовно и културно (ако сакате и религиско) единство, какво што имаат Албанците на пример. Таквото неединствено се одразува и врз политичките и контролирачки позиции на Македонците во сопствената држава, ги разгорува ниските страсти, создава морална отапеност, го поттикнува реваншизмот, го убива духот на толеранцијата без која нема вистински демократски живот. Неспорно дека го развива и стравот за иднината на сегашната и на идните генерации. Да не заборавиме дека тоа има свое негативно влијание врз состојбите во економијата, науката, образованието, здравството, културата, сообраќајот, спортот. Безмалку во секоја област и на секое ниво.

[email protected]