Македонија и Македонците како старозаветниот Јов (1)

1582

Најомилени од 77 книги на Светото писмо, пишувани на протекот од милениум и половина, мене ми се, драг читателу, книгите на големите старозаветни пророци (Исаија, Еремија, Даниел и Езекиел), кои ми се истовремено и меѓу најомилените поети. Пророци-поети, совршен кентаур, кого го озаконија во својата поетска филозофија и романтичарите. Но покрај овие, особено ги сакам и фасцинантните книги: „Книга за Јов“ од Стариот и „Откровението“ на апостол Јован од Новиот завет, кое всушност со својот есхатолошки шифриран клуч ја затвора Библијата. Тоа е барокно шифрирано писмо над кое сѐ уште теолозите и филозофите кршат глава. За разлика од поетите, кои низ него пловат како низ уште од пред раѓањето отворено во нив и за нив море. Да. Но за разлика од барокно шифрираното Откровение, Книгата за Јов е едноставна приказна за судбината на еден божји праведник, најправеден меѓу праведните, и неговите искушенија пред кои е ставен од Бог за да ја покаже својата лојалност кон него. И, таква, отворена како некоја онтолошка и психолошка бездна, таа, сѐ ми се чини, е пишувана од некој старозаветен писател од рангот на Достоевски. Или на Иво Андриќ, кој по Достоевски најмногу ги истражи длабочините на човековата психа.

Така. Но ме прашуваш, драг читателу, зошто го одбрав токму Јов како компаративна слика за да ги вклопам во неа Македонија и Македонците. Одговарам ин медиас рес. Затоа што е тоа Огледалото во кое се огледуваат судбински тие. Нивните судбини и карактери речиси без исклучок се поклопуваат. Оти и Македонците како Јов, најправедни меѓу праведните, се прашуваат што му згрешиле на Бог, та толку многу страдаат за разлика од оние што тонат во злосторство, а за тоа не чувствуваат никаква грижа на совеста и болка. Мала дигресија. Со што страдаат, на пример, наспроти нив, Англичаните и Французите, со што ја заслужуваат својата цивилизациска среќа пред Господ, та да се толку арогантни во својот нарцизам и материјално богати. На својот колонијализам ли му го должат тоа, ограбувајќи сиромашни и немоќни народи не само во прекрасната и добродушна Африка туку и во другите континенти, каде што немаше Француска револуција и Просветителство, но имаше, пред тие да влезат, душевен мир и благосостојба?
Прашање за несоница, кое не може да го разврзе ни Шехерезада на протекот на 1.001 ноќ. Со правдата и невиноста ли го заслужиле тоа, кои не ги поседуваат, и кои, според сѐ она како што го гледаме сега како 0 цивилизација, прокламирана и форсирана од нив, ги фрлиле во кал? Такви и слични прашања, по аналогија на сопствената судбина, ѝ поставува старозаветниот Јов на оваа борделска цивилизација. Но не, се разбира, според принципот на слободната асоцијативност на Фројд, која ја злоупотреби Бретон механички за поетиката на надреализмот, туку според, иако не без метафизичка основа, реална логика на нештата.

Но која е во основа приказната за праведникот Јов? Таа, што по сомнежот на Сатаната дека тој го сака Бог само поради богатството и привилегиите што му ги дал, овој за да му покаже дека не е така му го фрла него во прегратка на неговата милост и немилост. И, сега веднаш, ин медиас рес, кога веќе го ставаме акцентот на аналогијата меѓу Јов и Македонците како негов колективен одраз и судбинска слика, можеме да кажеме дека тука станува збор за еден докрај фасцинантно поклопувачки фатализам. Имено, познато е дека и Македонците како библискиот праведник биле во еден свој империјален историски период, за време на Филип и Александар, привилегирани од создателот и до речиси безмерие со материјално и културно, духовно богатство. Тогаш границите на Македонија се протегале од Пела до Хималаите на исток и египетските пирамиди на југ. И тоа било империја градена во духот на космополитизмот, врз принципите на „природното право и правото на народите“, прокламирани и заведени со царски печат од Аристотел и Александар. Разбирливо, тоа претпоставувало и укинување на ропството како логичка последица на хуманистичките реформи на Македонците, за разлика од Грците, кои и за времето на нивниот „најдемократски“ владетел Перикле не се откажале од него. Така. Иако Европа во потрага по својот духовен и културно-цивилизациски идентитет патолошки се врзува за Грција, прогласувајќи ја, парадоксално, и како лулка на демократијата, што е заблуда. А таа европска патологија, драг читателу, достојна за психоанализата на Фројд и неговата теорија за комплексите, произлегува од игнорирањето на Европа на сѐ што е македонски културно-цивилизациски знак, пизма што почнува и трае од времето на Римска Империја, која ги поразува воено Македонците, сѐ до денес.

Оти таа, дури и повеќе од Грција, е втисната како архетип на империјална моќ и воен тип на владеење во потсвеста на Европа. Таков, тој нејзин синдром со име „Римска Империја“ излегува на површина и се манифестира во нејзините колонијалистички потфати за експлоатација и грабеж на туѓи народи. Она што не им било никогаш својствено на Македонците од антиката до денес, чиј концепт на владеење со почитување на правата на сите народи е апсолутно различен од римскиот што се служи со сила и покорување на другите исклучиво за своја егоистична цел и материјална благосостојба. Она што го прави и денес Европа, притоа мимикриски претставувајќи се себеси како носител на демократијата во светот. Ете, тоа е отприлика психоанализата на нејзината потсвест во однос на Македонците и македонизмот како културно-цивилизациска струја, дух и свест. Тоа е неподносливо за канибалистичката скриена нарав на западната колонијалистичка цивилизација. Оттука и нејзиниот невиден анимозитет кон Македонците, за што е пример и последниот нејзин геноциден акт врз нив во Преспа. Оттука и нејзиното трупање на сѐ што е македонско во „отворената грчка вреќа“ (Д. Х. Лоренс).

Така. По поразот од Римјаните и почнува, сѐ до Преспа денес, историскиот од по маките на Македонците, сличен на маките и страданијата на старозаветниот праведник над праведниците Јов. Ним им се случува тоа што му се случува и нему, казни и бескрајни искушенија само за една единствена вина: затоа што се праведни и богољубиви. И следејќи ги искушенијата на Јов, по аналогија пред нас искрснува историската слика на македонските искушенија како негов колективен аналогон. А, еве што конкретно се случува со библискиот трагичен праведник. Имено, откако тој му е предаден на Сатаната, за да ја покаже својата лојалност на Бог, губи сѐ по ред со брзина на мигновена катастрофа. За почеток, еден негов слуга што ѝ утекол на гибелта му јавува: „Халдејците удрија, со три чети, на твоите камили и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено избегав јас да ти јавам.“ А по него друг му јавува: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат. И ете силен ветер се крена од пустината, удри на сите четири агли на куќата, ја урна врз децата, па тие загинаа. Единствено избегав јас да ти јавам.“
А зарем не се случува исто нешто и со Македонија и Македонците, драг читателу. Зарем и тие, некогаш славни, богати и праведни, најправедни меѓу народите, не губат сѐ како и Јов, сведени од некогашното славно и богато царство сега на ова мало парче полно со рани, на кое со амин на Вавилонската блудница Европа му се навртеле околните балкански хиени.

Да. И сега го слушаме крикот на Јов, небаре позајмен од тажаленките и клетвите на Еремија кон Создателот, речиси апсолутно сличен на крикот на Македонците: „Па, што имаш од тоа да ме угнетуваш, да го зафрлаш делото на своите раце, да им помагаш на намерите на нечесните? Заради што ја истражуваш мојата вина и сакаш да ги разоткриеш моите гревови, кога знаеш добро дека сум невин, дека не можам да ѝ избегам на Твојата рака?“
Сатаната го подложува Јов на најразлични физички и душевни маки, како небесен Маркиз де Сад. Просто во некој миг, имајќи ја предвид до денес перфидната политика на Французите кон Македонците, да помислиш дека е тој навистина некој вид инкарниран Французин. Иако е легура од повеќе такви супстанции: и англиска, и француска, и… А, за жал, тука, драг читателу, има и некои „братски“ словенски супстанции. Толку, колку за да се овери со царски печат архетипот Каин и Авел. Не повеќе. Но и тоа е доволно во македонскиот случај во кој Македонците што ја делат судбината на праведникот Јов, како и тој му се обраќаат збунето на Создателот: „Па, што имаш од тоа да ме угнетуваш, да го зафрлиш делото на своите раце, да им помагаш на намерите на нечесните?(…) Заради што ја истражуваш мојата вина и сакаш да ги разоткриеш моите гревови, кога знаеш добро дека сум невин, дека не можам да ѝ избегам на Твојата рака?“

Сатаната го подложува Јов, како историјата Македонците, на најразлични физички и душевни маки. Тој е целиот покриен со рани и истоштен до смрт, без никој и никаде. Дури и неговите довчерашни пријатели не ги гледаат сликата и силата на злото што го притиснало, па се сомневаат во неговата невиност, притоа и сурово прекорувајќи го за неговите прашања за сопствената судбина упатени кон Бог. А Јов е на работ од издржливоста, но мора и понатаму да го носи двојниот товар на казната и натоварената вина. И тој му поднесува извештај на Создателот за својата ситуација во која е фрлен како немоќна раска во бура: „Здивот ми исчезнува, моите денови гаснат, ми останаа уште гробиштата“. Тука сега една мала дигресија, аналогна со Македонците. Зарем и тие, драг читателу, не еднаш му поднеле ист извештај на Господ, распослан во средишното кубе на црквите во посивените и испустени македонски села? Да. Но тој не се јавува. Не се јави ни по оној страшен идентитетски колеж што се случи пред две години во Преспа, иако верувам дека има некој план, слично на оној за Јов, за спас на Македонија и Македонците.

А Јов, веќе распнат меѓу молитвата и бунтот, речиси подизлезен на мегдан со Бог, и понатаму прашува. Како и Македонците. Прашува, а целата вселена е само молк, и ништо друго. Нема одговор. Наместо тоа, само нови рани и болки. Да. Но божјиот праведник, најправедникот Јов, и покрај тоа не хули на Творецот, останувајќи му и покрај сите зла што му се случуваат верен во длабочината на своето невино мартирско срце. Вели: „Жив е Бог. Кој ми ја ускратува правдата, и Седржителот кој ми ја огорчи душата. Сѐ додека Божјиот здив биде во моите носалки, моите усни нема да изустат зло, нити некаква лага ќе дојде на мојот јазик.“

(продолжува)