Легенди за кучето и човекот

919

Шетајќи во првите квечерини, откако барем за малку ќе попушти скопската врелина, секој минувач низ Капиштец ќе забележи масовно движење на луѓе со кучиња. Мажи, жени, дедовци, баби, млади девојки, тинејџерки шетаат кучиња домашни миленици. Најверојатно така е и во другите населби каде што живеат подобро ситуирани граѓани. Од таквите слики може да се помисли дека Скопје, меѓу другото, станува кучешки град, но и блиску до европска метропола, во која овие домашни миленици добиваат еднаков градски статус како и луѓето. Во време на општествена криза, во време на страв од здравствени опасности и од низа непознати нешта, во атмосфера на разорно меѓучовечко отуѓување, веројатно спас се бара во дружба со куче или некое друго животно.
Така кажуваат психијатрите, кои во својата струка сѐ повеќе се среќаваат со депресијата како здравствено нарушување кај поголем број луѓе. Домашното куче може да помага во ситуации кога човек се чувствува тажно, разочарано, напуштено, осамено, вознемирено, загрижено, беспомошно, невредно, повредено или преморено и во други ситуации. А, денес нема човек што не се жали на несоница, на физички и психички умор, такво чувство носат дури и оние што ништо не работат. Лекот се бара во кучето, но под услов и самото куче да не е во фаза на депресија, дури тогаш не се знае кој кого лечи, кој кому му е повеќе од потребен. Да не се сфати погрешно, дека само тие се причините: не се малку кои кучето како домашен миленик го земаат од љубов, со радост.

Со милениуми години човекот нашол најдобар и најверен другар во своето куче. Кучето има свое место во митологии, во фолклорот на народи низ светот, во книги, безброј филмови. Ги има во целиот свет и во сите култури и средини, од египетската фараонска иконографија до последната градска запустена улица. Симболиката за кучето е сложена и разновидна, во основа поврзана со темната страна на животот, но тие симболи не се прикладни за овој текст, би биле непријатни за читање за секој што во домот држи ваков љубимец, без разлика на расата, бојата, националната или родовата припадност на љубимецот.
Иако во европските легенди најчесто се поврзуваат со смртта, сепак со текот на времето повисоко место зазема симболиката за пријателство и лојалност. Во некои религии се верува дека кучето има 52 особини, од кои едната половина се свети, а другата половина сатански. Но во овој текст нема да се држиме до пословицата „рани куче да те лае“, туку до онаа што вели „ако човекот нема браќа, кучињата му се браќа и срцето на едно куче личи на срцето на неговиот господар (господарка)“. Не се непознати и мислењата дека сопственикот го избира кучето според својот лик и карактер.
Според митовите, луѓето и животните долго живееле на Земјата заедно. Една легенда раскажува дека кога дошло време Господ Бог да ги раздели, да се знае кој е кој, отворил во земјата една цепнатина и им кажал дека секое животно може да прескокне каде што сака да живее и таму да остане. Така било направено и тој поредок, тоа разместување, владее во природата. Единствено кучето, кое останало на спротивната страна, ризикувајќи си го животот, направило голем скок, од кај животните се префрлиле кај човекот. Приказната вели дека оттогаш човекот е емоционално поврзан со кучето и неговата верност. И обратно.

Друга легенда ни раскажува за мудриот цар Соломон. По наредба на Бог, царот ги собирал секое утро сите животни и секое од нив можело да ги искаже своите желби и потреби, како и да добијат совет како да се однесуваат едните спрема другите. (Еве пример дека уште од Соломоново време постоеле животински парламентаризам, меѓусебно договарање и разбирање.) Се собрале сите животни, го немало само ежот. Се поставило прашањето кој ќе оди да го бара. За доброволци се јавиле коњот и кучето. Откако го нашле, Соломон го казнил ежот цел живот да се влече по земјата, а ги наградил коњот и кучето велејќи: „Отсега вие цел живот ќе му бидете сопатници на човекот и први по него“. Таа царска благонаклоност драстично се разликува од една друга легенда што потекнува од Бурјаците на устието на руската река Волга, според која кучето е проколнато секогаш да страда за храна, да глода коски и да ги јаде остатоците од храната на човекот, кој ќе го крши од ќотек.
Легендарно е кучето со име Аргос од Хомеровата Одисеја. Одисеј, кој лутал 20 години по Тројанската војна, дома го имал оставено својот пес, кој не ја чувал Пенелопа, која била „верна како куче“, туку стоел на брегот на морето. Упорно чекал, надевајќи се дека брзо ќе се врати. Кога се вратил Одисеј, остарен и променет, единственото суштество што го препознало бил Аргос, иако бил речиси слеп. И штом го препознал својот господар, вртејќи весело со опашката заминал на небесниот свет.
Дека љубовта нема граници сведочи кучето од расата пекинезер, една од најстарите кучешки раси. Според кинеската легенда, потекнува од голема љубов меѓу лав и млада мајмунка. Вљубениот лав, свесен за разликата во големината, отишол во храмот и го замолил Буда да го намали неговото тело на висина на неговата обожавана сакана. Буда му ја исполнил желбата и настанал пекинезерот, кој добил храбро лавовско срце и карактер, а мајмунско лице. Оваа раса, од која има многу видови, ја носи и титулата царско куче, стекната од тоа што до себе ја држеле древните цареви.
По наведените легенди за домашните миленичиња, ред е да се приопшти и една басна за едно селско улично куче.

Имено, во едно поголемо село, кое не било село без кучиња, си живеело некое многу љубопитно куче, а не било новинар(ка). Било гладно, го интересирало сѐ што се случува во селото. Штом некаде чуело лаеж, веднаш трчало натаму. Не било трчањето по кучки, иако по тонот на лаењето добро го препознавал нивниот љубовен повик, знаело која кучка од која куќа лае. Од искуство знаело дека штом некаде многу се лае, мора да се одвива нешто посебно интересно. Не си дозволувало да остане без информации. Морало да дознае кој лае, зошто лае, на кого и против кого лае. Затоа секој ден трчало од еден до друг крај на селото и било најинформираното селско суштество. Но една вечер, при јасна месечина, се слушало лаење, ав-ав на сите страни, како да лаело цело село. Сакајќи да стигне до секој сокак, до секое ќоше, сакајќи ништо да не испушти, а сѐ да дознае, се преморило, го издолжило јазикот и испуштило душа. Пцовисало не стигнувајќи да заклучи што навистина се случувало. Толку е басната, нема наравоучение. Штета што до денес не се дозна дали куче што лае не каса или каса она што не лае.

[email protected]