Корона во Македонија, четири месеци потоа

424

Во меѓувреме и знаењата за сезонскиот карактер, имунитетот и вакцината се многу појасни. Короната не е сезонска и не замина во април со затоплувањето, имунитет постои (антитела на излекувани се користат во лекување), а вакцината нема да се случи пред средината на 2021 година. Значи треба да се соочиме дека овие две години (2020/2021) треба да живееме со корона

Четири месеци потоа, од првиот случај на заразен со корона на 26 февруари, на 26 јуни ќе бидат укинати поголем дел од мерките за затворање и дистанцирање, кои беа воведени во текот на март. Во мојот прв текст за коронавирусот „Коронавирусот во Македонија не е прашање дали, туку кога“ од 27 февруари, и последователните „И пред пандемија и пред рецесија“ и „Македонија заличува на организирана држава“ од почетокот на март, ги опишав и ги анализирав основните параметри за прогноза на текот на коронавирусот. Што се промени во знаењата за вирусот, па за четири месеци да поминеме од комплетно затворање до отворање?

Тогашните информации беа дека САРС-КоВ-2 или коронавирус што ја предизвикува болеста ковид-19, со симптоми слични на обичен грип е некаде меѓу обичен грип и САРС и МЕРС-болестите. Коронавирусот полесно се пренесува и од обичен грип и од САРС и МЕРС, има Ро или репродуктивен индекс меѓу 2 и 3 (2,3), или од секој заболен од коронавирус се инфицираат меѓу 2 и 3 лица, додека од секој заболен од обичен грип се инфицира 1,3 лице. Повеќето заболени поминуваат со лесни симптоми, кои не се разликуваат од обичен грип, а компликации се јавуваат кај околу 15 проценти од заболените со ковид-19, а критични со застој во дишењето, сепса или откажување на органите се 4,7 проценти, додека смртноста е 1,4 до 2,3 проценти, во зависност од студијата. За споредба, смртноста од обичен грип е 0,1 процент.

Тоа беа претпоставки на неколку стотини илјади случаи и неколку десетици починати и стравувања од непознатото дали ќе биде сезонски како обичниот грип, кој стивнува кога затоплува во март/април, и дали постои имунитет и кои се можностите за вакцинација.
Сега има повеќе од 9 милиони случаи и околу половина милион починати, и околу 5 милиони оздравени. Главните жаришта се префрлија во Јужна Америка, но и во други земји надвор од Кина, Европа и од САД. Во околу 80 земји бројот на заразени се зголемува, а во триесетина се намалува. Што научивме досега? Веднаш е видливо дека со мерките на затворање, Ро е намален на 1 или под 1 во Европа. Од постојните случаи околу 2 проценти се сметаат за тешки, што е помалку од 4,7 проценти критични во март. Но тоа е врвот на сантата мраз. Клучната научена лекција е дека службените статистики не се веродостојни („Лаги, проклети лаги и статистика“).

Во Њујорк е спроведена поголема студија со тестирање на околу 15.000 лица и, според утврдените позитивни тестови, коронавирусот е проширен кај 17 проценти од популацијата на Њујорк и е 10 пати повеќе од регистрираните случаи. Претходни студии тврдеа дека таа бројка е 50 до 100 пати поголема, но тоа значи дека разликата од вистинскиот и регистрираниот број случаи зависи од обемот на тестирање и е до 10 пати поголем во случаи како Њујорк каде што има повеќе тестирање и до 100 пати е поголем каде што има помалку тестирања. Вториот наод за Њујорк доаѓа од ЦДЦ – Центарот за контрола на болести и превенција, дека бројот на смртни случаи е поголем од пријавениот. ЦДЦ дошол до ваквите резултати од споредбата на бројот на починати сега со очекуваниот број на починати за сезоната. Покрај 10.000 потврдени со тест случаи, како и 5.000 случаи на смрт каде што е запишан ковид-19, но нема тест, ЦДЦ нашол уште 5.000 смртни случаи што ги надминуваат очекувањата.

Доколку стапката на смртност се пресмета земајќи ги предвид овие податоци, таа изнесува околу 1,4 процент. Оваа смртност е помала од тогаш претпоставените 3,4 проценти на СЗО за март, но блиску до долната граница на рамката од 1,4 до 2,3 проценти. Во март на долната граница беа земји како Јужна Кореја и Германија со масовни тестирања. Заклучокот е дека колку и да се прават тестирања реалната бројка на заразени е најмалку 10 пати повисока од регистрираната – докажана со тестирање, колку повеќе тестирања има опаѓа процентот на тешки случаи и смртност, но поради нерегистрација на смртни случаи сепак е околу 1,4 процент, што е многу повисока смртност од грип.
Што предвидував во март за Македонија? Базирано на статистиките за грип, и на погорните статистики, напишав дека може да се очекува бројот да биде меѓу 2.500 и 5.000 лица од кои 80 проценти би биле лесни и умерени случаи, а 20 проценти или 500-1000 лица што би барале здравствена грижа и околу 5 проценти потешки случаи.

Ние во моментот сме со над 5.000 случаи, како и со околу 250 починати. Во корелација со студиите од Њујорк, ваквата повисока смртност е поврзана со помалку тестирања. Ако може симплифицирано да се пренесат сознанијата од Њујорк, густината на населението и мерките, ние би имале околу 20.000 заразени или 1 процент од населението.
Во меѓувреме и знаењата за сезонскиот карактер, имунитетот и вакцината се многу појасни. Короната не е сезонска и не замина во април со затоплувањето, имунитет постои (антитела на излекувани се користат во лекување), а вакцината нема да се случи пред средината на 2021 година. Значи треба да се соочиме дека овие две години (2020/2021) треба да живееме со корона. И, секако, дека толкав период не можеме да живееме затворени под полициски час, туку мора да комбинираме цел спектар мерки.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus