Кубурата

5041

Колумната ја пишувам на неколку часа пред одржувањето на протестот пред Собранието, кој беше не само целосно игнориран од медиумите, туку во него полицијата веќе користи методи на заплашување и попречување. Ќе бидам присутна, но од оваа позиција е невозможно да го антиципирам текот на настаните. Она што е несомнено е дека нам, на граѓаните, не ни преостанува ништо друго, освен самоорганизирање за да бидеме слушнати и на симболичен начин да го изразиме насобраниот гнев.

Одамна напишав дека протестите се слепа улица и не се доказ за партиципативна демократија, напротив, тие се знак за отуѓена политика, која ги окупирала институционалните средства и се оглушила од волјата на граѓаните. Но, во ситуација кога не постои никаков контролен механизам на една забегана власт, па дури ни организирана парламентарна опозиција, граѓаните немаат друг избор, туку да дејствуваат вонинституционално. Власта дрско се фали со „зголемување“ на парламентарното мнозинство, со употреба на недозволени средства, така што опозицијата е „капут“. Како и пред референдумот, таа нема став ни за протестите, па се повикува на слободната волја на своите членови, небаре е ова нечија приватна работа, а не прашање од највисок државен интерес. Мицкоски го видовме како симболички клекна пред народот, ама очигледно заборавил да стане. Тој е секогаш (не)оправдано отсутен од местата каде што се собира народот, а се чини дека спасот на партијата му е најголем приоритет. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, движењето Бојкотирам не запре, и низ креативен ненасилен отпор дејствува, и засега е единствена вистинска опозиција. Но, и тоа е недоволно, бидејќи е нужна институционализација на сиот насобран потенцијал, низ која граѓаните од објект ќе станат субјект. Широката мобилизација е единствен начин да се докаже дека овде живеат граѓани, а не аморфна и несвесна маса. Ова е последната битка за Македонија, последната шанса за некаква (кревка) демократија. Ако оваа битка не успее, на централниот плоштад (некогаш наречен „Слобода“) ќе треба да се дислоцира Аце, за да се подигне уште поголем споменик на кубурата! Тоа ќе биде најспоменуваната, најдобро чуваната и најнеупотребуваната кубура во историјата. Можеби ќе им го привлече вниманието на истражувачите во иднината, кои ќе се обидуваат да разберат зошто еден исчезнат народ толку се „крстел“ во неа и ја чувал како последно средство за самоодбрана, а не се ни обидел да ја употреби против оние што систематски го силувале.

Ова е последниот чин на драмата. Во неа главните актери исчезнуваат како Худини (а сепак носат херојски ореол!?) или веќе ги пакуваат куферите за да се иселат штом ја завршат задачата и ги исцедат последните евра од бескрупулозната распродажба и експлоатација на земјата. Трилерот е наместен, а архетипските непријатели се, всушност, најдобри сојузници и колаборатори. Некои од граѓаните, несвесни дека се одамна претворени во гладијаторска публика и статисти, сѐ уште глумат нормалност. Некој те прави мајмун, ти менува личен опис и гази устав, а ти онака градски протестираш за комунални проблеми, за ДУП-ови, инсистираш на згрижување мачиња и кучиња бездомници, бараш чист воздух… (Па, ене, и во Париз протестираат поради зголемена цена на бензинот! Што ни фали нас да бидеме екологисти или да се бориме за сексуалните права на малцинските групи?) Да се разбереме, ваквото мапирање на легитимните проблеми и ограничената и фрагментирана реакција овде-онде не е отпор, туку е само начин на дифузија на општествената енергија, забошотување на едноставната вистина дека сите проблеми и проблемчиња израснуваат од еден ист систем, од систем што гние и гнои. На ваков начин само му се помага да го одржи привидниот легитимитет. Политичкото слепило веќе доведе до јаз и меѓусебна стигматизација, но тоа е „луксуз“ што не можеме да си го дозволиме. Не е време за „гадење“, „чистунство“, секташење… Овде веќе не станува збор за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи проблемот се вика СДСМ-ДПМНЕ. Хоризонталната организација и инклузивноста на Бојкотирам овозможува синергија за канализирање на општествените интереси и незадоволство, кои одамна го надминаа Преспанскиот договор. Пустошот околу нас е стравотен! Институциите се само фасади на смешно Потемкиново село. Политичарите се неспособни и импотентни ликови, овластени (не од народот, туку од надворешните фактори) за да ја олеснат (само)кастрацијата на нацијата со наметнување октроиран устав. Собранието е сточен пазар, Владата – бесрамен картел на шверцери, кои работат за сопствен лукративен интерес, а судството (со путер на главата од претходната власт) со носење нарачани одлуки се обидува да се искупи. Сите заедно се дно на дното.

Апстрахирајќи го Преспанскиот договор за миг, краткото резиме на политиките на оваа власт зборува само за себе. Еве ја најкусата листа за потсетување: башибозук, особено на ниво на локална власт; шверцери се градоначалници, административци силувачи – и сето тоа без санкција; игран филм се цензурира, вербалниот деликт е вратен; градскиот татко има пари за пијаници и дискозабави, но нема за болни деца; зголемување на акцизи на дизелот и покачување на сиромаштијата; буџетот за 2019 година е астрономски – Грујо можел вода да им носи, ама е оправдано отсутен; дискриминацијата по социјална основа се завива како мерка за заштита на човековата средина (сопствениците на стари возила ќе мора да си купат црвени налепници, а можеби и Давидови ѕвезди ќе ги натераат да си стават), не дај боже да треба да одат во болница во денови на големо загадување на воздухот, што е редовна состојба; субвенции ќе даваат за хибридни возила, за богатите; во буџетот седум пати повеќе средства има за фотелји за дебелозаговци, отколку за екологија; ќе им забранат на сиромашните да користат нееколошки средства за греење, а пазарот на електрична енергија се либерализира; брзата помош се приватизира, но власта набави лубриканти за безобразно многу пари претставувајќи ги како лек; министерот за здравство сака војска да ги чува болниците, додека приватна агенција ја чува Владата; министерката за одбрана е зафатена со фотографирање пред контингент со гуми, а гордо најавува и пристигнување на војнички чизми (НАТО е во делириум); на лицата со посебни потреби им се крати социјалната помош, а по скопските училишта има шуга; градовите се претворени во депонии, шумите безмилосно се сечат; тендер-коалицијата е недопрена и Пуцко „млати“ милиони; вицепремиер половина година не оди на работа, а другиот пак секојдневно ниже бизнис-скандали, но Заев го брани како да е брат му Вице. Половина Македонија е плантажа за марихуана во сопственост на Семејството и блиските луѓе (за друго не ги бидува); корпорациите ги намерачиле изворите на минерална вода, а рудниците на смртта ќе се реализираат со благослов на Уставниот суд. Заборавив ли уште нешто? Ах, да! Јаболката во Ресенско скапуваат, а Урковци добиваат награди за спортски достигнувања, а уште малку ќе ѝ објавиме војна на Русија за Украина.

Ќулафкова (конечно!) забележа „безгранична е моќта на ограничениот ум кој има неограничена власт“ (јас тоа одамна го нареков интелектуална и морална инсуфициенција). Заев е катастрофа на две нозе, не само поради повикот до „киднапираниот“ Груевски да се јави. Катастрофа е што постапува како и претходникот – све је исто само њега нема. Воджовите не разбираат што е индивидуална, а што објективна/политичка одговорност. Како што Груевски не даде оставка кога пукна скандалот со прислушувањето (и колапсот на тајните служби), така и Заев нѐ убедува дека не можел да остане без половина влада, ќе немал со кого да управува! Но, бара одговорност од Орбан! Гарант заборавив уште многу работи… Човек мора во тефтер да ги бележи сите апсурди од час на час. Тие стануваат нормалност. А нормалноста е статистичка состојба, па ако глупостите доминираат, а умните нешта се реткост, тогаш глупоста е нормалност. Што ли ќе напишеше Еразмо Ротердамски да беше жив? Но, не треба да бидеш филозоф или мудрец да видиш дека е ова погубна власт, која го жнее сето она што го посеа претходната, но и го надградува – уривајќи сѐ што е создадено, ругајќи му се и на здравиот разум. Приказната за кубурата можеби зборува за плашливата природа на Македонецот, но имала некаква смисла во контекст на Отоманската Империја. Но, што е денес, дали треба да се плашиме од „сопствената“ власт, која дури ни на попис нема да ни дозволи да се декларираме како Македонци? Или сме индиферентни и си ја заслужуваме оваа политичка катастрофа? Протестот немаше, ниту можеше да биде нешто повеќе од повик за здружување и последен аларм пред да биде предоцна. Тој означи почеток на серија конкретни мерки против институционализираното лудило. Бидејќи, според Еразмо, лудоста не е ништо друго, туку глупост што добила социјална, политичка потврда. Затоа, решението е во одземање на таа потврда. Овластената глупост што е на чело на државата, затоа, мора да се развласти. Или ќе живееме во филмот „Глупиот и поглупиот“, ама нема да ни биде смешно.