Луѓе што изгубиле човечки идентитет немаат потреба од национален идентитет

3697

Влегуваме во големи светски потреси што ќе го сменат лицето на планетата во следните години. Само кај нас никој не го забележува тоа. Ние си имаме загаден воздух, сапуница „Рекет“, прислушувани разговори за тоа кој кого и за колку го лижел, уште илјадници туѓи муабети за слушање и туѓи животи за живеење. Затоа и ни го спроведоа обезличувањето

Излезе анкета. Осумдесет проценти од младите сакале да влезат во Европската Унија. Претпоставувам во „млади“ ги ставаат оние што штотуку влегле во полнолетство. Не како што знаат медиумиве кај нас, „триесет и осумгодишен млад човек…“. Значи млади, осумнаесет години, осумдесет проценти сакаат да влезат во ЕУ. Чудно ми е тоа. И јас бев млад. Постоеше и ЕУ. Згора на сè, околу мене не беше воопшто розово. Само што заврши југословенската кланица. Македонија се разграбуваше. Луѓе секојдневно се самоубиваа. За да мрднеш некаде требаа процедури и понижувања за виза. А јас мечтаев да влезам во Искра. Не во ЕУ, во Искра. Додуша и моите врсници не си ја маваа главата за ЕУ и за НАТО. Изгледа нешто не беше во ред со нас.

Имаше и други влегувања што ме интересираа тогаш. На пример, како да влезеш на концерт на „Продиџи“, а со себе да ја внесеш и онаа иста Искра. Немаш пари за една карта, камоли за две. Нормално, не ја манипулираш девојката дека веќе имаш карти за концерт, како да е тоа лажен датум за пристапни преговори. Искра не е бањато граѓанство луѓенца, па да пие пропагандистичка нафта. Земаш канта лепак и ваљак и фаќаш да лепиш плакати за концертот. И, ете, си заработил две карти, па се интегрирате со Искра на „Продиџи“. Мечтаев јас да влезам и во антологија на светска љубовна поезија, но таа мечта сè уште не е затворена и не зависи толку од мене, како со гореспоменатите остварени интегрирања.

И така времето си минуваше, а младиве денес веќе не сонуваат да си влезат едни на други под кожа, среде срце и во постела, туку ни помалку, ни повеќе, во Европската Унија. Затоа што пропагандата ги убеди дека во скутот на Брисел ќе имаат сè што ќе посакаат и веќе нема да треба да мечтаат. За Унијава некако и можам, со голем напор, да ги разберам. Ама копиљаци и нивни родители што мечтаат и се радуваат за влез во НАТО, е тоа не ми влегува в глава. А еве им ги и аргументите со кои ме убедуваат:
Со НАТО ќе бидеме побогати. НАТО ќе ни донесе странски инвестиции. НАТО ќе нè брани од надворешен непријател. НАТО ќе нè брани од Албанците. Со НАТО ќе има повеќе работни места. НАТО е мировна воена алијанса. Малоумни аргументи. Со сопствениците на овие аргументи не сакам да делам ист воздух, астал, а камоли постела, макар станувало збор и за Искра од почетокот на колумнава. А ова се моите аргументи како одговор на нивните.

Не, со НАТО нема да бидеме побогати, туку посиромашни. Прво затоа што сме генерално сиромашни. И како сиромашни ќе мораме да издвојуваме два проценти од буџетот за Алијансата. И плус тука е оружјето што ќе треба да го купуваме. НАТО нема да ни донесе странски инвестиции. Затоа што НАТО не носи странски инвестиции. Освен ако не се смета доаѓањето на странски војници, па некои ќе можат да се нудат како сексуална инвестиција. Кај нас познато како „за три чрвени“, на што, нели, многу сме горди.

НАТО нема да нè брани од надворешен непријател. Од надворешни непријатели ја имаме светската изопачена моќ, ама тие веќе победија во војната за наше идентитетско укинување преку промена на името. Територијални претензии кон нас имаат само Грција, Бугарија и Албанија. А тие се НАТО-членки. Дека НАТО ќе нè брани од Албанците што живеат во Македонија е најмалоумниот аргумент. И тоа шовинистички. Тука проблем се албанските политичари, кои наместо да кренат врева дека не може Албанците да бидат аргумент за плашење, тие ја засилуваат оваа теза заканувајќи се со војна ако не сме влегле во НАТО. Затоа што за нив обичниот нормален Албанец не е жив човек, туку марионета за гласање, малтретирање, рекетирање и пукање. Што, всушност, е и обичниот Македонец за македонските политичари.

Со НАТО нема да има повеќе работни места. НАТО не вработува. Освен ако не им треба месо за отстрел во нивните воени походи и масакри. Ама па и да има таква војна, ако се види профилот на еден просечен македонски НАТОљубец, на Алијансата не ѝ се пишува добро, затоа што во најголем број случаи станува збор за неспособни мамини синови, хипстери и фолиранти, интелектуална бижутерија и наркогрантисти, односно зависници од грантови.
НАТО е мировна воена алијанса. Со ова се согласувам. Каде ќе стапне НАТО таму веќе нема мир.

Идиотштини од типот НАТО ќе ни ги поправи образованието, здравството и екологијата нема да коментирам. Само ќе заклучам. Најголем број зависници за интеграција во НАТО се мажи што во младоста немале своја Искра за мечтаење.
Во меѓувреме светот сериозно се тресе. Ториевците во Британија растурија. Брегзит ќе има. Најџел Фараж од Европскиот парламент кажа дека ова е само почеток, по Британија ќе има и други што ќе го напуштаат бирократскиот затвор ЕУ. Така тој ја нарече Унијата. Шкотска најави нов референдум за независност. Франција го презема лидерството во ЕУ од Германија. Макрон прави шокантни потези. Го прогласи НАТО за клинички мртов. Најави дека Унијата не може без Русија. Оствари средба со Путин.

Потпиша договор со Кина вреден 15 милијарди евра. Нестабилната октроирана влада во Италија станува сè понестабилна. Јасно е дека суверенистот Матео Салвини наскоро ќе биде нов премиер. А тој многу лошо гледа на Унијата. Членката на НАТО, Турција, купува оружје од Русија. САД како никогаш досега се на раб на граѓанска војна. Конгресот му изгласа недоверба на Трамп. Таму демократите се мнозинство. Сега недовербата ќе оди на гласање во Сенатот каде што републиканците се мнозинство.

Американски аналитичари објаснуваат дека импичмент нема да има, ама сево ова е вовед во предизборната војна каде што анкетите покажуваат дека Доналд ќе победи. Влегуваме во големи светски потреси што ќе го сменат лицето на планетата во следните години. Само кај нас никој не го забележува тоа. Ние си имаме загаден воздух, сапуница „Рекет“, прислушувани разговори за тоа кој кого и за колку го лижел, уште илјадници туѓи муабети за слушање и туѓи животи за живеење. Затоа и ни го спроведоа обезличувањето. Нам ни е добро да гледаме како на другиот му е лошо. Нам ни пречи раската во окото на другиот, затоа што гредата во сопственото си мислиме, доблест е. Луѓе што изгубиле човечки идентитет немаат потреба од национален идентитет.