Короната е умрена?

Деновиве повторно сме пред разгорен оптимизам дека „короната е умрена“, пред сѐ поттикнат од изјави на водечки епидемиолози и доктори дека Македонија е пред постигнување колективен имунитет со 60-65 проценти на заразено или
вакцинирано население

„Ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денес“, пред една година рече поранешен поглавар на верска заедница. Но короната не замина во историјата, туку таму замина поглаварот, кој стана поранешен. Деновиве повторно сме пред разгорен оптимизам дека „короната е умрена“, пред сѐ поттикнат од изјави на водечки епидемиолози и доктори дека Македонија е пред постигнување колективен имунитет со 60-65 проценти на заразено или вакцинирано население. Секако постои разлика доколку за едно јавно здравствена прашање се изјаснува верско лице или здравствени експерти, но да ги погледнеме аргументите за и против „короната е умрена“, односно дали има простор за оптимизам за скорешен крај на пандемијата.
Доколку пред една година како што пишував во „Лаги, проклети лаги и статистика“ имаше сомнеж во статистиката од двете страни и од поддржувачите на сериозноста на пандемијата, како и од негирачите на сериозноста (seriousness deniers) или корона-негатори, сега сликата е малку појасна. Ставот „тоа е само грип“ веќе не може да се чуе, иако на пример во Македонија константно има 10 проценти луѓе што мислат дека вирусот не постои. Грипот е со степен на заразност од 1,3 и заболуваат од 5 до 15 проценти на популацијата и со стапка на смртност од 0,1 проценти, кај повозрасните 0,9 проценти и умираат меѓу 300 и 650.000 луѓе годишно. Кај короната степенот на заразност e 3, со стапка на смртност од околу 2 проценти, што досега доведе до околу 170 милиони случаи и 3,5 милиони починати.

Во прилог на оптимизмот е дека репродуктивниот однос или степенот на заразност со примена на мерки, рестриктивни или вакцинација, е паднат на 0,6 до 0,9, според изјави на здравствени експерти во Македонија, тој е паднат на 0,5. Тоа значи дека од двајца заразени ќе има еден новозаразен. Како во Македонија рестриктивните мерки се скоро укинати, а вакцинацијата не е во значителен степен, ваквиот пад може да се толкува само со колективен имунитет (од 60 до 65 проценти заразени и вакцинирани). Една дигресија, постојат гласини дека Владата врз основа на епидемиолошките податоци се одлучила за тивко спроведување на шведскиот модел на колективен имунитет и поради тоа нема сериозен ангажман во вакцинацијата. Поради големата смртност (во Македонија над 3 проценти) со притисок од јавноста започна вакцинацијата и проформа беа воведени рестриктивни мерки со полициски час и затворање на рестораните.
Клучни за оптимизмот се информациите за имунитетот. Секако дека постојат сили што сакаат да шират страв дека многумина од прележаните или вакцинираните не развиле имунитет, или дека има нови соеви, или дека има нови бранови во земји што се високовакцинирани, како пр. Сејшелите. Дел од овие вести се дел од стандардните црни вести на медиумите, а дел се специјална војна во дипломатијата со вакцини. На пример западните медиуми го истакнуваа новиот бран во Сејшелите, додека во Израел нема таков, и покрај високиот процент на вакцинирани. Во основа ова беше војна против Кина и „Синофарм“, кои се употребени во Сејшелите, наспроти „Фајзер“ во Израел. Се покажа дека новиот бран во Сејшели е во согласност со степенот на вакцинација и со декларираната ефикасност на вакцината „Синофарм“. И вакви заплашувања ќе има и понатаму. И уште еднаш, вакцинацијата е за намалување на бројот на средни и тешки случаи со подобрување на имунитетот, а не за исклучување на заразување.

На другата страна на заплашувањето е дека науката цврсто чекори во потврдување на клучни сознанија важни за имунитетот. Тој е важен бидејќи колку е подолг имунитетот толку ќе се намалува репродуктивниот однос или степенот на заразност. Деновиве се обзнани дека некои вакцини дејствуваат против сите соеви, и тука не е важно која е таа вакцина, туку дека се намалува ризикот од заразување со новите соеви. Исто така е потврдено дека имунитетот кај некои вакцини трае најмалку една година. Оваа вест ја потврдува и истражување публикувано деновиве во престижното списание „Натуре“ дека инфекцијата со САРС-КоВ-2 создава цврст противген специфичен долготраен хуморален имунитет кај луѓе. Најважниот дел од оваа реченица, не толку лесна за разбирање, е „долготраен“. И таа може да биде клучна во поткрепување на оптимизмот за „короната е умрена“.
Секако да не се повтори минатата година, во која тој што рече дека короната е умрена, замина во историјата, а короната остана, мора да останеме посветени на дел заштитни мерки и понатамошна вакцинација. Сѐ уште постои потреба за внимателност на масовни собири во затворени простории и носење маска во затворени простории. И вакцинацијата мора да продолжи понатаму и покрај можноста дека веќе имаме постигнато колективен имунитет. Во зимата мора да влеземе со целосно вакцинирана популација над 50 години. Тоа е помалку од очекувањата за 65 проценти вакцинирани (1,1 милион вакцинирани од 1,7 милиони веројатно население во земјата), цел што тешко ќе се постигне до септември. Доколку ја вакцинираме целата популација над 50 години, тоа значително ќе го намали бројот на тешки и смртни случаи, што е веќе битна придобивка. Со умерен оптимизам и посветеност можеме да ја испратиме короната во историјата до крајот на годината.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus