Конструктивна опозиција. Благодарам, доста е

874

Време е за ново конфронтирачко „движечко“ политичко дејствување на опозицијата, приспособено за условите на кризата. Зашто доста ми е од конструктивна и подзаспана опозиција. Време е власта да го почувствува пулсот на народот

Велат Македонија да ти била хибридна држава. Ниту тоталитарна ниту демократска. Ни риба ни девојка. Држава што комбинира автократски карактеристики со демократски и режим што истовремено е политички репресивен и редовно изборен. Ваквиот хибриден режим произлегува од полиморфниот поглед на политичките режими што се спротивставуваат на дихотомијата на автократија или демократија. Хибридните режими ја проектираат декоративната природа на демократските институции при што авторитаризмот е основа на ваквите системи. Или поточно кажано: демократските политички институции се маската за легитимната реалност на авторитарна доминација. Македонската политичка реалност е концептуална „сива зона“ на хибриден режим што не успева да ги задоволи демократските институционални гаранции И оди после биди опозиција во ваков хибриден режим. Па уште конструктивна. Зашто само конструктивна опозиција може да ја игра улогата во консолидацијата и стабилноста на хибридниот режим. Да обезбеди сигурно законодавно мнозинство задржувајќи ја опозициската реторика.
Во хибридните режими власта станува господар во создавањето лажна опозиција во обид да манипулира со изборите со кои се соочуваат гласачите. Секако, скраја да е, тоа не е случај во Македонија, но повикот за конструктивност на опозицијата не ми личи на ништо друго освен креирање декоративен демократски амбиент во државата и обид на власта да го одржи во живот авторитаризмот во управувањето и консолидирањето на хибридниот режим.

Низ повикот за конструктивна опозиција се создава и се раѓа најзлобната форма на манипулација низ која власта си обезбедува удобно мнозинство и непречено владеење. Конструктивноста на опозицијата го дискредитира прашањето на недоверба во власта и секој обид да биде извалкана од непристојност, нечувствителност и не дај боже отпор на нејзините погубни политики.
Време на екстремни кризи, исто така, е време на монументални, фундаментални и трансформативни одлуки кога животот на граѓаните, социоекономската благосостојба и иднината на нацијата се доведени во прашање. Во вакви времиња спротивставениот дух во опозиција може да го преиспита, доведе во прашање и оспори интензитетот на промените погубни за државата, бидејќи погрешните одлуки на власта во вакви времиња се реверзибилни и ги плаќаме со висока цена. Како што гледаме, конструктивната опозиција нема да ја сопре неприкосновенатa вежба на моќ на власта. Заврши времето за конструктивно спротивставување на опозицијата во Македонија. Време е за активно конфронтирачко опозициско дејствување. Доста ѝ беше опозицијата спаринг-партнер на власта што обезбедува фасада на партиско натпреварување. Време е за остра процена на работата на Владата. Особено денес кога кризава зачинета со неспособна и неодговорна власт нѐ убива во буквална смисла на зборот.

Односот на силите во македонскиот парламент сугерира дека власта сѐ потешко може да го одржува хибридниот режим. А уште помалку да го консолидира. Од оваа перспектива, опстанокот на системот на власта зависи токму од конструктивноста на опозицијата. Наместо конструктивност, време е за конфликтност. Зашто конструктивна опозицијата нема да ја мобилизира растечката маса гласачи што бараа промени како средство за политичка контрола. Ќе се согласам дека борбата за власт во рамките на хибриден режим е ограничена. Но затоа лидерот е тој што треба да најде начин и методи на политичко дејствување што ќе биде катализатор на јавниот дискурс што е од витално значење на демократијата, особено денес кога кризата со пандемијата е излезена од контрола на власта. Време е опозицијата да влезе во процес на масовна мобилизација и реакции на режимот, покажувајќи дека траекторијата на транзицијата на власта во Македонија мора да биде обликувана, во голема мера од уличната политика. Верувам дека постои начин да се заштити јавното здравје, а истовремено да се протестира. На опозицијата е да најде креативно организирани и содржински протести како прифатливо средство во услови на криза од пандемијата, низ кои ќе ги артикулира и здружи своите интереси со оние на граѓаните, поддржувајќи ново „движечко општество“. Зашто, без оглед на сѐ, обележјата на ефективниот протест остануваат непроменети и во услови на ваква криза: нивното јавно, визуелно влијание и, честопати, медиумско влијание како средство за добивање поддршка во јавноста. Способноста да се искаже несогласување со власта на овој начин останува од витално значење за функционална демократија.

Серија критички креативни „движечки“ настани балансирани со ограничувањата поради коронавирусот, кои вклучуваат поместување на обемот и видот директни акции и симболични перформанси, треба да создадат холистички локалистички кадрирања и кооптика на тврдокорните демонстранти. Режимот тешко ќе ги манипулира ваквите предизвици за да поттикне милје на елитна кохезија, насочени репресалии и контрадвижења. Масовната мобилизација на граѓаните во Македонија од опозицијата, а не само на своето членство, е сложен и нелинеарен процес што нужно бара ваков ново-стар вид активизам приспособен на ситуацијата. Овој вид „движечки активизам“ треба да ја покаже растечката поларизација меѓу хибридниот режим и граѓанството, свртувајќи го вниманието кон социјалните, политичките и структурни болести на македонското општество, предизвикувајќи негова нестабилност, со намера да се забрза транзицијата кон демократија. Време е за ново конфронтирачко „движечко“ политичко дејствување на опозицијата, приспособено за условите на кризата. Зашто доста ми е од конструктивна и подзаспана опозиција. Време е власта да го почувствува пулсот на народот. Онака како што го почувствуваа владите во светот во 2020 година.