Луѓе, кое копче се кликнува за радост?

1388

За Божик примив десетици честитки. И во сите стоеја два поима – „радост“ и „среќа“, покрај задолжителните „здравје“ и „благосостојба“ (читај – пари). И ми се стори дека за разлика од „здравје“ и „благосостојба“, кои целосно ги разбираме, овие два поима „радост“ и „среќа“ ни се доста матни денес, штом така по навика ги пишуваме заедно, како да се истозначни.
Отсекогаш сум мислел дека среќата и радоста не се исто. Во среќата, барем според моите сфаќања, има нешто доста плитко, речиси малограѓанско. Веројатно тоа е така затоа што среќата секогаш доаѓа „однадвор“, од средината и „од општеството“. Радоста пак, напротив, доаѓа „одвнатре“, од личноста и од душата. Среќата за малограѓанинот е сврзана со материјалното и надворешното: за него, една паланка е добра ако „имаш среќа“ – на пример, преку врски да си ги вработиш децата зашто си имал среќа да се погодиш на „вистинската страна“ пред избори. Среќата за мене се сврзува со нешто незаслужено, подарено, а радоста со сопствена заслуга. Од тие причини радоста, која е сврзана со личност, а не со општествени врски, најмалку се среќава во паланките. Во паланките личностите се „на црна листа“, зашто го вознемируваат јавниот морал, кој најчесто е целосно первертиран: ненормалното е легализирано како нормално, а нормалното „се толерира“ додека не стане закана за „оприроденото ненормално“. Таква „превртена“ паланка е на пример Подгорје од расказите на хрватскиот реалист Вјенцеслав Новак. Пред век и половина, таму сите се занимавале со питање: напролет тргнувале да питаат по цел Балкан, а наесен се враќале со „спечаленото“. Питањето било социолошки легализирана професија, а угледот на една куќа се пресметувал според бројот на питачките стапови. Се разбира, таква паланка може да биде гратче, но и метрополис, држава, дури и цела цивилизација (европска, американска), затоа што под „паланка“ не се подразбира само место туку состојба на духот. Материјалистичка состојба.

За оние што се сомневаат дека разликата меѓу „среќа“ и „радост“ е разлика меѓу материјалната и духовната (божествена) природа на човекот, еве неколку примери. Никој не вели, откако со врски ќе добие работно место, „радосен сум што ме избраа мене“, туку „имав среќа што ме избраа“. Кога пак ќе се роди дете, највисокиот „божји дар“, обично не се вели „бебето ни донесе среќа“, туку „ни донесе голема радост“. Или: велиме „игри на среќа“ а не „игри на радост“. Иако игрите (дури и оние со добивки) се измислени пред сѐ да ни донесат радост. Погледнете ги децата! За нив, без разлика што играат (и дали добиваат), радоста доаѓа однатре, од чувството дека играат: самата игра е радост. За оној што излегува со празни џебови од казино, може со сигурност да се каже дека немал среќа. Но зошто не е радосен, кога играл? Кога би имало таков што и покрај загубата излегува од казино со чувство на радост, би го спакувале во лудница, иако е целосно нормален: тој знае дека може да се биде радосен и кога се нема среќа.
Затоа, не треба да се меша „среќа“ (општество и постигнување подобра кариера) со „радост“ (личност и подвигување во постигнување подобра душа). Радоста е нешто многу поретко одошто мислиме, нешто што многу потешко се постигнува. Затоа, малку ми е чудно кога некој така лесно, покрај среќа, ќе ми посака и радост во некоја честитка. Радоста е врв и есенција на душата, како што бисерот е есенција на школката; таа не се консумира однадвор, туку се создава „во самата школка“. Радоста е ипостаса на душата (во неоплатонистичката смисла), душа за која си се грижел, а не ненадејна добивка што ти ја дава „судбината“. Радоста не се добива на еден „клик“ (како што се добива среќата на коцкарски автомат), туку е долготрајна и трпелива подготовка на душата да БИДЕ РАДОСНА и кога НЕ Е СРЕЌНА. А таква душа има само оној што не заборавил да се ВООДУШЕВУВА.

Сите оние што потскокнаа на она „трпеливо подготвувана душа“ и помислија дека ќе им дадам предност на верниците пред световните, се излажаа. Способноста да се воодушевува и да се радува, кај душата не зависи од тоа дали сопственикот на таа душа се смета за „верник“ или за „атеист“. Познавам многу верници што „ни на мртво плачат ни на живо се смеат“ (што вели народот); но исто така познавам многу луѓе што не се верници а не заборавиле да се воодушевуваат: на обична бубамара, на виножито, на лирска песна, на гулабите и питачот на аголон, на хармоникашот на плоштадот.
На што да се воодушевуваме денес? Па, на сѐ што постои! Антрополозите тоа „сѐ што постои“ го делат на природа и култура. Првото е царство што не го создал човекот, а второто е царство што го создава само човекот. Човекот не создал река, планина, животно; но затоа создал брана на река, измислил жичница и хеликоптер за да се качи на планина, рудник за да ископува метали под таа планина. Човекот калеми и овошки, а од неодамна генетски „калеми“ и животни. Кога така ќе се погледнат работите, излегува дека денес многу повеќе му се воодушевуваме на човекот и делата на рацете негови, одошто на делата на рацете божји/природни. Моите деца се воодушевуваат на најнов модел ајфон и плејстејшн; речиси и не се воодушевуваат на некоја планина или река, освен ако не е нешто спектакуларно во прашање: водопад, на пример, или спектакуларна ерупција на вулкан пред нивни очи. Тоа е и очекувано: во светот на природата нема „понови модели“, а во културата има, зашто секоја генерација расте со понов модел смарт уред.

А Водно си стои онде со векови како еден ист модел. Тоа значи дека воодушевувањето гасне колку повеќе се засилува поимниот (културен) однос кон светот: кога некој денес ќе застане пред река, тој не чувствува хераклитовско воодушевување од тие кубици и кубици вода што минуваат и се менуваат пред негови очи, туку се задоволува со поимен однос: тоа за него е река со определена големина, а тоа значи дека сѐ му е јасно, дека го разбира она што го гледа. Поимите имаат седативно дејство: со нив го разбираме и класираме светот, и тоа ни дава чувство дека „работите се под контрола“. Напротив, кај оној што уште не ја загубил способноста за воодушевување, дури и една обична река, виножито или бубамара прво ВОЗНЕМИРУВА, а потоа и СМИРУВА. Вознемирува затоа што се јавува чувството дека не сѐ на овој свет зависи од нас, но и смирува: ние сме во безбедни раце, штом некој посовршен од нас создал река, а пред тоа водород и кислород.

И уште ова: полесно е да му се воодушевувате на Создателот (Бог) одошто на ближниот (човекот). Затоа и потешко се прави општество од верска заедница. Историјата на човештвото ни покажува дека воодушевувањето од ближниот е тешка работа. Најчесто за ближниот се чувствува завист, наместо радост. Или, поточно кажано: можеме да му се воодушевуваме на некој виолинист, доколку самите не сме виолинисти. Чест на исклучоците! Неизбрусената душа не е способна да му се воодушевува и да му се радува на подобриот во ист занает, зашто се чувствува „загрозено“. Затоа, ние денес сме многу повеќе суштества способни за среќа и занимавање со други, одошто за радост и занимавање со себе.
Наједноставно кажано: за среќа кликнете го копчето „општество“ (партија). За радост кликнете „јас“. Ако има уште такво копче на излижаната тастатура на општеството, по сите колективизми на светов.