Коронавирусот во Македонија не е прашање дали, туку кога

877

Согледувајќи што прават погодените земји, властите во Македонија треба да пристапат кон порадикални мерки од бесмисленото мерење температура на аеродром

Уште еден нов вирус – корона, нова болест – ковид-19 ги полни светските и македонските медиуми, а македонската јавност се прашува зошто е тоа така, дали ќе стигне во Македонија, дали се прави доволно да се заштитат граѓаните. По проширувањето на вирусот во Италија и првите случаи во Хрватска, веќе не е прашање дали, туку кога вирусот и болеста ќе стигнат во Македонија. Тврдењето дека е прашање на време кога коронавирусот ќе стигне до Македонија, ако не е веќе стигнат, не е прашање на кревање паника, туку навремено преземање на неопходните мерки. Токму пристапот „не кревај паника“, „тоа е само грип“ и забошотувањето на првите случаи за да не се види тоа како слабост на системот и власта во Кина, го обезбеди просторот за развивање на епидемијата. Затоа критичкиот пристап на јавноста треба да помогне да се зголеми нивото на аларм и да се преземат неопходните мерки.

Што е коронавирусот? Точниот назив на коронавирусот е САРС-ков-2, а болеста што ја предизвикува е ковид-19. Коронавирусите циркулираат меѓу животните и, евентуално, може да се пренесат на луѓето. Таков е случајот со МЕРС-ков на Блискиот Исток пренесен од камилите, или САРС, кој потекнува од мачките кивет во Кина. САРС-ков-2 е сосема нов вирус, кој првпат се појавува во декември 2019 година во провинцијата Хубеи во Кина. Од околу 80.000 случаи глобално, само 2.000 се надвор од Кина, а и во Кина најголемиот број случаи се во Вухан и Хубеи. Надвор од Кина се чини најпогодени се Кореја, Иран и Италија. Зошто тогаш таквата алармираност? Иако вирусот го носи името САРС-ков-2, ковид-19, не е исто со САРС, болест што се нема појавено од 2003 година. САРС бил посмртен од ковид-19, но ковид-19 се шири полесно и побрзо. Ковид-19 се шири со капки од кашлање и кивање, но се чини вирусот може да преживее надвор од неколку часа до неколку дена. Исто така, ковид-19 има долг период на инкубација, според постарите тврдења до 14 дена, според понови до 27 дена, што ја прави болеста тешка за епидемиолошко следење.

Вирусот не се пренесува во периодот на инкубација, но поради должината прави тешко да се лоцира изворот/контактот на зараза. Трето, болеста бавно се развива и има многу благи случаи што воопшто не се чувствуваат болно, а можат да го пренесат вирусот. И, четврто, се чини вирусот остава краткотраен имунитет, што отвора можност за повторна зараза и го отежнува развојот на вакцината. Од друга страна, смртноста на ковид-19, иако не е како САРС, е околу 2 проценти и е за дваесет пати повисока од смртноста од обичен грип. Како и обичниот грип, смртноста е многу поголема кај повозрасните луѓе и луѓето со хронични кардиолошки и респираторни болести, како и рак.

Италија стана трета земја, по Кина и Кореја, со околу 270 случаи, и седум смртни случаи, и дваесетина лица во критична состојба. Најголем број случаи се во Ломбардија (Милано) и Венето (Венеција), но има случаи и во Емилиа-Ромања (Болоња) и во Лацио (Рим). Во овие подрачја има многу Македонци што живеат и работат таму (околу 23.000), кои студираат таму, или пак патуваат за туризам. Така што ризикот за пренос во Македонија е висок. Како понатаму?

Доколку пристапот „не кревај паника“, „тоа е само грип“ и забошотувањето на првите случаи за да не се види тоа како слабост на системот и власта во Кина беа наведени како причини за избувнување на епидемијата, преземањето радикални мерки, досега невидени, се причина за ставањето на епидемијата под контрола. Запирањето на севкупниот авионски, железнички, автобуски и друг транспорт, ставањето во карантин на милионски градови, затворањето фабрики се само мал дел од мерките што ги презема Кина. Хонгконг спроведе 14-дневен карантин за секој што пристигнувал од Кина. Повеќе земји ги запреа летовите за Кина или, пак, издадоа предупредувања за патување во Кина, Кореја и во Иран.

Согледувајќи што прават погодените земји, властите во Македонија може да пристапат кон порадикални мерки од бесмисленото мерење температура на аеродром. Бесмислено бидејќи болеста има инкубација од десетици денови и заразените немаат никакви знаци дека се болни.
Прво, треба да се издаде предупредување да не се патува во погодените земји, за нас најважно Италија. За поздравување е одложувањето на ученичките и студентските екскурзии. Уште повеќе е за поздравување чекорот на „Нехар травел“ да ги откаже осмомартовските екскурзии во Италија. Властите треба да одат чекор понатаму. Треба да се прекинат сите директни комуникации со погодените земји како Италија. Треба да се прекинат авионските летови за Италија, како и директните автобуски линии. Трето, сите лица што пристигнуваат од погодените земји треба да бидат ставени во карантин, или во најмала мера куќен карантин, кој, ако е потребно, треба да биде спроведен од полицијата како куќен притвор. Има и други мерки, и треба што поскоро да се применат.

Истовремено, треба да се подготвуваме за негативните економски ефекти. Можна е глобална економска криза, бидејќи коронавирусот предизвика шокови и на побарувачката и понудата, фактички ја затвори втората економија во светот, во контекст на глобална презадолженост (глобален долг повеќе од 300 проценти од глобален БДП) и исцрпеност на централните банки. Секое зло има некое добро, поради затворањето на Кина се намали глобалното емитување на јаглерод диоксид. За Македонија се можни директни последици на туризмот, поради намалување на патувањата, но и во други сектори. И поради здравствените последици и поради економските последици, Македонија мора да се подготви.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #САРС-ков-2 #coronavirus