Литост

405

Предолго литото се прифаќа како ново, предолго литото се заменува со (по)лито. Дури и некогашното естетско значење на литото како своевиден етички украс на сиромаштијата (старо, но уредно и чисто) е проголтано од налетот на литоста врз етиката и студениот блесок на новото. Долгото помирување со инвазијата на литото, ја востоличи литоста како владетел на состојбата, оттука и глетката на „нашата“ наеднаш откриена мизерија

Постои збор на чешки непреводлив на други јазици. Неговиот прв слог се изговара долго и нагласено и потсеќа на жалбата на некој напуштен пес…
Вака некако чешкиот писател Милан Кундера ја опишува литоста – зборот (и состојбата) без кој тешко може да се разбере човековата душа.
Но што е, всушност, литоста?
Според авторот на онаа „Книга за смеата и заборавот“, литоста е вознемирувачка состојба изродена од глетката на нашата наеднаш откриена сопствена мизерија, својствена за возраста на неискуството. Оттука, една од украсите на младоста, сугерира авторот.
За жал, литоста „функционира“ како двотактен мотор: по палењето следува желба за одмазда; целта на одмаздата е да се добие доказ дека партнерот се покажува исто толку мизерен, објаснува авторот.
„Tеоријата“ за литоста, писателот ја поткрепува, како и секоја теорија, со примери – од животот на љубовниците (од една страна) и од големата историја на човештвото (од друга); неизбежно, и од онаа на Чесите, како историја на вечни револти против посилните од себе, оттука – историја на славни порази.
Неизбежна е сличноста: зашто и овде, поразите се слават како победи.

Но ако во чудната македонска максима „поразите се нашите победи“ се препознава крикот на утешението дека „со сопствената смрт – смртта ја победуваме и опстојуваме“ – што како за себе го тихува поетот (Михаил Ренџов), тогаш поразите (поразителните отстапки) од договорот во Преспа до оние со „добрите соседи“ се победи само на литоста – зборот (и состојбата) без кој тешко може да се разбере новата македонска судбина и „намовнатата“ размакедончена бездушност. Постои ли за неа збор на македонски, непреводлив на други јазици? Не знам.
Но постои синтеза од чувството на јад, чемер и беда, и постои сознание дека состојбите што нив ги провоцираат, навираат (пре)нагласено и (пре)долго, како жалби од кучешки животи, доделени на луѓето… Но постои и необична општа помиреност со ваквите состојби, едно споделено, б(иб)лиско чувствување на чешкиот збор, на литоста; веројатно, поради долгата опстојба на литото како „признаена“ придавка за општа употреба (во животот во оваа земја), која по силата на својата слабост и верна на својата беда, голта сè пред себе, во неразбирлив порив за самоуништување…
Литото (и литоста), вплетени длабоко во македонската држава, веќе долго го разресуваат низот на македонските вредности и македонскиот бит, неизоставно и на основните човечки вредности за македонските граѓани.

Предолго литото се прифаќа како ново, предолго литото се заменува со (по)лито. Дури и некогашното естетско значење на литото како своевиден етички украс на сиромаштијата (старо, но уредно и чисто) е проголтано од налетот на литоста врз етиката и студениот блесок на новото. Долгото помирување со инвазијата на литото ја востоличи литоста како владетел на состојбата, оттука и глетката на „нашата“ наеднаш откриена мизерија.
Какви се реакциите на човекот/заедницата/општеството соочени со своите сопствени литости?
Кундера наведува две: ако „нашето“ лице в лице е послабо од нас, наоѓаме изговор да го повредиме, но ако „нашето“ лице в лице е посилно, избираме некаква заобиколна одмазда, некакво убиство преку самоубиство.
Ако првото се чини применливо на големобугарската литост, второто прилега е(у)вропското поведение: вкрстени се погледите на наеднаш (зар?) откриените мизерии. Но каде е погледот врз литоста на македонските елити одговорни за втурнување на Македонија во вртежот на балканската и е(у)вропската литост?
Овде литоста е од посебен вид, за неа не важи чешкиот збор, а македонскиот е во создавање. Но едно е заедничко за сите литости: „одмаздата“ не го открива вистинскиот мотив и мора да наоѓа лажни причини, зашто литоста никогаш не може да се ослободи од патетичното лицемерство (Кундера)! Овде функционира само двотактниот мотор на одмаздата: поривот да докаже дека партнерот/партнерите се еднакво мизерни. Така се добива една (е)унифицирана заслужена литост.

Во расказот на Иван Цанкар („Грев“), синот Јоже ја прегрнува својата литост кога посакува да клекне пред својата мајка, да ја скрие главата во неа и да признае дека се засрамил од неа, од сопствената мајка. Ќе го извика нејзиното име да се збогува кога таа ќе биде веќе далеку, а во самотија ќе го сокрие лицето во солзи. Но „грев лежеше на неговата душа и солзите не можеа да го исперат, клизнаа покрај него како низ тврд камен…“ Тука е првата станица на сопственото справување со литоста.
Што се однесува до литоста од другата страна на црвените македонски линии, поетот предупреди: што поблиску до самофалната цивилизација, себељубна и кусогледа, сè поблиску до исчезнувањето.