Македонската какистократија на клептократи

777

Македонија веќе долго време е држава управувана од духовно болни, политички празни, етички гнили и душевно глупави луѓе. Македонија е држава на луѓе без биографија. Држава на „табула раса“ лидери во политиката. Каде што токму политиката им ја испишува биографијата

Абе ајде. Германија ќе ни кажува дека именувањето неспособни партиски кадри за функционери во Македонија влијаело демотивирачки за способните и образовани млади луѓе, кои поради тоа заминувале во ЕУ. Замислете, се создавал феномен на неодговорност и демотивација во администрацијата поради немањето авторитет на нестручните и неспособни кадри над своите пообразовани вработени и секако на тој начин се генерирала корупцијата. Ние не знаевме досега дека фризерки и столари ни ја водат државата кон ЕУ. А и зашто да не. Не е ова од вчера, па види сега го откриле и детектирале. Или одеднаш се засрамија да одиме кон ЕУ со ваков кадар. Ние сме засрамени со години, па што.
Оние што управуваат со една земја треба да бидат најдобрите и најпаметните во земјата. Aко лидерите немаат темелно познавање на она за што зборуваат, нивните говори се обична збирштина на глупости и празни зборови, а нивните постапки ќе бидат опасно погрешни.

Замислете ова го запишал Цицерон многу одамна, барајќи од лидерите што управуваат со земјата да поседуваат голема храброст, способност и решителност. Вистинските водачи интересот на нивната нација секогаш го ставаат над сопствениот. Како што вели: управувањето со земја е како управување со брод, особено кога почнуваат да дуваат ветрови од невреме. Ако капетанот не е во можност да одржи постојан тек, патувањето ќе заврши катастрофално за сите. Ова не важи за Македонија. Лидерите кај нас се катастрофа самите за себе. Поголема катастрофа не можеше да ја снајде Македонија.
Само се прашувам: како сега им текна на нашите пријатели Германци дека политичарите и функционерите треба да бидат со исклучителен карактер и интегритет? И образование. Во секоја област на управување. Не можете со години да ги поддржувате aлчноста, митото, измамата и глупоста на необразованите и неспособни политичари свесни дека ќе ја проголтаат земјата однатре, оставајќи ја слаба и ранлива.

Со години, да не кажам со децении имаме нарушувања во системот што резултира во агресивно и систематско тргање на страна на секое стручно и етичко расудување. Зарем не беа загрижени дека кога го поддржуваа необразованото и „најлошото“ во политиката ќе креираат пропадната какистократска држава на клептократи. Или баш таква држава им требаше за да може да ги реализираат своите цели спротивно на волјата на македонскиот народ. Сега ќе ни попуваат како требало да биде. Не ви се чини дека е малку доцна за тоа.
Глупоста во управувањето во Македонија мора да се третира како политички проблем. Македонската какистократија како што ја водеа и спроведуваат досегашните политички лидери не е едноставно само работа на некомпетентно и лошо управување. Какистократијата што го промовира владеењето на „глупавите“ и „најлошите“ ги турка човечките односи што ја формираат контролата на власта во дегенеративна состојба. Се чини дека излишно е да размислуваш денес кога глупоста и незнаењето ви се наметнаа како доблест.

Затоа и трагите на критичката мисла се појавуваат само на маргините на политиката, бидејќи незнаењето станува примарен организациски принцип на македонското општество.
Не е ни за изненадување дека образованието кај нас стана машина за дезинфекција, алатка за легитимирање на незнаењето што сега игра централна улога во формирањето на авторитарните политики што ги користат партиите, политиките и институциите, кои се клучни за суштинска и просперитетна демократија. Дезинтеграциската форма на незнаењето поттикната од неписменостa што често ja игнорираме се трансформира во моќна политичка алатка, дизајнирана првенствено да се бори против слободата на говорот, значењето, размислувањето и капацитетот за критичка мисла.
Има нешто што е вродено комично во врска со нашава какистократија. Она што го детектиравме во последниве години е неисцрпна листа со некои од најголемите идиотизми во политиката. Успеавме да ја редефинираме неспособноста и глупоста во политиката и управувањето со државата.

Како мислат да ја менуваат Македонија нашите меѓународни пријатели кога ја направија расадник на луѓе со вистински потенцијал за ширење на какистократија. Ја направија држава на „тпи и упорити“. Зарем мислеа дека неспособноста и глупоста во политиката и управувањето со државата не е хендикеп. Беше и порано и сега. Со нивна поддршка државава им ја дадовме на политичари со „посебни потреби“. Нивнатa спонзорирана глупост однадвор ја поклопи нашата политика внатре.
Македонија веќе долго време е држава управувана од духовно болни, политички празни, етички гнили и душевно глупави луѓе. Македонија е држава на луѓе без биографија. Држава на „табула раса“ лидери во политиката. Каде што токму политиката им ја испишува биографијата. Во моментов уживаме во мастер-клас во уметноста на политичката неспособност и глупост. Не дека не уживавме досега. Кој како. Затоа дојдовме дотука. До ваков хаос и политички безизлез што го живееме денес.