Крајот на Меркел

666

Меркел беше симбол и бранител на либералната демократија во период на растечки десен популизам. Меркел беше симбол на стабилност и континуитет, сликовито прикажано дека ја води Германија колку што во некои од другите клучни земји се смениле пет-шест премиери. Дали крајот на ерата на Меркел ќе ги втурне Германија и ЕУ во нова криза?

Доколку изборите за ЕУ во 2014 година беа изненадувачки и предизвикаa „политички земјотрес“ поради напредокот на популистите и ненадејниот пораст на екстремната десница, како што анализирав во „Помалку Европа!“ (мај, 2014), оттогаш се наредија настани што укажуваат на јасен тренд на свртување надесно, како во Европа, така и глобално. Оттогаш се случи брегзит, како и победата на Трамп во САД, но следуваа победи на умерени партии во Холандија, Франција и во Германија, по што избрзано беше прогласена победа на партиите на естаблишментот против популистите. Во меѓувреме популистите се зацврстија во Централна Европа, претставувани од Орбан во Унгарија и Качински во Полска, брегзитот ја донесе Меј во В. Британија, а Италија заврте целосно антиестаблишмент олицетворено во Салвини.

На глобално ниво сѐ повеќе популистички лидери го преземаат раководството на важни и големи земји. На Путин во Русија и Кси во Кина им се приклучија Ердоган во Турција, Дутерте во Филипините и, последниот во низата, Болсонаро во Бразил. Болсонаро можеби личи на другите популисти како Трамп, или многу повеќе како Дутерте, со кого споделува симпатии спрема фашистички лидери. Болсонаро е отворен расист, женомрзец, хомофоб, симпатизер на воените диктатури и на Пиноче. За илустрација, за сопствените деца вели дека нема да имаат црна жена, бидејќи се подобри од тоа, а дека ако се геј, најдобро би било да настрадаат во несреќа. Како Бразил, една од најголемите нации во светот, заврши со таков претседател? Како и во повеќето случаи, причините се повеќеслојни, а основите се во загуба на перспективата на просперитет и економска несигурност.

Бразил во неколку мандати беше воден од социјалистот Лула да Силва, кој обезбеди економски пораст од 7 проценти. Но финансиската криза од 2008 година ги демаскира структурните слабости, како високо ниво корупција, и доаѓаат години на забавен пораст, непопуларни лидери и пораст на криминалот. Бразилците бараат некој што ќе го запре тоа, а Болсонаро е тој што ветува. Низ историјата е потврдено дека во време на политичка и економска криза податливо е свртувањето кон силни автократски лидери. Свртувањето на десно во западните земји може да се објасни и како контрареакција на губитниците од глобализацијата, како што анализирав во „Трамп – конечна одмазда на заборавените“ (ноември 2016). Но свртувањето надесно што се случува во Германија, како и во Европа, има дополнителни причини.

Последните избори во германските покраини Баварија и Хесен покажаа свртување надесно, бидејќи вкупниот збир на десните партии е во пораст, со јакнење на партии лево од центарот. Зошто растат порадикални опции, а во загуба се естаблишмент-партиите како ЦДУ и СПД? Можеби поради тоа што веќе нема значајна разлика меѓу естаблишмент-партиите на десницата и левицата. Конкретно во Германија, ЦДУ и СПД веќе неколку мандати се во голема коалиција. Успехот на Меркел со освојување повеќе последователни мандати е поради фактот дека ЦДУ се помести кон центарот.

ЦДУ поддржа забрана на нуклеарни централи, најниска социјална плата, геј-бракови и отворени порти за мигрантите, политики типични за леви партии. Тоа помогна во победување на изборите, но ослободува простор на десната страна на политиката. Простор што го пополнува есвроскептичниот и антимигрантски АфД. Од друга страна, СПД поради големата коалиција не можеше да се помести полево, простор што го исполнуваат зелените. Непостоењето на битни разлики меѓу традиционалните естаблишмент-партии на десницата и левицата, во услови на политичка и економска криза, отвора простор и надесно и налево. Тој простор ќе биде пополнет од нови партии на десницата и левицата, или, пак, ќе доведе до поместување на естаблишмент-партиите подесно и полево.

Во Германија се чини дека ЦДУ и СПД ќе бидат под голем притисок да се поместат подесно и полево. Додека не е јасно дали СПД е подготвено да излезе од големата коалиција за да се помести полево, се чини дека ЦДУ ќе се поместува на подесно. Првиот и сигурен знак е крајот на ерата на Меркел, лидерката што ја помести ЦДУ кон центарот. Од досега пројавените кандидати за наследник на Меркел во ЦДУ, вкупно четири кандидати, само една кандидатка е блиска политички со Меркел, додека другите три кандидати се десни критичари.

Меркел, која до крајот на годината ќе се повлече од лидерската позиција во ЦДУ, најверојатно ќе го заврши мандатот како премиерка на Германија, доколку распаѓањето на големата коалиција не доведе до предвремени избори. Меркел беше симбол и бранител на либералната демократија во период на растечки десен популизам. Меркел беше симбол на стабилност и континуитет, сликовито прикажано дека ја води Германија колку што во некои од другите клучни земји се смениле пет-шест премиери. Дали крајот на ерата на Меркел ќе ги втурне Германија и ЕУ во нова криза? Или, пак, промената може да отвори и нови можности?

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Е