Македонизам, македонство и македонољубие – не е исто!

Го гледам оној ден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на телевизија како упорно повторува дека ќе го врати македонизмот на политичка сцена. И воопшто не е свесен дека работи за некогашна СФРЈ, а богами и за Бугарите, за нивната шовинистичка кауза со која се бришат македонскиот народ, јазик и идентитет. Забележувам дека сè почесто именката „македонизам“ ја користат и други видни македонски интелектуалци, новинари, политичари. И ја користат во позитивна конотација, што веќе е далечно минато на овој збор. Треба сепак, внимателно со зборовите. Треба да се знае нивното СЕГАШНО значење. Се случува некогаш да имале позитивна конотација, но со времето значењето им се излизгало, дури и до спротивност. И ако еднаш им дадеме погрешно значење, говорната заедница ги прифаќа и тоа погрешно значење се шири како вирус.
Најпрвин: нашиот врвен интелектуалец, писател, литературен критичар и теоретичар, Атанас Вангелов, во 1998 година публикуваше книга со наслов „Pro et Contra македонизми“. По неа, не смее да не се знае што е „македонизам“. Со својот темелен и ерудитски стил, Вангелов навести дека македонизмот има повеќе значења. Вообичаено беше, во онаа СФРЈ, под македонизам да се подразбира една националната програма, која на Македонците им дава сосема различен и независен културно-национален идентитет по однос на Србите и Бугарите. Дури и Крсте Мисирков и Блаже Конески, во оваа смисла на зборот „македонизам“, се вбројуваа во неговите први имиња.

Македонизмот, во таа смисла, за Македонците беше истото она што за Хрватите беше илиризмот од деветнаесеттиот век – културно-национална програма (и движење) за создавање независна држава, стандардизација на јазикот, создавање културни институции (атрибути) без кои не би можело да се говори за самостојна нација, култура, идентитет и држава (национален театар, МАНУ, универзитет, црква). Интересно е дека официјален Белград на тогашниот македонизам гледаше како на нешто, ако не позитивно, тогаш барем прифатливо за една федерација, како впрочем и на другите „национални наративи“ од тогашната заедничка држава: тоа беше ДОЗВОЛЕНА афирмација на еден народ. Тој „македонизам“ бил идеолошки чист за Белград, зашто не инсистирал ниту на повеќе, ниту на помалку од јужнословенството. Но токму тоа прифаќање од Белград, направи именката „македонизам“ да добие и негативни конотации кај соседните држави, кои традиционално го оспоруваат македонското национално битие. Се мисли пред сè на Софија, а делумно и на Атина.
Најпрвин треба да се истакне дека бугарската филолошка наука, барем онаа што беше (а дел од неа и сè уште е) индоктринирана да не го признава македонскиот јазик (а и народ), ја преиначи семантички таа именка – „македонизам“, која во множина доби уште попогрдно значење: македонизми. Тоа Бугарите го користат со значење: измислен јазик, измислена нација. Бесни глисти – македонисти. За жал, нашите врвни политичари не знаат дека бугарската политика, преку филологијата, го користи терминот „македонизам“ во една сосема прецизна политичка смисла: „македонизам“ е второ име за настојувањата за автономија на земјата, која, според нив, е вештачка творба на Тито, еден вид државно-културен експеримент, кој сака од една непостојна нација да направи и држава и култура.

Ако се направи лингвистичка паралела со другите балканските народи, според аналогија се добива: србизам, бугаризам, грцизам. Значењето на овие зборови е негативно: под „србизам“ обично се подразбира српски збор што влегол во македонскиот. Но, исто така, се подразбира и српска асимилаторска политика насочена кон некого. Истото важи и за „бугаризам“ и за „грцизам“. Тоа се или натрапници во морфолошка (зборовна) смисла, кои треба да се отстранат од мајчиниот јазик, или идеологии што сакаат да загосподарат со туѓ идентитет и да го избришат.
Но во нападите на македонскиот идентитет (особено од страна на Бугарите, бугарофилите Македонци, и особено во нападите врз Блаже Конески) именката „македонизам“ многу често еволуираше и до „македонштина“. Од искуство знаеме дека ваквите именки, кои завршуваат на -изам или на -штина лесно стануваат пејоративи: на пример, педеризам и педерштина (за духовни вредности на личноста). Едно време слушавме и за „ганетодоровизам“ (израз на еден злорадосен новинар, кој тврдеше дека треба да се уништи сè што има патриотска димензија како што имаше мислата на Гане), а во седумдесеттите години на минатиот век, некои комунистички лидери ангажирани да се пресметаат со либерализмот, говореа и дека треба да се искорени „антепоповштината“. Уште Блаже Конески чувствуваше дека упорните „бугарски шлагери“ ја менуваат тактиката, па негацијата на МАКЕДОНСТВОТО ја ставаат под етикетата „македонизам“. Македонизам за нив е нешто без автентичен корен, нешто измислено, вештачки произведено во лабораториите на идеолошко-културолошкиот инженеринг.

Затоа, сите вие што не го знаете ова, не користете го зборот „македонизам“ како замена за „македонство“. Направете аналогија: „српство“ е едно (возвишено), „србизам“ друго. Или хрватство, наспроти хрватизам и хрватштина. Или словенство, наспроти словенизам и словенштина.

Сепак, иако сум расположен кон зборот „македонство“, со кој треба да се означи патриотското чувство кон сè што е македонско, морам да кажам дека најдобар збор за тоа чувство, според мене е МАКЕДОНОЉУБИЕ. Од таа именка, може за секој патриот што ја сака Македонија, да се изведе и именката МАКЕДОНОЉУБ. Тоа значи човек Македонец, кој си ја сака својата македонска лоза. МАКЕДОНОФИЛ, пак, би бил човек странец што е вљубен во македонството, македонољубите и Македонија. Ова се само мои предлози, кои не мора да бидат прифатени од говорителите на нашиот јазик, од политичарите и општо, од говорната заедница, која обично ја именуваме како „народ“.

Свесен сум дека зборовите многу тешко се прифаќаат од говорната заедница. Веќе имам пишувано дека Хрватите, во екот на лингвистичката војна со Србите, се обидоа да уфрлат маса стари хрватски зборови, кои требаше да му го вратат изворниот лик на хрватскиот јазик, наводно изложен на долготраен процес на србизација, преку идеолошко-лингвистичкиот проект „српско-хрватски“ јазик. Така, во Хрватска се пушти во оптек синтагмата „Круговална постаја Загреб“, што значеше „Радиостаница Загреб“ („круговал“ е стар хрватски збор за „радио“). Се разбира, говорната заедница го отфрли тоа политичко решение, и денес сите во Хрватска велат „радиостаница“, а не „круговална постаја“. Но она што мене ме збунува е: зар по неколку влади уште немаме регуларен, општоприфатен збор за македонски патриотизам.

Затоа, претпазливо со зборовите, особено со зборот „македонизам“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе собереше многу повеќе поени ако зборуваше за „македонство“, за „македонољубие“ или, зошто да не, за македониумот, како единствен духовен (невпишан) елемент на Менделеевата табличка на хемиски елементи, од кој се состои само македонскиот народ, како што тврдеше и пееше во своите песни светскиот поет Анте Поповски.

Оваа колумна е само совет. Кој како ќе ја сфати – негова работа. Не би сакал зборот „македонизам“ да се рашири во устите на сите, а да немаат поим дека станува збор за вирус. Некогаш југословенски, сега бугарски. Толку.