Консензуална девијација: кога владеењето на политиката е над владеењето на правото

482

Замислете да немавме вакви политичари при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, па за новата територијална поделба, Бадинтеровото мнозинство, амнестијата на хашките случаи, законот за јазици од 2008 г., и овој последниов. Како без нив ќе можевме да живеевме во едно вакво „хармонично“ политички фрагментирано и етнички поделено општество, во коe срцето на моќта не произлегува од Уставот, туку од политичкиот договор

И каде од тука? Венецијанската комисија го фрли сидрото што ќе нѐ повлече напред, во минатото. Од кое не можеме да се одлепиме. Демократијата беше и остана привилегија на моментот во Македонија, и ништо повеќе. Момент што одамна го изгубивме, во Уставот, законите, Бадинтер, квотите, јазикот на малцинствата, консензуалноста. Во Македонија со години демократијата има исто лице. Има ист наратив што се повторува. И одново и одново нѐ враќа на почеток, без завршница.
Понекогаш заморува да се слушаат истите рефрени со години. Како стара и заборавена плоча што постојано ја вртите на џубокс. Консензуална интеграција како платформа врз која ќе се гради консензусот за есенцијалните одлуки во државата и ќе се анулира мајоризацијата во Македонија. Консензус наспроти надгласување. Консензуалната интеграција на општеството, на регионот и на ЕУ и на НАТО, консензуален буџет, консензуален претседател на државата, консензуални градоначалници. И надграден концепт на консензуална демократија со кој се спори одлуката на Венецијанската комисија за законот за јазиците како неприфатлива за албанската етничка заедница во Македонија. Затоа што правото на јазик е од бога дадено. А кога правото не подлежи на земен авторитет, само божествена власт може да суди за негова примена. Со други зборови, каква Венецијанска, каков Уставен суд. Сѐ е до божјата волја во примена на законот за јазиците и двојазичноста во Македонија. Ова е ехото на „напредната“ консензуална постконфликтна Македонија.

Велат дека консензуалниот модел на демократијата е препорачлив за транзициските мултиетнички држави, за разлика од вестминстерскиот стил на демократија, кој сепак бара зрели политичари, стабилни државни институции и стабилен политички систем. Сето она што не успеавме да го изградиме од осамостојувањето. Затоа сме подложни на уставен инженеринг низ кој очајно се обидуваме да воспоставиме каква-таква демократија. Кога имате устав што може да истрпи сѐ, не треба да се грижите за својата иднина. Секогаш може да ја напишете, или да ви ја напишат. Па макар било тоа и во Тирана.
Кога ви се нуди консензусот како алтернатива на мнозинскиот принцип, ви се нуди „прост модел на демократија“. Каква демократија такви политичари. Едно морам да им признаам на политичарите во Македонија: имаат широка апсорпциска моќ за идеите што се пласираат како политички нуспродукт на демократскиот развој на мултиетничките држави, без притоа да реагираат соодветно. Затоа, еден проблематичен концепт каков што е консензуалната демократија од аспект на теоријата на општествениот избор, кој вообичаено води кон бикамерализам (дводомност) и федерализам, не ги загрижува. А и зашто би го загрижувал кога во Македонија сѐ е предмет на политички пазар.

Затоа Македонија лесно стана полигон на кој со години се тестираат демократски модели во етнички поделена држава, кои треба да ги менаџираат интензитетот на сецесионизмот на малцинствата и капацитетот на централните власти да се справат со ваквите барања. Државата нѐ направи заморчиња што консумираат некој извитоперен мултиетнички консензуален модел, кој не ќе да е вистинскиот пат на демократијата по кој Македонија треба да чекори. Колку сакаат уставните маргиналци, гастарбајтерите во политиката, нереализираните академски граѓани, странските мешетари да нѐ убедуваат дека сме на правиот пат, се гледа каде води тој. Кон етнофедерализација и самоукинување на државата. Времето ќе биде рецензент на ова што го пишувам.
Уште кога знаете дека принципот на владеење на правото е жртвуван во името на консензуалниот начин на носење на одлуки, зарем може да верувате дека во вака етнички поделено општество овој принцип ќе биде регулатор на владината моќ и арбитрарноста во нејзиното практицирање. Зарем некој сѐ уште верува дека низ него се оживотворува принципот на еднаквост пред законот, преку кој се испорачуваат процедурална и формална правда во државата.
Да му дадете етнички или, ако сакате, политички предзнак на принципот на владеење на правото, е повеќе од незнаење. Тоа е обичен дилетантизам. Можете да правите компромиси во политиката, но не и во правото. Да не беа ДУИ ќе останев непросветлен. Фала му на бога што имаме политичари „визионери“ како премиерот, што „не е наивен“ да го прелаже некојаси Венецијанска комисија повторно да отвора прашања што би можеле да нѐ поделат.

Замислете да немавме вакви политичари при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, па за новата територијална поделба, Бадинтеровото мнозинство, амнестијата на хашките случаи, законот за јазици од 2008, и овој последниов. Како без нив ќе можевме да живеевме во едно вакво „хармонично“ политички фрагментирано и етнички поделено општество, во коe срцето на моќта не произлегува од Уставот, туку од политичкиот договор. Се разбира со Албанците.
Затоа Венецијанската комисија подобро да си ја гледа својата работа. А не дополнително да ни ги дели општеството и нашиот консензуален хармоничен соживот. Па зарем еден противуставен закон за јазиците треба да го наруши соживотот, на Албанците и мултиетничкиот народ. Во кој вложивме сѐ, дури надминувајќи ги и меѓународните стандарди во почитување на правата на малцинствата. Поточно етничките заедници што не се малцинства. Тоа беа помалите етнички заедници. Оди сега фати му го крајот.