Лаги, проклети лаги и статистика

2521

Статистиката, како репродуктивниот индекс и стапката на смртност, и со нив поврзаните сезонскa зависност и имунитет се клучни за носење правилни одлуки. Според некои студии, со физичкото дистанцирање досега се спасени 8 милиони луѓе од смрт

„Постојат три вида лаги: лаги, проклети лаги и статистика“ е фраза што ја популаризирал Марк Твен, а се однесува на употребата на статистика во одбрана на слаби аргументи или, едноставно, кога се сака да се поттикне сомнеж во аргументите на опонентите. И во случајот со пандемијата на коронавирусот, или ковид-19, сомнеж во статистиката има од двете страни, и од поддржувачите на сериозноста на пандемијата, како и од негаторите на сериозноста (seriousness deniers) или корона-негатори. Корона-негаторите, или „тоа е само грип“, доминираа сѐ до ескалацијата во Италија, но повторно ќе станат актуелни со растечките економски проблеми. Како што растат здравствените последици од пандемијата на ковид-19, така почнаа да растат и несаканите ефекти на мерките против пандемијата – рецесијата, за што пишував во „И пред пандемија и пред рецесија“ на почетокот на март.

Изборот меѓу јавното здравје или економијата во многу нешта ќе зависи од статистиките и ќе треба нивна соодветна употреба за одлуки засновани на факти. И додека економските статистики се важни, многу поважни за натамошните политички одлуки се статистиките за јавното здравје. САРС-ков-2 е нов вирус и, соодветно, внесува голема мера несигурност во статистиките и предвидувањата.
Централни прашања се репродуктивниот индекс (степен на заразност) и стапката на смртност и со нив поврзаните прашања на сезонскa зависност и имунитет се клучни.

Првиот предизвик тука е ставот „тоа е само грип“, и поради тоа што ковид-19 не е само обичен грип, како и поради потценувањето на обичниот грип. Иако постои вакцина за грип, од грип со степен на заразност од 1,3 годишно заболуваат од 5 до 15 проценти на популацијата и со стапка на смртност од 0,1 процент, кај повозрасните 0,9 проценти умираат меѓу 300.000 и 650.000 луѓе годишно. Во САД во 2017-2018 година од грип починале 61.000 лица, а во Италија починуваат помеѓу 20.000-25.000 лица. Во 1968 година од Хонгконг-грипот се заразени над 14 проценти од светската популација, и со смртност од 0,2 проценти починале помеѓу 1 и 4 милиони лица.
Досега беше прифатено дека коронавирусот има репродуктивен индекс 2,3, а смртноста е од 1,4 до 2,3 проценти, во зависност од студијата.

Стручните дебати за двете работи се во тек и статистиките се преиспитуваат од повеќе агли. Првото преиспитување е дали има политички манипулации, за намалување на одговорноста, со статистиките пред сѐ во Кина? Како што растеше бројката на мртви во Италија, така кинеските бројки стануваа сѐ посомнителни, а западни анализи тврдеа дека само во Вухан има околу 40.000 мртви наспроти пријавените 2.500. Но и големите варијации на смртноста во Европа од 2 до 11 и повеќе проценти, укажуваа на разликите во статистиките. Првата разлика е во опфатот на тестирањето.

Во случаи како во Македонија, каде што се тестираат само лица со симптоми или епидемиолошки поврзани, логично дека бројот на заразени ќе е помал, но тие случаи се потешки, ќе има повисока смртност. Наспроти тоа, во земји каде што има широк опфат на тестирање, вклучувајќи и асимптоматски носители, ќе има поголем број заразени и пониска смртност, на пример Германија и Јужна Кореја.
Во Италија статистиките беа оспорени од неколку аспекти. Италија спроведуваше тестирање само на потешките болни и затоа има исклучиво висока стапка на смртност.

Но неколку сериозни студии тврдеа дека вистинската смртност е за 2-3 пати повисока, бидејќи починатите дома и во домови за возрасни не биле тестирани, туку само примени во болница. Од друга страна, познато е дека во Италија во одредени сезони од грип починувале меѓу 20.0000 и 25.000 лица. И на крајот, просечната старост на починатите во Италија е околу 80 години, а големо мнозинство имаат една или повеќе други болести. Како се одлучува за причината за смрт: која е непосредната причина, а кои причини претходеле, кои други болести постоеле и на крајот која е основната причина на смрт? Оттука дилемата дали случаи на грип или, пак, на смрт од друга причина не се прикажуваат како смрт од ковид-19.

Почетните анализи покажуваат дека Италија се соочува со поголема смртност споредено со претходните години, што може да му се припише на ковид-19. Како што смртноста во Италија е многу повисока, и покрај разликите во здравствениот капацитет, станува јасно дека поради разликите во тестирањето бројот на заразени е повеќекратно поголем.
Повеќе нови студии, вклучувајќи ја и последната од Калифорнија, укажуваат дека бројот на заразени е меѓу 50 и 85 пати поголем отколку бројот на документирани и пријавени случаи. Доколку е тоа точно, можеби стапката на смртност е многу пониска, но, од друга страна, заразноста е многу поголема.

А во претходно спомнатата студија се смета дека помалку од 4 проценти од населението се заразени. Репродуктивниот индекс е важен и за процена на колективниот имунитет, колку тој индекс е повисок потребен е поголем процент на изложеност, на пример 80 проценти од населението, со инфекција или вакцинација.
Неколку примери за статистички предизвици во Македонија. Досегашната политика е да се тестираат само лица со симптоми и/или епидемиолошка анкета, а во регионот земјава е на трето место по опфат на тестирање. Тоа не е одличен, но не е ни лош опфат. Од друга страна, се признаваат само микробиолошки тестови што го докажуваат присуството на вирус, додека серолошките тестови не се признаваат, па лица што биле заразени и тоа е потврдено со серолошки тест не се вбројуваат во статистиката. Недостатоците во тестирањето се повидливи на општинско ниво, онаму каде што првите случаи беа утврдени посмртно.

Примерот на Струга, поточно Лабуништа е најочигледен пример за сериозни пропусти. Таму имало епидемиолошки сознанија за контакти со заразени во Дебар на 13 март, а веќе на 14 март имало состанок на МВР со локалните лидери. Но до 26 март, до првиот смртен случај, не е направен тест. Речиси две недели по сознанијата не е направен ниту еден тест. Сега Струга има 55 заразени и 11 смртни случаи, или неверојатни 20 проценти смртност. Таква стапка би говорела во прилог на големо потфрлање во лекувањето или многу поверојатно големо потфрлање во тестирањето. Доколку се примени националната стапка на смртност, во Струга има не 55 случаи туку околу 250 случаи.

Назад на глобалните предизвици. Статистиката, како репродуктивниот индекс и стапката на смртност, и со нив поврзаните сезонскa зависност и имунитет се клучни за носење правилни одлуки. Според некои студии, со физичкото дистанцирање досега се спасени 8 милиони луѓе од смрт.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus